Класик не се пишува по распоред. Тој доаѓа кога еден писател(ка) доволно живеел(а), доволно страдал(а) или доволно долго размислувал(а) за конечно да проговори. Ако некогаш сте зјапале во празна страница и сте си помислиле: „Кога би имал(а) само малку повеќе време, ова би било одлично“, тогаш сте во добро друштво. Некои од најпознатите книги што некогаш биле напишани се создавале со години, понекогаш и со децении. Други, пак, се појавиле како креативен гром од ведро небо. Па колку време навистина е потребно за да се напише еден класик? Незадоволувачкиот, но искрен одговор е: колку и да му е потребно на еден писател за да го внесе целиот свој живот во него. Ова е темата на одличниот текст на Мили Рам за 1000 Library Magazine што можете да го прочитате подолу.
(Извор: Nathan Dumlao за Unsplash)
Долгото тлеење: кога книгата го чека својот момент
Виктор Иго го создавал „Клетници“ цели 17 години – од првата идеја до објавувањето, и да, тоа се чувствува на секоја страница од романот. Иго првпат ја замислил книгата во 40. години на 19 век и опсесивно ја разработувал нејзината структура. Потоа ја напуштил. Животот се вмешал. Политиката се вмешала. Прогонството се вмешало. Кога Наполеон го протерал Иго од Франција, книгата повторно му се вратила со нова итност. Тој повеќе не сакал само да напише роман. Сакал да го напише романот за сиромаштијата, неправдата и моралната одговорност. Нешто од кое Франција нема да може да го тргне погледот. Нешто што нема да може да се игнорира. Затоа „Клетници“ се чита така како што се чита. Секој спореден заплет, секое отстапување од главната приказна и секоја филозофска дигресија ја носат тежината на човек кој очајнички се обидува преку фикцијата повторно да го замисли општеството.
Слично монументално дело е и „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст, пишувано во текот на 13 години. Пруст работел до доцна ноќе, во кревет, опкружен со тетратки, нацрти и безброј исправки. Книгата едноставно продолжувала да расте. Токму кога ќе изгледало дека е завршена, тој додавал уште. Илјадници страници повеќе. Пруст ја преработувал својата творба сè до самиот крај на животот. Резултатот е роман што изгледа жив, како да… пораснал. Постојано се шири, затоа што никогаш не му било дозволено конечно да се смири.
Годините како бојно поле: кога пишувањето станува опстанок
Лав Толстој го опишувал пишувањето на „Војна и мир“ како бојно поле од кое не можел да избега, и му биле потребни пет до шест години целосно посветено пишување и преработување за да го „преживее“. Тој повеќепати го препишувал романот од почеток, менувајќи ликови, филозофии, па дури и самата цел на книгата. Затоа „Војна и мир“ содржи толку многу нешта. Семејства, армии, морални кризи и историски есеи се судираат на неговите страници, затоа што Толстој се обидувал одеднаш да го опфати целиот живот. Размерот на делото го одразува и самиот напор. Тој не усовршувал една идеја; се борел со самото постоење и се обидувал да го пренесе на страницата.
Џејмс Џојс водел поинаква битка со „Улис“, на кој работел седум години. Џојс пишувал низ сиромаштија, прогонство, речиси целосно губење на видот и немилосрден перфекционизам. Секое поглавје има сопствена структура, стил и јазичен експеримент. Тие седум години не биле потрошени во традиционално пишување на нацрт. Тие биле потрошени во измислување. Секој студент по книжевност ќе ви каже дека „Улис“ е револуционерно дело. Џојс создавал нов начин на пишување додека пишувал, и токму затоа романот изгледа како лавиринт изграден целосно со рака. Вие не читате само приказна; се движите низ наратив што постојано ги турка границите на јазикот.
Светови пред зборовите
Потоа е тука Џ. Р. Р. Толкин, чиј временски распоред речиси изгледа неправеден. „Господар на прстените“ се пишувал 12 години, но таа бројка ја крие вистинската приказна: Толкин поминал 30 години градејќи го својот свет пред повеќето читатели воопшто да го запознаат Фродо Багингс. Тој започнал да пишува во 1937 година и завршил во 1949. Секоја реченица е дел од внимателно исплетен, мајсторски изграден свет. Во секој дел од приказната се вградени јазици, мапи, истории и цели родослови. Со толку богата митологија не е чудно што Толкин бескрајно преработувал, плашејќи се дека митологијата може да се урне под сопствената тежина.
Брзи книги што носат цели животи
Тука работите стануваат интересни. Да, некои книги се пишувале со години. Дури и со децении. Но други…
Херман Мелвил го напишал „Моби Дик“ за само 18 месеци, што звучи неверојатно брзо за книга со таква длабочина и сложеност. Но таа брзина е измамничка. Мелвил пишувал брзо затоа што веќе го живеел материјалот. Тој бил морнар. Морето не било истражување – било спомен. Било негов дом. Среде пишувањето, по средбата со Натаниел Хоторн, Мелвил сепак запрел. Всушност, целосно ја преработил книгата, претворајќи ја од морска авантура во филозофски еп. И сепак го направил тоа со чувство на итност. Тој истурал цел живот искуство на страницата пред да исчезне.
Фјодор Достоевски малку подолго го пишувал романот „Браќата Карамазови“ – речиси две години. Тој го пишувал во последните години од својот живот, вложувајќи во него децении верувања, трауми, вера, сомнеж и политички конфликти. Скратениот временски период изгледа сосема соодветно затоа што Достоевски знаел дека можеби нема да преживее доволно долго за да го доврши. Секоја страница пулсира со интензитетот на човек што се обидува да ја победи судбината, очајно настојувајќи да ја предаде својата приказна на светот пред да си замине засекогаш.
Креативни ерупции: кога сè пристигнува одеднаш
Некои класици не тлеат и не растат тивко. Тие експлодираат.
Шарлот Бронте го напишала J„Џејн Ер’ за само седум месеци, на големо изненадување на нејзиниот издавач. Но тие месеци биле ослободување на години приватно пишување, потиснати амбиции и емоционален притисок. Романот се чита брзо затоа што бил напишан брзо. И сепак – е совршен. Ова е доказ дека мајсторството не секогаш доаѓа полека. Понекогаш се појавува целосно оформено, како брана што конечно попуштила.
Сличен образец има и „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес. Иако самиот роман бил напишан за само 18 месеци, Маркес со години пред тоа се мачел да го пронајде вистинскиот глас. Потоа, еден ден, на автопат во Мексико, тонот на романот му се појавил одеднаш. Тој го свртел автомобилот, се затворил во соба и пишувал секој ден, дури и продавајќи предмети од дома за да преживее. Неговото пишување не било мирна продуктивност; тоа биле 18 месеци ослободување по години фрустрација и неуспешни обиди.
Па… колку време навистина е потребно?
Кога ќе се погледнат сите овие временски линии, едно станува јасно: класиците не се мерат во месеци или години. Тие се мерат во искуство. Во живот. На некои писатели им треба време за идеите да созреат. На други им треба притисок. Некои имаат потреба од прогонство, опсесија, болест, љубов, сиромаштија или од постојаната свест за смртта. Класик ретко се пишува од нула. Тој се пишува од сè што дошло претходно.
Вистинскиот одговор на прашањето „Колку време е потребно за да се напише еден класик?“ е следниот:
Потребно е онолку време колку што му треба на еден писател да има нешто што повеќе не може да не го каже.

