Утре (18 март) со почетокот од 19 часот во „Лабораториум“ ќе се одржи целовечерен поетско-музички настан „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша!“, во организација на Издавачки центар ТРИ, со поддршка на Општина Центар.
Како што се истакнува во најавата за настанот, триесетина истакнати македонски поети и поетеси ќе земат учество и ќе рецитираат стихови, а ќе бидат прочитани и песни што оставиле трага врз македонската поезија, а чии творци повеќе не се меѓу нас. Со оглед на тоа дека поезијата оди рака под рака со музика, организаторите велат дека оваа врска меѓу поезијата и музиката ќе биде истакната преку поврзување на стиховите со музиката на Зарина Првасевда, а по поетското читање ќе следува и забава со иновативните звуци на „Поетроника“.

Воедно, овој поетско-музички собир ќе биде и најава за „Антологија на патот“, зашто приредувачката на „Антологија на копнежот“, Виолета Танчева-Златева, продолжува со својата мисија за забележување и вреднување на придонесот на секој поет од домашната сцена.
Настанот е дел од одбележувањето на 50 години од постоењето на Општина Центар, со овој настан се одбележува и Светскиот ден на поезијата, кој традиционално се одбележува на 21 март. Влезот е слободен, а добредојдени се сите љубители на поезијата, музиката и убавиот збор.
Како што велат организаторите:
Поезијата не е само традиција, туку и живо дишење на градот, енергија што се пренесува од генерација на генерација. „Лабораториум“ станува простор во кој младите и искусните поети ќе се сретнат, зборот ќе стане музика, а музиката заеднички јазик.
