Роденденско издание на „Остави книга, земи книга“ во кафе-книжарница „Бејкер стрит“!

Кафе-книжарницата „Бејкер стрит“ деновиве слави две години постоење и по тој повод, утре (сабота, 4 април), во периодот од 10 до 21 часот, во кафе-книжарницата организираат роденденско издание на нивната акција „Остави книга, земи книга“, кое воедно е и петто издание на овој настан.

Оттаму најавуваат размена на книги заедно со роденденска атмосфера, нови вкусови и изненадувања. Тимот на „Бејкер стрит“ ќе го започне циклусот со избрани наслови од нивните приватни библиотеки, како и со книгите кои помеѓу две средби го нашле својот привремен дом во „Бејкер Стрит“. Како што најавуваат, меѓу книгите ќе имате можност да најдете: ретки и одамна распродадени изданија, книги што можеби не сте знаеле дека се издадени на македонски јазик, омилени класици и неочекувани скриени богатства и вашите омилени книги на јазикот кој отсекогаш сте сакале да го научите. За збогатување на целиот настан, тие ве канат во книгата што ќе ја донесете да оставите мало ливче во книгата со порака за следниот читател или следната читателка, а ќе имате можност да споделите и краток спомен, омилен момент или мисла по повод две години од кафе-книжарницата „Бејкер стрит“.

Дополнително, внимателно проверувајте ги книгите, бидејќи во некои од нив ќе има скриени картички со 15% попуст на книги.

За повеќе детали следете ја нивната страница на Фејсбук.

Leave a comment