„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е Роман на годината за 2025 година!

Наградата „Роман на годината“ е една од најзначајните награди што се доделува во Македонија, која им оддава признание на романите што сте истакнале во текот на една календарска година и која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Добитникот на наградата традиционално се објавува во март, па така денес во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, конечно го добивме името на романот кој се закити со оваа престижна награда, а тоа е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Ламина“.

(Извор: Арс Ламина)

„Арс Ламина“ на својата веб-страница ја објави и изјавата на по повод добивањето на наградата:

„Од сè срце му се заблагодарам на жирито и особено на „Две Марии“ на Славко Јаневски од каде што тргнаа моите „Три Марии“. Им се заблагодарувам на сите претходници со кои се занимавам децении наназад, за да им се оддаде заслужената почит, за да им се навратиме, да ги реактуелизираме, да ги стркаламе нивните зборови како џамлии во нашите реченици, или нашите писма да ги испрпелкаме во нивните како во шеќер во прав, да ги пофатиме и размрсиме заплетканите нишки на континуитетот или на дисконтинуитетот… Со добивањето на оваа награда, имам чувство како претходниците – преку Славко Јаневски, здружени со современиците (членовите на жирито), да ми возвраќаат за почитта и грижата и за едните и за другите. Не знам што ќе се случело и дали воопшто нешто ќе се променело или ќе останело какво што беше, доколку наградата ја добиев на 35, 40 или 50 години. Дали ќе напишев повеќе книги отколку што напишав; дали ќе напишев подобри (или полоши) книги од тие што веќе ги напишав. Но, сепак, со сигурност знам дека сега ништо нема да се случи по наградата, ниту, пак, нешто ќе се промени. Се радувам, се разбира, но ќе продолжам трипати да читам, еднаш да пишувам, како и досега. Ќе продолжам да се радувам и на туѓите награди и книги, не само на своите. Сакам да им посакам на сите млади колеги, особено на оние кои допрва започнуваат со оваа работа – акцентот да го стават и трајно да го позиционираат на читањето, не на пишувањето; зашто, за да може да се напише она што не се случило поубедливо и подобро отколку што би било доколку се случело, мора да се прочита дури и ненапишаното, а не пак напишаното.“

„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Оливера Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, a на корицата на романот е употребен детаљ од сликата „Бош“ од Славко Јаневски, а дизајнот е дело на Марко Трпески. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година.

Покрај „Роман на годината“, Ќорвезироска за „Три Марии“ ги доби и: наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно дело за 2025 година, како и „Рациновото признание“, со што стана првиот македонски писател што ги добил овие три престижни признанија за едно исто дело.

На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи, а жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата).

Во најтесниот избор, покрај победничкиот роман, влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Наградата „Роман на годината“, која годинава се додели по 27. пат, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител на наградата е Комерцијална банка АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Минатогодишен лауреат беше романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

Leave a comment