Во последниве неколку години постојано се дебатира околу е-книгите и печатените книги и овие дебати се секогаш жестоки. Сепак и двата формати си имаат свои позитивни страни и она што е најважно е секој да си го избере својот омилен формат. Но, пребарувајќи низ интернетот се појави оваа интересна колумна на Винсент Фан за „1000 Libraries Magazine“ која е еден вид ода на печатените книги и зошто според него (и науката) нашиот мозок повеќе ги сака печатените книги отколку екраните. За ова веќе е пишувано на блогот (види: „Седум научни факти во одбрана на печатените книги“ и „Пет причини зошто книгите со корици се подобри од е-книгите“), но секогаш е добро да се освежи помнењето.
(избор: Hümâ H. Yardım за Unsplash)
Дали навистина печатените книги го ангажираат мозокот повеќе од екраните? Ајде да погледнеме што вели истражувањето за начинот на кој читаме – и зошто печатeните книги сè уште имаат значење. Нема сомнеж: нашите екрани се многу посветли од книгите што ги читаме. Тие можат да ни прикажат бои и видеа, сè со еден клик, но дали можат да ни го осветлат и умот?
Дали печатените книги стануваат застарени?
Некои тврдат дека читањето печатени книги ќе стане реликт од минатото. Или уште повеќе, дека електронското читање ќе стане норма. Овие предвидувања не се целосно погрешни. Kindle и Kobo доживеаја огромна популарност, но печатените книги никако не исчезнуваат. И покрај тоа што можеме да преземеме речиси сè со еден допир, луѓето сè уште одат во локални книжарници или антикварници и купуваат печатени романи. Логично би било да го избереме полесниот избор. Па зошто сè уште нè привлекуваат пожолтените страници на минатото?
Како читањето на печатените книги ја активира просторната меморија?
Една од најинтересните причини е научна. Кога ги затемнуваме светлата и го започнуваме првото поглавје од нов криминалистички роман, не го задоволуваме само нашето љубопитство, ние го осветлуваме мозокот како хоризонтот на Менхетен. Нашиот мозок е привлечен од допирот, од нештата што физички постојат и ја ангажираат нашата просторна меморија.
Врската меѓу чувството на хартијата, вртењето на страницата и мислењето за прочитаното е неверојатно важна. Таа создава многу подлабока меморија отколку читањето текст на екран. Нашиот мозок ги доживува е-читачите како нешто привремено; дури и кога сакаме длабоко да се внесеме во текстот, веројатно ќе запомниме помалку. Поради перцепцијата дека е-книгите се минлив медиум, при читање на екран се активираат помалку делови од мозокот. Иако визуелно можеби изгледа повозбудливо, когнитивно е далеку помалку стимулирачко.
Бавно живеење, фокус и враќањето кон печатените книги
2025 година изгледаше како година на „бавно живеење“. Живееме во свет на притисоци, рокови и бескрајни листи со обврски, што доведе до масовен физички и емоционален замор. Очигледно е дека сме во потрага по поинакви филозофии на животот – нешто што не е исполнето со постојан стрес и незадоволувачка работа. Не е за изненадување што расте интересот за филозофии на бавно живеење од различни делови на светот. Без разлика дали станува збор за Hygge од Данска или Ubuntu од Јужна Африка, овие идеи, некогаш длабоко вкоренети во своите култури, денес стануваат дел од глобалната сцена. Нам ни е потребно умот да се смири, да се ослободиме од постојаното зуење и притисокот. Земaњето печатена книга ни нуди редок момент на мир – можност конечно да здивнеме и да се фокусираме на едно нешто во определен период.
Дали младите сè уште ги претпочитаат печатените книги?
Книгите тивко му се спротивставуваат на преоптоварувањето од одвлекувањата што ни го нудат екраните. Тие го зајакнуваат фокусот и се борат против нашата навика да „прелетуваме“ преку информациите. И младите не се исклучок од ова. Едно истражување од 2019 година покажало дека 74% од лицата на возраст од 18 до 29 години и понатаму ги претпочитаат печатените книги наместо електронските.
Можеби дигитално читаме побрзо – но дали тоа е поентата? Читаме за задоволство, но и за разбирање. Нашиот мозок сака да се вклучи во содржината, да поставува прашања, да размислува за ставовите на авторот или авторката. Како кога „прелетуваме“ низ статија, така и брзото „прелетување“ низ книгите често нè остава со мноштво полувистини и површно знаење. Традиционалното читање активира далеку повеќе делови од мозокот – делови што новите технологии не можат целосно да ги допрат. Тоа што е-книгите се знак на технолошки напредок не значи и дека автоматски се супериорни.
Што добиваме од технологијата, а што губиме?
Дистопискиот роман „Храбар нов свет“ од Олдос Хаксли опишува иднина во која луѓето постојано живеат во состојба на вештачки произведено задоволство. Тие живеат за тоа чувство, и ретко доживуваат мигови на длабока контемплација. Животот во овој „храбар нов свет“ е површен, но неговите жители сметаат дека традиционалните начини на живеење се нецивилизирани во споредба со нивните технолошки напредни градови. Хаксли веројатно не би ги осудил е-книгите, тие сепак се форма на читање и критичко размислување, но можеби би нè предупредил дека не секој технолошки напредок е автоматски подобар. Би прашал: што сме подготвени да жртвуваме во име на прогресот?
Зошто печатените книги сè уште имаат значење?
Физичките книги постојат со векови – од глинените плочки до печатените страници што ги краселе полиците на императори и аристократи, а денес, се надеваме, и вашите. Нашиот свет можеби е храбар и донекаде нов, но не ја заборавивме вредноста на старото. Светлината на нашите екрани можеби е впечатлива, но никогаш не може да се спореди со непобитната убавина на ум што е осветлен и разбуден.

