~ „Без уметноста, суровоста на реалноста би го направила светот неподнослив.“ ~
Животот и делото на Џорџ Бернард Шо имаат многу аспекти. Тој, меѓу другото, бил социјалист, активист, интелектуалец, драматург, автор и критичар. Тој исто така бил човек познат по своите сложени, а понекогаш и темни и контроверзни мислења, вклучувајќи ги и оние поврзани со фашизмот, нацизмот и сталинизмот. Како што било објавено во еден уреднички текст објавен во „Њу Стејтсмен“ по неговата смрт во 1950 година, „ЏБШ беше толку голем што сите ние имаме свои лични Шо-а“. Во продолжение прочитајте неколку интересни факти за него, споделени на веб-страницата на Националната галерија на Ирска.

(извор: Би-Би-Си)
Шо освоил и Нобелова награда и Оскар
Шо е само еден од двајцата луѓе што освоиле и Оскар и Нобелова награда за книжевност. Тој ја добил Нобеловата награда во 1925 година; комитетот рекол дека неговото дело е „обележано и со идеализам и со човечност, а неговата стимулирачка сатира честопати е исполнета со единствена поетска убавина“. Со типична Шовијска духовитост, тој првично не сакал да ја прифати, велејќи: „Можам да му простам на Нобел што го измисли динамитот, но само демон во човечка форма можеше да ја измисли Нобеловата награда“. Подоцна попуштил и се согласил да ја прифати самата награда, но не и паричната награда, предлагајќи таа да се искористи за финансирање на преводот на делата од шведскиот драматург Август Стриндберг на англиски јазик. Шо го освоил Оскарот во 1939 година за најдобро сценарио за неговата улога во екранизацијата на неговата сопствена драма „Пигмалион“ за екранот. „Пигмалион“ подоцна ќе биде преработен и ќе се претвори во неверојатно успешниот мјузикл и филм „Мојата убава дама“. Шо беше единствениот добитник на обете награди до 2016 година, кога Нобеловата награда за книжевност му беше доделена на Боб Дилан. Дилан претходно освои Оскар во 2001 година за најдобра оригинална песна – неговата песна „Things have Changed“ беше претставена во филмот „Чудесните момчиња“.
Шо имал канцеларија од соништата!
Шо и неговата сопруга Шарлот се преселиле во селото Ајот Сент Лоренс во Хартфордшир во 1906 година, во куќа која првично била изградена како Нов парохиски дворец во 1902 година, но подоцна станала позната како „Шоуовото катче“. Шо изградил многу посебна и доста брилијантна „Колиба за пишување“ во градината на „Шоувото катче“, која ја користел за работа. Во суштина тоа била мала градинарска барака, но колибата била специјално дизајнирана да се ротира, така што Шо можел да ја добие најдобрата светлина во текот на целиот ден. Била монтирана на ротирачки механизам, така што наутро можел да ја ротира на исток, и како што денот одминувал и сонцето се поместувало, можел да излезе надвор и брзо да ја турне за да ја сврти кон светлината. Генијално!
Шо ѝ ја припишува на Националната галерија на Ирска заслугата за тоа што му дала „голем дел од единственото вистинско образование што некогаш го добил како момче во Ирска“.
Шо имал нередовно и недоследно образование и често менувал училишта. Помеѓу 1865 и 1871 година, тој посетувал три различни училишта. Поминал многу часови како дете и млад човек талкајќи низ собите на Националната галерија на Ирска истражувајќи ја колекцијата. Како начин да ѝ се заблагодари на Галеријата за тоа што таа била она што тој го нарекувал „ценетото прибрежиште од моето детство“, Шо решил да ѝ подари една третина од своите постхумни авторски права на Галеријата, неверојатно дарежлив гест кој направил огромна разлика за Галеријата во текот на изминатите 70 години. Образованието за уметнички стил и историја на уметност што го добил преку овие посети му помогнало на Шо во неговата подоцнежна работа како уметнички критичар, а влијанието на овој интерес за уметност може да се види и во неговите драми. Како што истакнува Финтан О’Тул во својата книга од 2017 година „Судејќи го Шо“: „Неговата прва амбиција била да биде уште еден Микеланџело, иако му недостасувал сериозен сликарски талент. Но, неговите часови во галеријата сепак имале длабок ефект врз неговиот подоцнежен уметнички развој. Иако му требало најмалку една деценија за да го сфати тоа, писателот Шо немал вистински интерес или способност за заплет. Неговиот дар бил за портрети и за сцени.“
Шо сакал да создаде своја азбука
Недоследностите во англискиот правопис биле постојана грижа на Шо, кој верувал дека азбуката е бариера против писменоста и со тоа претставувала и бариера за социјалната мобилност на сиромашните. Во својот тестамент, тој основал две „Азбучни фондации“ за да го финансира создавањето на сосема нова фонетска азбука од 40 букви. Едниот фонд требало да спроведе истражување, да собира статистика и да покаже како може да се заштеди време, труд и пари со користење на неговата предложена шавијанска азбука. Вториот требало да управува со публицитетот, дисеминацијата и транслитерацијата на неговата верзија на басната „Андрокле и лавот“ во новата фонетска азбука. Сепак, имало проблеми со валидноста на фондациите и, во февруари 1957 година, судовите пресудиле против тестаментот. Со вонсудска спогодба им биле доделени 8.300 фунти на Азбучните фондации, а „Андрокле и лавот“ била репродуцирана со шовијанската азбука и дистрибуирана до јавните библиотеки во Обединетото Кралство и до националните библиотеки во странство. Поддржувачите на Шо продолжиле да ја промовираат шовијанската азбука, но таа никогаш не била применета во поширокото општество.
Шо не постигнал успех преку ноќ!
Шо се преселил во Лондон во 1876 година, кога имал 20 години, за да им се придружи на сестра си и мајка си кои се преселиле таму во 1873 година. Тој го започнал својот професионален пат како писател потпирајќи се на многу мала помош од својот татко. Шо напишал пет романи помеѓу 1879 и 1883 година и секој еден од нив бил одбиен од издавачите, иако неговиот петти роман бил објавен во серијализирана форма во социјалистичкото списание „Ту-Деј“. Во 1885 година, тој почнал да добива постојана работа како уметнички рецензент, а во 1895 година станал драмски критичар за „Сатрдеј Ривју“. Поминале уште две години, кога Шо веќе имал наполнето 41 година, пред да биде продуцирана неговата прва финансиски успешна претстава, „Ученикот на ѓаволот“, со која Шо заработил 2.000 фунти. Самиот Шо бил претпазлив во врска со тоа што на почетокот и немал баш некој финансиски успех, пишувајќи му на друг критичар во 1894 година велејќи: „Ако вашиот престој и храна се загарантирани, можете да се сметате за крал“ (Финтан О’ Тул, „Судејќи го Шо“, 2017).
Шо бил вегетаријанец
Во 1881 година, на 25 години, Шо почнал да експериментира со вегетаријанството. Подоцна изјавил дека човек со неговиот „духовен интензитет не јаде трупови“. Шо го сметал јадењето за „проблематична неопходност“ и бил цврст застапник на чист живот – покрај тоа што избегнувал месо, не пиел алкохол, не пушел и не пиел ниту чај, ниту кафе!
