Отвори прозорец кон нови светови: Познати датумите за Саем на книга 2026!

Саемот на книга за љубител(к)ите на книги е вистински празник. Секоја година Саемот ги отвора своите врати за читател(к)ите, автор(к)ите и го слави пишаниот збор. Издавачките куќи ги подготвуваат своите новитети и подготвуваат изненадувања и попусти, а посетител(к)ите ги подготвуваат своите списоци со книги кои постојано се зголемуваат. Па еве, дојде времето кога треба да ги извадите своите нотеси и да почнете со запишување на вашите желби бидејќи познати ни се датумите за одржување на 38. издание на Саемот на книга.

Под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, Саемот на книгата ќе се одржи во периодот од 23 до 29 април, а локацијата повторно ќе биде во Aрената „Борис Трајковски“ во Скопје. Како што се наведува во објавата на „Скопски саем“, „во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот“.

Според најавите, Саемот на книга ветува богата програма со промоции на нови книги, средби со автор(к)и, дискусии, работилници и панели, како и попусти и понуди на книги за сите генерации, а ќе има и специјална програма за најмалите читател(к)и. Судејќи според минатите години, и оваа година ќе имате можност да сретнете некои од автор(к)ите чии дела ги почитувате, но и да ја освежите вашата домашна библиотека. Како што велат организаторите, главната цел на саемот е „да се слави книгата, и да се поттикне љубовта кон литературата и читањето во заедницата“.

Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден помеѓу 10 и 20 часот, редовната влезница ќе чини 100 денари, влезница за организирани посети на ученици ќе изнесува 50 денари по ученик/ученичка, а влезница за три посети на саемот ќе изнесува 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител. Со секоја купена редовна влезница Саемот на книга донира средства на СОС детското село и истиот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Организаторите велат дека очекуваат околу 30.000 посетители, како и присуство на 60 издавачки куќи и повеќе од 100 промоции на наслови и автор(к)и.

Започнете да ги запишувате вашите омилени книги кои сакате да бидат дел од вашата домашна библиотека, а Кафе и книги ќе продолжи да пренесува новости околу Саемот на книга.

Извор: Скопски саем

Leave a comment