Џулијан Барнс е еден од најпознатите современи англиски писатели, најпознат по неговите дела „Папагалот на Флобер“, „Расправа во тројка“, „Шумот на времето“, „Елизабет Финч“, а за својот неверојатен роман „Ова личи на крај“, ја има добиено и престижната Букерова награда. Неодамна излезе и неговиот најнов и судејќи според сите најави, и последен роман „Заминување(а)“ (Departure(s)), па по тој повод во јануари тој се сложи да седне со новинарката Кејти Разал и да разговара на различни теми, како и за неговиот роман и интервјуто беше објавено на „Би-Би-Си“. Во продолжение прочитајте го интервјуто на македонски јазик, а најдолу можете да пристапите до оригиналната статија на англиски јазик.

(извор: BBC/Adam Walker)
Џулијан Барнс седи пред стара електричен машина за пишување во својата работна соба во северен Лондон. Го вклучува уредот и просторијата ја исполнува звук. „Едно зуење што вели: ‘Тука сум кога ти требам. Само те потсетувам дека сум вклучена и подготвена’“, вака прославениот романсиер го опишува тоа. Maшината за пишување „одговара на начинот на кој размислувам како писател“, додава тој, и почнува да ги удира копчињата. Се слуша уверливо тропкање додека поединечните букви ја погодуваат празната бела страница во брза, гласна низа:
Пред некој ден открив вознемирувачка можност…
Тоа е првата реченица од неговиот нов роман, „Заминување(а)“(Departure(s)).
Авторот седи во својата работна соба и пишува на доверливата машина за пишување на која ги изработува првите верзии од своите романи. Какво и да е тоа вознемирувачко фиктивно откритие, уште повознемирувачка за неговите верни читатели е веста дека Барнс вели дека никогаш повеќе нема да напише роман. „Заминување(а)“ (Departure(s)) треба да биде неговиот последен, и се објавува непосредно пред неговиот 80. роденден. „Чувствувате дека сте ги отсвиреле своите мелодии“, објаснува тој. „Додека ја пишував оваа книга, истовремено мислев: ова личи на последна книга – и треба да биде.“
Дали ќе му недостига пишувањето проза?
„Ќе ми недостига, но во исто време би било глупаво да го правам тоа ако не го правам со целосно уверување… Мислам дека ова е едноставно исправна одлука.“
Дали „Заминување(а)“ е добра книга за збогување?
„Мислам дека да“, одговара. „Се надевам.“
Барнс досега има објавено 14 романи, од кои три се екранизирани. Преведен е на 50 јазици и продал 10 милиони примероци ширум светот. Откако неговиот прв роман, „Метроленд“, беше објавен во 1980 година, тој се искачи до врвовите на книжевноста. Во 1983 година списанието „Гранта“ го избра за еден од дваесетте најдобри млади британски романсиери. На познатата фотографија стои покрај Мартин Ејмис, Пат Баркер, Роуз Тремеин, Казуо Ишигуро и Ијан Мекјуен, меѓу другите.
„Бев возбуден што припаѓав на генерација романсиери, сите под 40 години, и сите фалени и славни. Тоа беше чудно време – време кога прозата одеднаш стана секси, и одеднаш имаше пари.“

(Џулијан Барнс (центар горе со црвена вратоврска) се појави на познатата листа на 20 најдобри млади британски романописци во 1983 година, а на сликата можете да забележите познати имиња/
извор: Snowdon/Trunk Archive)
Барнс ја доби наградата „Букер“ во 2011 година за својот единаесетти роман, „Ова личи на крај“, откако претходно трипати беше во потесниот избор. Неговиот 15. роман, „Заминување(а)“( Departure(s)), на многу начини е типичен Барнс, замаглувајќи ја границата меѓу реалното и измисленото. Опишан како дел фикција, дел мемоар и дел есеј, во својата суштина е љубовна приказна за двојка која се разделува во студентските денови и по многу години повторно ја обновува врската.
Го прашувам дали тие се вистински личности.
„Тоа е за мене да го знам, а за мојот биограф да го открие“, одговара Барнс, донекаде енигматично.
Романот го раскажува писател по име Џулијан, кој има рак на крвта, живее во северен Лондон и чија сопруга починала од тумор на мозокот. „Не мислам дека ова е моето најавтобиографско дело… но очигледно е лична книга“, ми вели. Вистинскиот Џулијан Барнс навистина има рак на крвта, а во 2008 година неговата прва сопруга, книжевната агентка Пат Кавана, почина од тумор на мозокот само 37 дена по дијагнозата. Барнс вели дека е „целосно помирен“ со својот рак и поддржува асистирано умирање, иако „тоа не е поврзано со мојот рак“.
„Мојата состојба е стабилна и се одржува стабилна со тоа што земам хемотерапија секој ден од мојот живот.“
Подоцна ми вели: „Фразата што ја смислив кога жена ми умираше од рак на мозокот, а јас се борев со разумот, беше: универзумот едноставно си го прави своето.“
Смртта често го преокупира во неговото пишување. „Имам доживотна преокупација со смртта, и теоретска и реална, и многупати сум пишувал за неа“, пишува во „Заминување(а)“( Departure(s)). „Мислам дека треба повеќе да размислуваме за смртта“, вели тој. До пред околу 10 години, ноќе се будел со крик и „идејата за ништожноста, и скокав од кревет, често излегував на ходникот пред целосно да се разбудам, викајќи: ‘Ќе умрам!’“
„Каква банална изјава“, вели, но додава: „Таков сум создаден. Тоа не значи дека не уживам во животот исто како и секој друг. Напротив, би можеле да кажете дека ако сте свесни дека сè може одеднаш да заврши – или по долга болест – повеќе ги цените часовите и минутите што ви преостануваат.“
Француско признание
Ова е навистина увид во умот на автор кој навистина го изгради своето име во 1984 година со својот трет роман, „Папагалот на Флобер“, за пензиониран лекар опседнат со прочуениот француски писател, авторот на „Госпоѓа Бовари“. Тој роман ја покажа способноста на Барнс креативно да ги спојува фактите и измислицата, како и неговото длабоко книжевно познавање на француската култура. Во 2017 година Франција му го додели престижниот орден Легија на честа (Légion d’Honneur) за неговиот придонес во книжевноста и за неговата поврзаност со француската култура. Како млад човек, Барнс вели дека бил несигурен. Сакал да биде писател, но се прашувал: „Што имам јас да понудам?“ Дури по успехот на „Папагалот на Флобер“ почнал во пасошот да ја наведува професијата „писател“.
„Тоа беше проклето прекрасно чувство.“
Расколот со Мартин Ејмис
Познато е дека Барнс се скара со Мартин Ејмис, кого го познавал уште од времето кога заедно работеле како новинари во списанието „Њу Стејтсман“ во 70. години на 20 век, откако Ејмис ја отпуштил сопругата на Барнс, Пат Кавана, како своја агентка. Го прашувам дали жали за таа расправија.
„Не, воопшто“, одговара цврсто. „Тој постапи нечесно кон мојата сопруга… Можете да простите повреда што ви е нанесена вам, но многу е потешко да простите повреда нанесена на некој што го сакате. Затоа нашиот однос никогаш целосно не се обнови, иако кон крајот на неговиот живот малку се приближивме.“
Тој и понатаму е добар пријател со Ијан Мекјуен, кој му се јавува додека снимаме во неговата работна соба Седите со еден од најголемите живи британски романсиери – и друг се јавува на телефон!
За иднината на романот и вештачката интелигенција
Иако престанува да објавува романи, Барнс ќе продолжи да пишува новинарски текстови и ми вели: „Одбивам да бидам песимист за иднината на романот“, повикувајќи се на новите и разновидни генерации писатели што денес се објавуваат. Тој исто така ги поддржува напорите да се спречи делата на писателите да бидат „гребани“ од вештачката интелигенција без надомест. Пред интервјуто, замолив една алатка за вештачка интелигенција да напише воведен пасус во стилот на Џулијан Барнс. Почетокот гласеше:
„Тој отсекогаш веруваше дека помнењето се однесува како учтив гостин – доаѓа кога е покането, си заминува кога е игнорирано – но во последно време почна да се задржува, со рацете во џебовите, неумесно потпевнувајќи во аглите на неговиот ум.“
Вистинскиот автор го опишува тоа како комбинација од плагијат и баналност.
„Ако јас ја напишев реченицата ‘Тој отсекогаш веруваше дека помнењето се однесува како учтив гостин’, тука би застанал – затоа што сè она за ‘задржување со рацете во џебовите, потпевнување без мелодија во аглите на умот’ е едноставно грубо.“
Севкупно, вели дека пасусот со вештачка интелигенција „не ве тера ниту да се смеете, ниту да плачете. Не ве допира. Тоа е само пастиш.“
„Треба да постои некаков закон што ќе каже дека не можете едноставно да ги гребете туѓите дела и потоа да ги објавувате како оригинално дело.“
Аналогни методи
Да се помине време во друштво на човек кој речиси 50 години е во срцето на британската книжевна култура е вистински мелем за душата. Јас првпат се запознав со неговото творештво во раните 90. години на 20 век, кога ја прочитав „Историјата на светот во 10½ поглавја“ и бев маѓепсана од неговото разиграно прераскажување на настаните од неочекувани перспективи – приказната за Ноевата арка ја раскажува скришен дрвен црв.
Затоа беше вистинско задоволство кога ми ја покажа тетратката во која го започнал „Заминување(а)“(Departure(s)) – исполнета со неговиот уреден ракопис, со креативни идеи, можен дијалог, како и исечоци од весници што му ја поттикнале имагинацијата. Отсекогаш ги започнувал своите романи во тетратки, вели тој, потоа ја пишувал првата верзија на доверливата машина за пишување, а потоа преминувал на компјутер.
Се прашувам зошто насловот „Заминување(а)“ (Departure(s)) има „а“ („s“, бидејќи во оригинална форма е на англиски, затоа и оригиналниот наслов е секад е во заграда, м.з), во заграда.
„Затоа што има едно главно заминување – нашето заминување од животот – а потоа има и неколку други што се спомнуваат во книгата, како заминувања од љубовта и слично.“
Со насмевка ми вели дека тоа е „малку енигматичен, можеби и малку иритирачки наслов, но ми се допаѓа“.
Всушност, насловот делува соодветно. Неговото заминување е книжевен момент.
„Ќе ми недостигате“, им пишува тој на своите читатели кон крајот на книгата.
„Вашето присуство ме радуваше.“
