Анеке Брасинга е добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година!

Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитничка на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година! Оваа одлука беше објавена во четвртокот (19 март) во просториите на МАНУ, а настанот беше организиран со соработка со Меѓународниот ПЕН и Друштвото на писателите на Македонија, чии членови по официјалното соопштување имаа поетско читање. Одлуката традиционално се објавува непосредно околу Светскиот ден на поезијата (21 март) и оваа година беше соопштена од в.д. директорот Никола Кукунеш, а за поетиката на Анеке Брасинга краток осврт имаше уметничкиот директор Мите Стефоски. Таа е првата поетеса од Холандија која го добива ова признание, а воедно е и петтата жена која се закитува со највисоката наградата на Струшките вечери на поезијата.

Советот за доделување на наградата „Златен венец“ на СВП во состав: академик Катица Ќулавкова, академик Иван Џепаровски, универзитетски професор, Лидија Капушевска Дракулевска, универзитетски професор, Бранко Цветкоски, поет, Славе Ѓорѓо Димоски, поет , Мите Стефоски, уметнички директор на НУМ СВП и Никола Кукунеш, в.д. директор на НУМ СВП, Управниот одбор на Националната установа Манифестација Струшки вечери на поезијата едногласно ја донел одлуката да се додели наградата на Анеке Брасинга.

Како што се наведува во одлуката, „Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брасинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брасинга за нејзиното севкупно поетско творештво.“

Во одлуката за доделување на наградата се наведува:

Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик.

Во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето. Нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се судираат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење.

Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.

Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија.

Со оваа одлука, доделувајќи и го „Златниот венец“ за 2026 година, Струшките вечери на поезијата ја изразуваат својата почит кон исклучителниот поетски опус на Анеке Брасинга и нејзиниот траен придонес во современата светска поезија.

Во продолжение прочитајте ја и нејзината порака по повод веста дека ја добила наградата „Златен венец“:

Голема чест и големо изненадување е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели Златниот венец за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија – и од минатото и од сегашноста.

Во рамките на Европа, холандскиот јазик природно зафаќа релативно ограничено подрачје. Поради тоа, низ вековите во холандската култура се преведувале многу големи поети и писатели од други култури: Данте, Вергилиј, Хомер, Шекспир, Чехов. Како мал јазик, отсекогаш сме се хранеле од она што ни го носел поширокиот свет. Таквата плодна размена на јазици и култури, на некој начин, отсекогаш била извор на слобода. Таа космополитска слобода ја среќаваме кај мислители како Еразмо и Спиноза, како и кај поети како Херман Гортер и Лусеберт.

За мене, како поет и како преведувач, често ми се чини како да сум пораснала во кошница во која пчелите цел ден носат мед од далечни места и времиња, со полиглотско зуење во внатрешноста на мојот сопствен јазик –  плод од делата на писатели од „other voices, other rooms“, како што пишува Труман Капоти. И како поетските фестивали, како Струшките вечери на поезијата или Poetry International во Ротердам, никогаш навистина да не завршуваат, туку како да продолжуваат и пред и по деновите на фестивалот на поезијата.

За мене поезијата е место каде што сите различни јазици, како што рече Валтер Бенјамин, учествуваат во едно симболично, метафорично пресоздавање или повторно откривање на еден единствен јазик – јазикот изгубен во Вавилон. Тоа е метафора, како што и поезијата сама по себе е метафора, заемно и внатрешно разбирање што се протега подалеку од непосредната рационалност, од вербалната размена, убедувањето или заповедта, стремејќи се кон сочувство, разбирање и почит кон нашите внатрешни и надворешни борби.

Во ова време од историјата на човештвото, секој знак и секој израз на човечката совест и свест, искажани во универзалниот јазик на поезијата, претставуваат вистинско богатство. Искрено сум благодарна што ќе учествувам на прочуениот меѓународен Струшки фестивал и се надевам дека Златниот венец ќе го носам со достоинство. Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик.

И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да го посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија. Токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија, а јас уште од детството бев една од тие читатели.

Биографија

Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете, Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела низ шумите на Гелдерланд. Од 1967 година живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во (дивата) природа. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска. Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.

Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието Ревизор (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во De Revisor – во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила Наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во Аурора (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката Имот (Landgoed), за која Брасинга ја добила Наградата „Херман Гортер“ – поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза Клешта (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ наградата за литература во 2001 година, поетската збирка Huisraad (1998) со Наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка Видик (Verschiet) (2001) и со Наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ награда за поезија 2002.

Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик.

Извор 1: Струшките вечери на поезијата
Извор 2: Струшките вечери на поезијата

Leave a comment