Чарлс Буковски е еден од најпознатите американски писатели на 20 век. Освен неговите романи како „Пошта“ и „Фактотум“, тој е можеби и најпознат по неговата поезија: сирова, емотивна, експлозивна и меланхолична. За него често се вели дека фрла светлина врз грдото лице на Америка, она за кое никој не сака да зборува и сите се преправаат дека не го гледаат, можеби и затоа е толку читан и почитуван и по децении од неговата смрт. Денес прочитајте еден интересен текст на писателот Абел Дебрито, кој е и уредник на „Бура за живите и мртвите“, збирка песни од Буковски која излезе пред неколку години, во кој тој се осврнува на односот со неговиот пријател и уредник.

Не е никаква новост дека Чарлс Буковски беше писател каков што се појавува еднаш во генерација: женкар, пијаница, „валкан старец“, полуобразован незнајко кој не можел да ги разликува Херкул од Хитлер, кафански тепач, „Шекспир на канализацијата“ – и уште многу други, не баш ласкави митски претстави што и денес кружат околу него. Се разбира, дел од нив биле и само-митологизација, намерно негувана од самиот Буковски. Рано сфатил дека контроверзноста помага во продажбата; кога на насловната страница на неговата тогаш шокантно насловена книга „Ерекции, ејакулации и егзибиции и приказни за обичното лудило“ стави крупен план од своето разорено лице, тоа само ја потврди неговата поента: реакциите му биле речиси подеднакво драги како и продажбата.
За еден толку контроверзен автор, кој постојано изгледаше како да пиел цел ден, тој беше неверојатно плоден. Фактот дека напишал околу 5.000 песни зборува само за себе. Но како, и кога, успеал да напише толку многу? Помогнале неговата германска дисциплина и издржливост; не и неговата неуредност.
По прилично колебливиот почеток како поет во 40, и 50. години на 20 век, Буковски во 60. години почнал да се гледа себеси како вистински поет и почнал да ги испраќа своите песни буквално насекаде. Уредниците на малите издавачки куќи биле збунети: „Кој е овој човек? Од каде доаѓа овој толку уникатен глас?“ Им се допаѓала непосредноста и сировоста на неговата поезија и често ги објавувале неговите песни во своите мали списанија, верно пресликувајќи ги, вклучувајќи ги и сите печатни грешки. До крајот на деценијата тој веќе бил најобјавуваниот поет на малата алтернативна сцена и дури и бил нарекуван Крал на „андеграундот“. Импресивно достигнување за човек кој истовремено работел во пошта и речиси секојдневно се опивал.
Но неговата негрижа не му помагала многу. Во раните 60. години почнал да ги испраќа своите песни до огромен број мали списанија. Многу од нив се губеле по пошта, а тој не правел копии. „Ако чувам копии, тогаш и јас сум позер што бара лесна заработка и лесна слава“, изјавил во тоа време. До 1967 година тврдел дека на овој начин изгубил околу 500 песни. Неговиот тогашен пријател, професорот Вилијам Корингтон, толку се изнервирал од тврдоглавото одбивање на Буковски да прави копии што го нарекол „ебен анархист“. Некои би рекле дека тоа и не е сосема неточно.
Работите се смениле кога на сцената се појавил Џон Мартин. Мартин, кој практично ја основал денес веќе митолошката издавачката куќа „Блек Спероу Прес“ (Black Sparrow Press) за да ја објавува поезијата на Буковски, успеал да го убеди да прави копии од сè што пишува. Буковски се согласил: обично правел две копии, една за Мартин и една за малите списанија, а оригиналниот машинопис го задржувал за себе. Подоцна Буковски ги продал своите архиви на неколку библиотеки.
Мартин бил целосно одговорен за изборот и уредувањето на материјалот што се појавувал во поетските збирки. Како што ми објасни во 2014 година:
„Буковски, уште од книгата „На улицата на теророт и патот на агонијата“ од 1968 година, никогаш не се замараше сам да ги избира песните за своите книги. Ми испраќаше сè што ќе напишеше, од недела за недела. Јас ги чував ракописите. Потоа, еднаш годишно ги прегледував, одбирајќи двесте или триста страници песни, ги подредував, правев мали уредувања каде што беше потребно и му го испраќав предложениот ракопис на Хенк. Тој никогаш не менуваше ништо.“
Тоа е точно. Буковски ги читал пробните ракописи, давал зелено светло и Мартин ја објавувал книгата. Бидејќи бил толку продуктивен, Буковски немал многу време внимателно да ги прегледува поправките и тие мали уредувања или не ги забележувал, или не му пречеле. Како што често знаел да каже, тој бил заинтересиран само за следниот стих. Песните ги пишувал и потоа речиси веднаш ги заборавал.
Она што не е сосема точно е тврдењето дека Буковски побарал од Мартин да зачува дел од неговите најдобри песни за да бидат објавени по неговата смрт. Тоа е еден од оние митови што и денес кружат, особено на интернет. Единственото нешто што Буковски го правел било означување на своите омилени песни со ѕвездичка (*) кога испраќал нов пакет до Мартин, но никогаш не рекол: „Еј, Џон, објави ги овие во следната книга!“ или „Џон, овие се толку добри – објави ги кога ќе умрам.“ Тој само ги означувал, а тоа траело само еден краток период во средината на 70. години на 20 век. Сето уредување го правел Мартин. Буковски не бил примадона и имал доверба дека Мартин добро си ја врши работата. И песните кои биле постхумно објавени биле избрани и уредени од Мартин, исто како и додека Буковски бил жив. Во целина, Буковски бил задоволен од неговото уредување, иако низ годините знаел да изнесе по некоја ситна забелешка.
Во средината на 80. години на 20 век, Буковски тврдел дека Мартин објавува само една шестина од неговото вистинско творештво со образложението дека премногу книги би го преплавиле пазарот. Во писмо од 1986 година до Мартин тој напишал:
„Почнувам да сфаќам дека „Блек Спероу“ може да го објавува само она што сака […] Како да имаш некаков чудовишен мајмун во кафез што го покажуваш кога ти ќе посакаш […] Постојано ме задржуваш, а моите читатели беснеат за уште […] Ова е убиство. Ме убиваш. Ниту еден поет во своето време не бил толку ограничуван како што ме ограничуваш ти.“
Убиство или не, некои од тие необјавени песни денес се вклучени во „Бура за живите и мртвите“.
Буковски исто така тврдел дека Мартин не бил премногу наклонет кон објавување на неговиот „пожесток“ материјал, делумно поради неговите религиозни уверувања како припадник на Христијанската наука. Во „Бура за живите и мртвите“ има неколку песни што некои читатели сигурно ќе ги сметаат за диви, ако не и отворено непристојни: „љубовна песна“, „лоша среќа“, „меурчиња од топла вода“ и „Мислев дека ќе ми се посреќи“ се меѓу нив – можеби не толку шокантни денес како што биле во 70. години на 20 век.
На крајот, Буковски знаел да полуди поради одбивањето на Мартин да објавува големи серии од неговите песни во мали списанија како „The New York Quarterly“ и „The Wormwood Review“, особено ако тие требало да се појават како мали книжни изданија. Мартин сметал дека таквите изданија можат да ѝ наштетат на продажбата на „Блек Спероу Прес“. Видно изнервиран, Буковски тврдел дека нема време да лиже толку многу коверти ако треба да испраќа помали серии во поголем број списанија, бидејќи процесот на испраќање бил бавен и досаден за некој толку плоден како него.
Во раните 90. години на 20 век, неговата продуктивност значително се зголемила откако за Божиќ добил компјутер. Тој бил како дете со нова играчка: пишувал песни речиси трескавично, секоја вечер до доцна по полноќ. Малите списанија едноставно не можеле да го следат неговото огромно книжевно производство. „Ми снемува списанија за да им испраќам песни. Дури и некои универзитетски публикации почнаа да ги прифаќаат моите работи“, му напишал на Мартин во 1992 година. Затоа има смисла што понекогаш се лутел кога Мартин го молел да престане да испраќа толку големи серии песни до уредниците на малите издавачки куќи.
И покрај овие поплаки, Буковски честопати ја фалел својата соработка со Мартин во својата поезија и преписки, велејќи колку е горд на нивното „магично патување“ заедно во 1982 година. Десет години подоцна бил уште појасен:
„Работевме со целосна доверба и хармонија. Не се сеќавам дека некогаш сме се скарале за нешто.“
Се разбира, можеби ќе го сменел мислењето ако ги видел збунувачките уреднички интервенции направени во некои од неговите песни по неговата смрт. Но тоа е приказна за некоја друга прилика. Во меѓувреме, 72 претходно несобрани песни и 26 досега необјавени песни што се појавуваат во „Бура за живите и мртвите“ се објавени без никакви измени. Ова е првата целосно нова поетска збирка по 25 години што верно ги пренесува песните на Буковски токму онака како што ги напишал. Книгата е уредена од Абел Дебрито беше издадена од издавачката куќа „Еко“.
