Безвременското наследство на Ханс Кристијан Андерсен…

Ханс Кристијан Андерсен бил сонувач кој се движел меѓу световите на фантазијата и реалноста, станувајќи еден од најпознатите автори на бајки во светот. Тој починал во Копенхаген на 4 август 1875 година, но неговите приказни продолжуваат да живеат – во детските соби, на театарските сцени и на филмските платна. Неговите саги често прикажуваат ликови отфрлени од општеството. Тоа се приказни за човечка слабост, болка и копнеж, но и за убавина. Неговите детски приказни се неговото најголемо наследство, а наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ е највисокото меѓународно признание што им се доделува на автори и илустратори на детски книги.

Информативната редакција на „Дојче веле“ одвои пет причини зошто творештвото на Ханс Кристијан Андерсен и по толку време е толку актуелно и сеприсутно, па прочитајте ги во продолжение.

(Портрет на Ханс Кристијан Андерсен на Карл Хартман/извор: Archivo Iconografico, SA/Corbis)

Од тешко детство до славен уметник

Роден на 2 април 1805 година, Андерсен пораснал во скромни услови во Оденсе, град во јужна Данска. Неговиот татко бил чевлар, мајка му перачка и алкохоличарка, а тетка му водела бордел. Во детството, семејството тешко обезбедувало храна, а тој посетувал локално училиште за сиромашни деца. Токму таму ја открил љубовта кон книгите и театарот и почнал да ги пишува своите први приказни. На 14 години заминал во Копенхаген, каде што го запознал директорот на Кралскиот дански театар, кој го земал под свое крило и го поддржал неговиот талент. До триесеттата година, цела Европа била воодушевена од неговите песни, драми, два романа и првиот том „Бајки раскажани за деца“. Но, во Данска, на домашен терен му недостасувало признание и пофалби, бидејќи критичарите ги нарекувале неговите бајки „штетни“ и „неодговорни“. Сепак, неговите митски приказни ја поставиле основата на неговата светска слава, а Данска на крајот го признала неговиот талент, обезбедувајќи му покровителство и патни грантови од данскиот крал.

Суптилна општествена критика и протест против неправдата

Ако погледнете под површината на бајките на Андерсен, често ќе најдете суптилна сатира или прикриена критика на моќта, суетата и општествената неправда. „Царевата нова облека“ е парабола за суетата и стравот од спротивставување на авторитетот – тема што е порелевантна од кога било во ерата на социјалните мрежи. Малку детски приказни се толку потресни како онаа за девојчето што продава кибритчиња во студената новогодишна ноќ. Следниот ден, таа е пронајдена мртва на улица, смрзната и без име. Андерсен не ја напишал „Девојчето со кибритчињата“ само за да предизвика емоции. Таа е и општествена критика – тивок протест против рамнодушноста кон сиромаштијата и страдањето на децата. „Грдото пајче“, често толкувано како автобиографско четиво, ја раскажува приказната за понижениот аутсајдер кој, и покрај бројните неуспеси, конечно го исполнува својот сон и се претвора во прекрасен лебед. Како што рекол Андерсен: „Не е важно дали си роден во двор за патки, сè додека си изведен од јајце на лебед!“ „Малата сирена“ е метафора за копнежот по друг свет и подготвеноста да се жртвуваш за љубов. Главната хероина се вљубува во принц и го жртвува својот глас за да биде со него. Но тој се жени со друга. На крајот, таа се претвора во морска пена и станува „ќерка на воздухот“, добивајќи шанса да стекне бесмртна душа преку добри дела. Овие приказни ги допираат емоциите што им се блиски на луѓето насекаде: потрагата по љубов и идентитет, надежта за признание, моќта на личната преобразба и фактот дека животот не секогаш нуди среќен крај. Овие пораки се безвременски.

Живот обележан со страв и ексцентричност

Андерсен бил впечатлива личност, многу чувствителен, но и полн со необичности. Страдал од параноја, промени во расположението и хипохондрија. Се плашел од кучиња и кражби. Кога добивал лоша критика, знаел да се тркала по подот од бес. При патувања, секогаш носел јаже со себе за да може да избега од запален хотел. Исто така, имал силен страв да не биде закопан жив (тафефобија). Плашејќи се дека може да биде прогласен за мртов додека спие, оставал белешки покрај креветот со зборовите: „Само изгледа дека сум мртов.“ Она што требало да биде кратка посета кај Чарлс Дикенс во Лондон се претворило во престој од пет недели – на големо незадоволство на британскиот писател. На огледалото во собата за гости, Дикенс напишал: „Ханс Андерсен спиеше во оваа соба пет недели – што на семејството му изгледаше како вечност!“

Бајки со длабока порака за млади и возрасни

Андерсен не пишувал само за да ги забавува децата со приказни за принцези и витези. Неговите приказни со животни и магични суштества содржат сложени наративи со повеќеслојни теми и емоции – копнеж, загуба, смрт и идентитет. Овие бајки често носат морална порака: покрај тоа што злото е казнето, добрината, љубезноста и сочувството се наградуваат. Авторот настојувал да ги зајакне овие вредности и етички принципи низ своето творештво.

Наследство што го обиколува светот

Делата на Ханс Кристијан Андерсен се преведени на повеќе од 150 јазици, а мотивите од неговите приказни сè уште се присутни во театарот, музиката, балетот, стриповите и филмовите. Дизни ги направи неговите бајки светски познати: филмови како „Малата сирена“ се засновани на неговите дела, додека популарната франшиза „Снежно кралство“ („Frozen“) е инспирирана од „Снежната кралица“. Неговите ликови станаа глобални симболи – од статуата на малата сирена во Копенхаген до споменикот во Централ парк во Њујорк. Денес, толку години години по неговата смрт, неговите приказни живеат затоа што се повеќе од бајки: тие се огледало на човечките слабости – и на можноста за преобразба.

Извор: Дојче Веле (Deutsche Welle)

Leave a comment