Во текот на својата кариера, авторот на научна фантастика Филип К. Дик во своите романи и раскази се соочувал со бездушни корпорации, авторитарни влади и божествени ентитети. Неговото творештво подоцна инспирирало генерации автори на научна фантастика и послужило како основа за повеќе од десет телевизиски и филмски адаптации. Дознајте повеќе за фасцинантниот ум зад „Истребувач“ (Blade Runner), „Малцински извештај“ (Minority Report) и многу други значајни дела од жанрот, пренесени на забавниот електронски портал Mental Floss, во текст на Кејти Денси-Даунс.
:fill(white)/https://www.foliosociety.com/static/cms/media/Adobe-Express%20-%20file%20(11).jpg)
(извор: Folio Society)
Филип К. Дик случајно почнал да чита научна фантастика
Дик почнал да чита научна фантастика кога имал околу 12 години, но тоа не било нешто што намерно го барал. Кога влегол во продавница за да го купи најновиот број на списанието „Популарна наука“ (Popular Science), полицата била празна. Му паднало в очи списание наречено„Возбудлива научна фантастика“ (Stirring Science Fiction), и си помислил: „Па, насловот е сличен“, и решил да го купи. Оттогаш се навлекол на жанрот. Подоцна изјавил дека пишувањето било ужасно, но успеал да ја суспендира својата недоверба и да ужива во необичните приказни. Дик почнал да го чита секој автор на научна фантастика што можел да го најде и го следел жанрот до крајот на својот живот. Во интервју од 1974 година рекол дека негови омилени автори во тоа време биле Џон Сладек, Чип Дилејни и Урсула Ле Гвин.
Верувал дека натприроден глас го водел низ животот
Дик во повеќе наврати тврдел дека бестелесен глас повремено му се појавувал за да го води низ клучни моменти од животот. Тој го нарекувал Руах, што значи Божји дух, и првпат почнал да му зборува во средно училиште кога заглавил на тест по физика, кој, според него, го положил со помош на гласот. Гласот подоцна повторно се појавувал на кратки интервали и давал кратки совети пред повторно да исчезне. „Морам да бидам многу восприемчив за да го слушнам. Звучи како да доаѓа од милиони километри далеку“, рекол еднаш Дик.
За време на еден таков „разговор“ (проследен со заслепувачка розова светлина), авторот тврдел дека гласот го предупредил дека неговиот син е во опасност да умре од недијагностицирана десна ингвинална кила. Иако неговото раскажување се разликува од она на сопругата, тие на крај го однеле бебето кај специјалист, каде што било официјално дијагностицирано и успешно оперирано. Многу детали поврзани со гласот подоцна се појавиле во книгата „ВАЛИС“, каде што фикционализирана верзија на Дик (наречена Хорселовер Фет) е водена од слична семоќна розова светлина. Подоцна изјавил дека гласот целосно замолкнал откако ја напишал „Божествена инвазија“, продолжението на „ВАЛИС“.
Првиот роман на Дик му донел само околу 1500 долари за 20 години
И покрај тоа што е еден од најценетите автори на научна фантастика, Дик не заработувал многу од своите дела. Во интервју од 1976 година рекол дека неговиот прв роман, „Сончевата лотарија“ од 1955 година, му донел околу 1500 долари (околу 7705 долари денес) во првите 20 години по објавувањето, тој добил 1000 долари однапред и уште 500 долари десет години подоцна за повторно печатење. Неколку години подоцна, неговиот прв роман со тврда корица, „Разместеното време“ од 1959 година, му донел само 750 долари (околу 7500 долари денес).
Читал вистински дневници на Гестапо додека го пишувал „Човекот во високиот замок“
„Човекот во високиот замок“ прикажува застрашувачка алтернативна реалност во која нацистичка Германија и Јапонија победиле во Втората светска војна и го поделиле светот меѓу себе. При истражувањето за романот, Дик седум години проучувал документи за да открие какви одлуки би можеле реално да доведат до победа на нацистите. Тоа вклучувало и читање вистински дневници на Гестапо за подобро да го разбере нивниот начин на размислување. Иако материјалот му помогнал да создаде поверодостојна приказна, искуството било премногу вознемирувачко за да размислува за продолжение. „Неколкупати се обидов да напишам продолжение, но ќе требаше повторно да читам за нацистите“, рекол Дик. „И би сакал да ги уништам сите – тоа е она што би сакал да го направам. Затоа никогаш не напишав продолжение.“
Го мразел оригиналното сценарио за „Истребувач“ (Blade Runner)
„Истребувач“ е филм заснован на романот „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“ и се работи за една од најпознатите екранизации на делата на Дик, но авторот не бил воодушевен од оригиналното сценарио напишано од Хемптон Фанчер.
„Од мојата книга ги избришале сите суптилности и значења […] Приказната стана борба меѓу андроиди и ловец на награди“, рекол Дик во своето последно интервју. Но студиото подоцна го ангажирало Дејвид Пиплс да го преработи сценариото, кое Дик го опишал како „едноставно сензационално“.
Одбил да напише романизизација на „Истребувач“
Иако „Истребувач“ е екранизација на роман на Дик, филмот значително се разликува од оригиналниот текст. За да се создаде поголема поврзаност со филмот, студиото му понудило голема сума пари да напише роман заснован на сценариото, но тоа доаѓало со услов.
„Парите што ми беа понудени беа неверојатни, а филмските продуценти понудија и удел во маркетиншките права. Но, бараа да се потисне оригиналниот роман „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“ во корист на комерцијализирана верзија заснована на сценариото“, рекол Дик. „Мојата агенција пресмета дека би заработил околу 400.000 долари доколку ја напишам романизацијата. Наспроти тоа, повторното објавување на оригиналниот роман ќе ми донесеше околу 12.500 долари.“
И покрај тоа, Дик и неговата агенција „останале цврсто на својата одлука“ и повторно го објавиле оригиналниот роман, и покрај заканите на студиото дека нема да им дозволат да го спомнуваат „Истребувач“ на корицата.
Сите големи екранизации на неговите дела биле објавени по неговата смрт
Иако делата на Филип К. Дик инспирирале бројни телевизиски серии и филмови — „Малцински извештај“, „Темно скенирање“ и „Вкупно сеќавање“ (Total Recall) (двапати!) – само една екранизација била објавена додека бил жив. Тоа била епизода од британската ТВ серија „Надвор од овој свет“ од 1962 година, лабаво заснована на неговиот расказ „Натрапник“ од 1953 година. За жал, сите епизоди освен една биле избришани по емитувањето, па денес не можат да се гледаат.
Дик бил жив за време на поголемиот дел од продукцијата на „Истребувач“, но починал на 2 март 1982 година, само неколку месеци пред премиерата. Сепак, видел неколку специјални ефекти од филмот за време на продукцијата и бил импресиониран, велејќи дека мајсторот за визуелни ефекти Даглас Трамбул совршено ја доловил неговата визија за футуристички Лос Анџелес. До крајот на животот неговото мислење за филмот станало многу попозитивно, а во своето последно интервју дури изразил и возбуда за премиерата: „Слушам дека филмот ќе има свечена премиера во стар стил. Тоа значи дека ќе треба да купам, или изнајмам, црн смокинг, што баш и не ми се допаѓа. Тоа не е мој стил. Повеќе сакам маица.“
Бил претворен во андроид во 2005 година (а потоа повторно во 2011 година)
Во 2005 година, компанијата „Хенсон Роботикс“ претставила андроид моделиран според Дик на Wired NextFest. Проектот бил замисла на Дејвид Хансон и бил колку што е можно поверен на вистинскиот автор за технологијата од тоа време. Андроидот носел облека донирана од децата на Дик, имал синтетичко лице кое изгледало изненадувачки реалистично и зборувал со вистинскиот глас на авторот. За да се овозможи говорот, илјадници страници од дневниците, интервјуата и книгите на Дик биле внесени во софтверот на роботот. Така, луѓето можеле да поставуваат прашања и да добиваат одговори со „гласот“ на Дик. Ако прашањето не било дел од внесените податоци, постоел систем што се обидувал да го протолкува јазикот и да даде одговор. Во необичен пресврт, роботската глава на Дик била изгубена откако Хансон ја заборавил во спортска торба додека менувал авион на пат кон Сан Франциско. Во 2011 година била изработена нова, по цена од 50.000 долари, со подобрени изрази на лицето и технологија за вид.
