Што читаше Кафе и книги во март?

Дојде април, а и пролетта пристигна на голема врата, па како што расцутуваат дрвјата и цвеќињата, да дозволиме и нашата душа да се израдува со многу читање во април. Во април ќе се одржи и Саемот на книга, па затоа започнете да ги пишувате вашите листи со желби и најдете инспирација во денешните препораки.

На дното“ и „Раскази“ – Максим Горки

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт
: Максим Горки e еден од најпрепознатливите и најинтересните писатели и секогаш е уживање да се читаат неговите раскази и драми. Ова издание е составено од неговата драма „На дното“ и колекција од негови раскази. „На дното“ е една прекрасна драма, полна со интензитет и меланхолија, вадејќи ги на виделина судбините на оние што живеат на маргините на општеството, помирени со својата судбина, но истовремено и не прават ништо за да ја променат, бидејќи немаат самодоверба дека постои возможен свет во кој тие се среќни и живеат добро. Во еден сиромашен и беден пансион живеат неколку различни луѓе, секој со своја приказна, но и секој со своја мака. Дејството се развива кога пристигнува Лука, мистериозен талкач и луталец, кој како зрак светлина се појавува и се труди да им внесе малку надеж и да донесе разбирање, бидејќи тој верува дека човекот е најважен и ги поттикнува останатите да размислат за своето место под сонцето, но дали ќе успее во тоа, ќе треба самите да откриете.

Од друга страна, расказите што тука се застапени се одлични и многу интересни, со интересни ликови и приказни, и некако постојано ми се вртеше во глава помислата дека Горки го центрира човекот во своето пишување. Горки смета дека луѓето се важни, нивните судбини, мисли, чувства, дури и кога живеат на маргините на општеството. Нивната трагедија е трагедија на човештвото, нивниот живот е важен, дури и кога општеството не смета така. Горки е навистина многу специфичен и интересен писател и еднаш кога ќе го прочитате, неговиот стил засекогаш ќе остане врежан во вашите мисли.

Дневникот на писателката“ – Вирџинија Вулф

Издавачка куќа: НАМПРЕС
Оцена: 4/5
Осврт
: Вирџинија Вулф е неверојатна писателка со одличен сензибилитет и неверојатно познавање на човековата душа и состојбите на духот. Сите ја познаваме по нејзините дела како „Г-ѓа Деловеј“, „Бранови“ и „Кон светилникот“, како и нејзината долгогодишна борба со депресијата, па затоа е навистина одлично што имаме на увид дел од нејзините дневници и можеме да ѕирнеме во нејзината душа и ум во текот на поголемиот дел од нејзиниот живот. Дневникот опфаќа поголем дел од нејзиниот живот, речиси до самата нејзина смрт. Освен што зборува за тоа како се чувствува, за различните работи што се случувале во тоа време на книжевната сцена и Англија, интересно е да се види нејзиниот работен процес, бидејќи честопати таа зборува за дел од нејзините најпознати дела додека ги пишувала. Ги гледаме нејзините мисли за тоа како тече пишувањето, што мислела за романите додека ги пишувала, но и нејзината реакција на јавноста и критичарите по нивното издавање.

Генерално е интересно кога се читаат дневниците на познатите писатели и писателки бидејќи додека ги читаме сфаќаме дека и тие се смртници како нас и тие се мачеле со сомнежи, недостаток на самодоверба и страв и неизвесност од тоа како ќе бидат доживеани нивните книги. Интересни се и деловите во периодот околу и за време на Втората светска војна, интересно е да се види тоа низ призмата на Вулф и низ призмата на личност што минала низ тие денови и пишувала за нив онака како што се случувале. Одлична книга која треба да ја прочитате, пониската оцена во случајов е поради послабиот квалитет на преводот и лектурата што сметам дека можело и требало да бидат многу подобри.

Последна понуда“ – Лорен Ашер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Лорен Ашер е одлична авторка за оние што сакаат да побегнат од реалноста и да внесат малку романтика и романса во својот живот. Ова е последната книга од серијалот за браќата Кејн. Првите два дела веќе беа препорачани на блогот (тука и тука). Серијалот ги следите тројцата богати браќа кои по смртта на својот дедо, дознаваат дека тој во својот тестамент на секој од нив им поставил одреден услов кој мораат да го исполнат со цел да се стекнат со својот дел од богатството.

Третиот дел се заокружува со приказната на Калахан, кој нашироко го сметаат за најнесериозниот од браќата, кој има проблем со алкохолот и не може никако да си го среди животот. Тој добива задача да ја продаде старата семејна летна куќа во која тој има многу убави, но и болни спомени. Но, кога пристигнува таму, сфаќа дека дедо му ѝ оставил половина од куќата на Лана Кастиљо, неговата прва љубов на која ѝ го скршил срцето. Условот е дека двајцата заедно треба да ја продадат куќата, но тоа не оди глатко поради тоа што емоциите се на највисоко ниво. Интересна приказна, иако мене за нијанса повеќе ми се допаднаа првите два дела, но сепак се работи за навистина интересно заокружување на серијалот.

Тристан“ и „Тонио Крегер“ – Томас Ман

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Пред да започнам со освртот, веднаш да ви кажам да не обрнувате многу внимание на самата оценка, бидејќи е прилично субјективна. Периодов се трудам да читам повеќе дела од нобеловци и месецов решив да се фокусирам на Томас Ман. Но, иако со години му давам шанса, некако не ми легнува многу неговиот стил, па затоа и оценката е малку посубјективна, но дефинитивно е меѓу класиците што треба да се прочитаат.

Во ова издание има две дела: „Тристан“ и „Тонио Крегер“. Дејството на „Тристан“ се одвива во еден санаториум каде престојуваат различни профили на луѓе. Меѓу нив е и писателот Шпинел, кој сите го сметаат за малку необичен. Еден ден во санаториумот пристигнува Габриела, млада жена која има мало дете, со сопруг кој е бизнисмен и фокусиран на неговата работа. Шпинел се фокусира на Габриела, особено од аспект на уметничкиот сензибилитет и нејзините чувства и истовремено развива антагонизам кон нејзиниот сопруг. Тензијата е постојано присутна, а стилот на пишување е прекрасен.

„Тонио Крегер“ е одлична приказна која многу ми се допадна. Тонио е младо момче чиј татко е Германец, а мајка му е Италијанка со жив темперамент. Уште од многу мал, Тонио се чувствува поделен помеѓу должностите и дисциплината што ги добива од својот татко и желбата да има слободен дух и да живее во романтичен свет – нешта подарени од неговата мајка. И кога ќе порасне, Тонио станува дел од уметничкиот свет, но сфаќа дека постојано е поделен помеѓу двата света и никаде не е целосен свој. Тој не се пронаоѓа целосно ниту во уметничкиот свет, ниту во обичниот свет особено онаму каде што израснал. Одлична приказна, маестрална анализа на дуалиетот во човекот и потребата да припаѓа некаде, но што кога душата и сензибилитетот го тераат човека да се движи во две различни насоки и никаде не може целосно да се вклопи?

Бонус препорака

АБЕЦЕДАР

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Оваа препорака решив да ја насловам како бонус препорака, затоа што не ми се чинеше соодветно да ја оценувам и да давам осврт како и останатите книги, пред сè поради видот и содржината на книгата, но сметав дека е важно да се препорача и да се поттикне нејзиното читање. „Абецедарот“ е буквар на македонски јазик, поточно, учебно помагало за потребите на тогашните образовни програми за македонското малцинство во Грција, отпечатен во Атина во 1925 година на лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. „Абецедарот“ од денешна историска дистанца е од извонредно големо значење за македонската историографија и лингвистичка наука.

Самите околности под кои е издадено ова четиво и историската важност на неговото настанување даваат исклучителна вредност, иако станува збор за книга што има околу 40 страници. Токму поради важноста за македонската историја, јазик и за самиот македонски национален идентит, вреди да се навлезе во ова значајно четиво, особено на ова јубилејно издание издадено по повод сто години од првото печатење.

Leave a comment