Греам Грин е еден од најпознатите англиски романсиери, чии дела и денес предизвикуваат голем интерес и внимание, особено романите како „Тивкиот Американец“ и „Крајот на една љубовна приказна“. Неговиот живот и творештво се испреплетени со многу интересни настани и се предмет на многу анализи, па така денес на блогот имате можност да прочитате една одлична анализа на една биографија за Грин, напишана од Џоан Акочела за списанието „Њујоркер“.

„Првото нешто што го паметам е како седам во детска количка на врвот од еден рид, со мртво куче што лежи покрај моите нозе.“ Така започнува едно рано поглавје од мемоарите на Греам Грин, кој за некои, вклучително и Ричард Грин (без сродство), автор на новата биографија „Нетивкиот Англичанец“, е еден од најзначајните британски романсиери од својата веќе извонредна генерација (на која припаѓаат и Џорџ Орвел, Евелин Во, Ентони Пауел, Елизабет Боуен). Кучето, мопсот на сестрата на Греам, било штотуку прегазено, а дадилката не знаела како да го однесе дома освен да го стави во количката со бебето. Ако тоа не е доволно за да го постави тонот на прилично мрачните настани во животот на Грин, доволно е да се сврти страницата – каде што го гледаме како петгодишно дете, како набљудува човек што влегува во дом за сиромашни за да си го пресече грлото. Во тоа време, Грин сам научил да чита, и секогаш ја паметел илустрацијата на корицата од првата книга што ја прочитал: „момче, врзано и замолчено, обесено на јаже во бунар, со вода што се крева до неговата половина“.
Грин е роден во 1904 година и бил четврто од шест деца. Неговото семејство живеело удобно и во голема мера било успешно. Постариот брат Рејмонд станал значаен ендокринолог; помладиот брат Хју – генерален директор на Би-Би-Си; најмладата, Елизабет, работела за МИ6. Како што било вообичаено за побогатите семејства од тоа време, децата биле воспитувани од слуги, но секој ден биле носени да си играат со мајка им по чајот. Семејството живеело во Беркхамстед, мал пријатен град во близина на Лондон. Таму имало угледно машко училиште, чиј директор бил таткото на Грин. Тој бил запишан таму на седум години, но поради тоа што бил син на директорот, бил постојано малтретиран од соучениците, кои мислеле дека ги пријавува кај татко му. Како адолесцент, почнал да се обидува да изврши самоубиство, или барем да се преправа, секогаш со речиси комична неспособност. Еднаш, според мајка му, се обидел да се убие со капки за очи. Исто така експериментирал со разни супстанции: отровни билки, аспирин, и слично. Најчесто се спомнува неговата наклонетост кон руски рулет, иако неговиот брат Рејмонд, чиј пиштол го позајмувал во овие прилики, рекол дека немало куршуми во орманот каде што се чувало оружјето. Грин сигурно пукал со празни чаури.
Во средно училиште, родителите го испратиле кај својот прв психотерапевт. На крајот, му било дијагностицирано манично-депресивно растројство, или биполарно нарушување, како што денес се нарекува, и таа дијагноза останала со него и во понатамошниот живот. Но, оваа ознака со научен призвук лесно може да ги засени другите фактори што можеби биле во игра. Грин еднаш му се доверил на својот пријател Евелин Во дека за време на студиите на колеџот Балилол во Оксфорд, голем дел од времето го минувал во „општа магла од алкохол“. Во годините кога пишувал, често живеел по режим: наутро земал бензедрин за да се разбуди, а навечер нембутал за да заспие, надополнето со огромни количини алкохол и, зависно од земјата во која се наоѓал, и други дроги. За време на своите бројни патувања во Виетнам, речиси секојдневно пушел опиум – понекогаш и до осум лулиња на ден. Тоа е навистина многу.
Сепак, суштинската поента во врска со манично-депресивната дијагноза е тоа што Грин не само што ја прифатил, туку и ја сметал за клучна за неговата личност и неговата работа. Ричард Грин пишува дека неговата биографија делумно има за цел да ги коригира претходните биографи, кои премногу внимание му посветувале на сексуалниот живот на романсиерот. Но, ако се земе предвид колку време и енергија Греам Грин вложил во својот сексуален живот, човек се прашува како било кој биограф би можел долго да го игнорира тоа. Грин се оженил на дваесет и три години со побожна католичка, Вивиен Дејрел-Браунинг, и останал во брак со неа до својата смрт во 1991 година, но само затоа што Вивиен, од верски причини, не сакала да му даде развод. По десетина години, бракот практично завршил, а остатокот од животот тој го го поминал во долги, страсни афери, а покрај тие главни врски и пократки авантури, да не зборуваме за бројните попладниња поминати со проститутки. Ричард Грин, и покрај своите забелешки за биографската „пикантерија“, сепак ни дава неколку сочни детали. За Греам и една од неговите љубовници пишува: „Оваа врска беше безгрижна и разиграна, и во една прилика вклучуваше сексуален однос во првокласен вагон на воз од Саутенд, видлив за сите на секоја станица каде што возот застануваше.“
Во меѓувреме, кога Грин чувствувал дека мора да ѝ објасни вакви работи на својата сопруга, се повикувал на своето биполарно нарушување. Како што ѝ напишал:
„Фактот со кој мора да се соочиме, драга, е дека поради мојата природа, мојата себичност, па дури и во извесна мера поради мојата професија, јас секогаш, и со која било жена, би бил лош сопруг. Мислам, гледаш дека мојата немирност, моите расположенија, мојата меланхолија, дури и моите надворешни врски, се симптоми на болест, а не самата болест, а таа болест – која трае уште од моето детство и беше само привремено ублажена со психоанализа – лежи во карактер што е длабоко спротивставен на обичниот домашен живот.“
Значи, гледате, не било негова вина.
Секако, Грин не чувствувал потреба да остане и да ги брише солзите на Вивиен или да помага во одгледувањето на нивниот син и ќерка. (Не сакал деца; му биле бучни.) Затоа зел сопствен стан, додека Вивиен останала дома, изработувајќи мебел за куклени куќи. Со текот на времето, таа станала вистинска експертка за куклени куќи и отворила приватен музеј за својата колекција.
Она што Грин сакал да го прави во животот било да пишува романи, и, по еден нестабилен почеток, почнал редовно да ги создава – најмалку дваесет и четири (зависно како се бројат) во период од шест децении. Освен тоа, прилично навлегол и во новинарството, пишувајќи најчесто за списанието The Spectator. Ричард Грин проценува дека со текот на времето напишал околу петстотини рецензии за книги и шестотини рецензии за филмови.
Една од овие филмски рецензии го предизвикала неговиот прв мал скандал. За филмот „Wee Willie Winkie“ (1937), продукција на Twentieth Century Fox, со Ширли Темпл во главната улога, тој напишал дека Темпл, со своите фустанчиња што ѝ ги откриваат бутовите и „добро развиениот задник“, всушност била „понудена“ од студиото на осамени средовечни господа во кино-салата. Компанијата „Фокс“ веднаш го тужела и добила оштета од 3.500 фунти. Оттогаш, дел од неговата публика го сметала за човек со нечист ум. (Не и самата Темпл, која во своите мемоари од 1988 година го опишала целиот случај како бура во чаша вода, но исто така признала дека детските актери навистина биле изложени на непожелно внимание во филмските студија.)
Според Ричард Грин, биполарното нарушување на Греам не се манифестирало толку преку екстремна возбуда и депресија, колку преку длабока, неподнослива досада, која можел да ја ублажи само со постојано барање возбуди. Токму тоа го терало да си игра со оружје; тоа го вовлекувало во тепачки и го довело до клеветење на Ширли Темпл; тоа го носело во кревет со речиси секоја жена што ќе ја сретнел.
Конечно, и најважно, токму ова чувство на здодевност го натерало голем дел од својот живот да го помине надвор од Англија – не само далеку од дома, од печењата, напитокот боврил и влажните волнени алишта – туку и во далечни, жешки, сиромашни земји разурнати од војни, чии обиди да се ослободат од колонијалната власт биле толку значаен и болен дел од историјата на дваесеттиот век. Патувал во Западна Африка (Либерија, Сиера Леоне), Југоисточна Азија, Карибите и Мексико. Поминал години, со прекини, во Централна Америка. И го видел она што го гледале и локалните жители; понекогаш го доживувал и она што тие го доживувале. Куршуми му прелетувале покрај главата. Во Малаја морале да му вадат пијавици од вратот. Во Либерија бил предупреден дека може да се зарази со голем број болести, кои Ричард Грин ги набројува со морбидна радост: „фрамбезија, маларија, анкилостома, шистозомијаза, дизентерија, ласа треска, жолта треска или една особено сурова болест, гвинејски црв, кој расте под кожата и мора постепено да се извлекува со стапче или молив – ако се скине во процесот, остатокот може да загние во телото, предизвикувајќи инфекција или смрт.“ Не сакајќи да ја пропушти буната на Мау Мау, Греам Грин поминал четири недели во Кенија. Во Конго престојувал во колонија за лепрозни, каде што видел човек со бутови како стебла и друг со тестиси големи како фудбалски топки.
Како и зошто завршил на овие места? Многу често имал задача од весник или списание. Како споредна активност, правел и одредено собирање информации за МИ6. (Ништо премногу сериозно – можеби само испраќал извештаи за тоа која политичка фракција добива моќ и кој е нејзиниот лидер.) Во суштина, секогаш кога некоја организација барала некој да замине – со покриени трошоци – во земја каде што има крокодили, тој бил заинтересиран. Собирал материјал за своите романи, од кои повеќето се сместени токму во тие далечни места.

Грин „излегувал“ од својата средина и на друг начин. Семејството во кое се родил било англиканско, но не придавале големо значење на верата. Како што самиот раскажувал, на околу седумнаесет години имал визија за Бог на тревник за крокет, но тоа го оставил настрана сè до четири години подоцна, кога се вљубил во Вивиен, католичка која не била сигурна дали сака да се омажи за него поради тоа што бил протестант и, како што ѝ изгледал, прилично чудна личност. Оставајќи белешка во кутијата за прилози во една блиска католичка црква, побарал да посетува веронаука и бил доделен кај отец Џорџ Тролоп, кого го ценел, како што ѝ напишал на Вивиен, поради „неговото внимателно избегнување на најмала емоција или сентименталност во поучувањето“. Некои би можеле да го сметаат тоа како лош знак, но она што Грин го барал, освен Вивиен, било, како што ѝ напишал, „нешто цврсто и сигурно, колку и да е непријатно, за да се фатам во општиот тек на нестабилноста“.
И други го барале истото. Меѓу британските уметници и интелектуалци меѓу двете светски војни постоел мал тренд на преминување во католицизам. Евелин Во се преобратил во исто време како и Грин. (Подоцна тоа го направиле и Едит Ситвел и Муриел Спарк.) Ова било дел од реакцијата на растечкиот секуларизам од крајот на XIX и почетокот на XX век. По Втората светска војна, Католичката црква ќе стане соодветна сцена за преминот кон друг вид на „религија“: сомневањето, анксиозноста и егзистенцијализмот.
Но, Грин не чекал толку долго. Се преобратил на дваесет и две години и неколку години ја практикувал религијата. Меѓутоа, како што се оддалечувал од Вивиен, така ги напуштал и работите што ги стекнал со неа и заради неа – пред сè, религиозната практика. Подоцна рекол дека откако видел мртва жена во ров, со нејзиното мртво бебе покрај неа, во Северен Виетнам во 1951 година, триесет години не примил причест. Но никогаш не станал ниту сигурен атеист. „Многумина од нас,“ рекол, „се откажуваат од исповед и причест за да се приклучат на странската легија на Црквата и да се борат за град во кој веќе не сме полноправни граѓани.“
Иако Грин можеби ја сведол религијата на тивок жар во својот живот, во своите романи ја претворил во вистински пламен. Во „Брајтонската карпа“ (1938), неговиот прв голем успешен роман, херојот е седумнаесетгодишен хулиган по име Пинки. (Прекрасно име – толку погрешно.) Пинки би бил обичен мал социопат доколку не би бил римокатолик и опседнат со гревот. Повторно и повторно се присетува на звукот што, како дете, го слушал секоја саботна вечер од другата соба, кога неговите родители го извршувале својот неделен сексуален чин. Пинки се принудува да се ожени со наивна девојка, Роуз, затоа што таа е потенцијален сведок во убиство што тој го организирал. Брачната ноќ и, впрочем, поголемиот дел од она што се случува меѓу Пинки и Роуз, е прилично ужасна, како и многу други работи во романот, штом еднаш ќе започне. Всушност, книгата ни ја крева косата на главата уште со првата реченица: „Хејл знаеше, уште пред да помине три часа во Брајтон, дека имаат намера да го убијат.“ Во тој момент, ние дури не знаеме ни кој е Хејл.
„Тие“ се банда насилници што ја води Пинки, и до крајот на денот навистина го елиминираат Хејл, по што убиваат и неколку други луѓе. Ова насилство е измешано со секс, во жешка мешавина, која Грин ја прави уште поодбивна преку амбиентот на Брајтон – кичест морски град полн со викенд-уживачи од Лондон, кои пукаат во патки и фрлаат хартиени обвивки по улиците. Во Брајтон на Грин, дури и небото е валкано: „Огромната темнина притискаше со влажна уста врз прозорците.“ Гревот на крај го уништува Пинки, а ние сме наведени да претпоставиме дека и Роуз ја дели истата судбина. Како што самиот Грин истакнал, ако не бил добар католик, барем бил добар гностик – човек што верувал дека доброто и злото се еднакви сили, што се борат една против друга.
Но книгата што го втиснала во јавната свест како католички писател, „Моќта и славата“, дошла две години подоцна. Нејзиниот безимен херој е мексикански „виски-свештеник“, кој се крие во јужниот дел на земјата во триесеттите години, за време на марксистичка кампања против Римокатоличката црква. Речиси нема крај на ужасите што ги доживува свештеникот – жештина, глад, делириум. Среќава мртви бебиња со превртени очи. На крајот е уапсен и затворен во преполн, мрачен и испотен затвор, меѓу луѓе, вклучувајќи и пар што гласно има сексуален однос во аголот. Сигурни сте дека ќе преживее, овој свет човек. Но не преживува. Оваа книга не ја читате толку колку што ја трпите – ја искачувате, како Голгота.
Настојувањето на Грин да ги спои маките на душата со телесните страсти достигнува свој врв во „Крајот на една љубовна приказна“ (1951). Морис Бендрикс, романсиер, е изеден од бес затоа што неговата љубовница Сара го напуштила, па ангажира приватен детектив за да открие кого го избрала наместо него. Постојано, во трескавични сеќавања, ги оживува деталите од нивната врска: како воделе љубов на паркетот во нејзиниот салон, додека нејзиниот сопруг горе се лекувал од настинка; нивните тајни зборови („кромид“ бил нивниот код за секс); тајните знаци. Но, на крајот, по смртта на Сара, Бендрикс открива дека нејзиниот нов љубовник бил Бог – и тогаш романот од сензуален преминува во богохулен. „Те мразам,“ му вели Бендрикс на Бог. „Те мразам како да постоиш.“ На крај, се сведува на некаков натпревар во машкост со својот Творец: „Јас ја продрев, не Ти.“ Уф.
Некои од колегите на Грин, а да не зборуваме за Црквата, почнале да сметаат дека неговото спојување на религијата и сексот е несоодветно. Џорџ Орвел дал уште поостра критика. Грин, напишал тој, изгледа верувал дека „има нешто донекаде префинето во тоа да бидеш проколнат; Пеколот е некаков елитен ноќен клуб, во кој влезот е резервиран само за католици, бидејќи другите, некатолиците, се премногу неуки за да бидат виновни, како животните што умираат. Внимателно ни се кажува дека католиците не се подобри од другите; дури, можеби, имаат тенденција да бидат полоши, бидејќи нивните искушенија се поголеми… Но, сето време – пијани, развратни, криминални или директно осудени – католиците ја задржуваат својата надмоќ, бидејќи само тие го знаат значењето на доброто и злото.“
Овој култ на „осветениот грешник“, сметал Орвел, веројатно одразува опаѓање на верата, „зашто кога луѓето навистина верувале во Пеколот, не биле толку склони да заземаат грациозни ставови на неговиот раб.“
Сепак, многу читатели ја нашле оваа мешавина на духовното и телесното возбудлива. Кога романот „Крајот на една љубовна приказна“ бил објавен, списанието „Тајм“ го ставило Грин на насловната страница со слоганот: „Прељубата може да води до светост.“
Една публика што ја сметала целата оваа мешавина од добро и зло, секс и убиство за особено привлечна била холивудската публика. Лошото однесување, на крајот на краиштата, е забавно, а наративите на Грин, благодарение на стотиците филмови што ги рецензирал, веќе биле кинематографски по природа. Дали има романсиер подобар од Грин во градење на заплет? Тој со леснотија се движи напред-назад меѓу три паралелни приказни во исто време, и ниедна од нив никогаш не ја губи динамиката. Напнатоста е огромна. Си мислите: „Не, не можат да го застрелаат свештеникот“, или „Не, Пинки не може да ја нападне Роуз од задгробниот живот“, и – изненадување – грешите. Што се однесува до „камерата“, приказната често се раскажува од различни гледни точки; големите сцени често завршуваат со „широки кадри“ и слично.
Од западните „уметнички“ романсиери, Грин можеби е оној чии дела најчесто биле екранизирани. Некои од неговите романи биле екранизирани не еднаш, туку два или трипати, а некои од филмовите се дури и подобри од книгите. Тешко е да се чита „Брајтонската карпа“ без да се замисли Ричард Атенборо, кој го глумел Пинки во првата филмска верзија. Какво суштество е човекот, си мислите, гледајќи го неговото младо, убаво лице – а Пинки е расипан до срж. Овој парадокс ги прави и филмот и книгата подлабоки, покомплексни. Односот меѓу книгата и филмот станува уште поинтересен во случајот со „Третиот човек“. Книгата всушност била нуспроизвод на филмот што Грин се согласил да го напише, нешто што го создал за да ја почувствува атмосферата пред да почне со сценариото – и никогаш нема целосно да се ослободи од сенката, и буквална и симболична, што Орсон Велс ја фрла со својата незаборавна изведба на негативецот.
Огромната популарност на „покомерцијалните“ романи на Грин и нивните филмски екранизации го направиле богат човек, за филмските права на неговиот роман „Комичарите“ (1966) добил 250.000 долари, што денес би било еквивалентно на речиси два милиони долари – но, очигледно, тоа и го срамело. Како и многу луѓе од неговото време, тој не ги ценел филмовите колку што ја ценел книжевноста. Дополнително, филмските студија сакале промени, и тоа – големи промени. Грин на романите како „Брајтонската карпа“, „Моќта и славата“ и „Крајот на една љубовна приказна“ им давал сурови, немилосрдни краеви, верни на неговиот поглед кон светот, а студијата ги правеле поублажени и поприфатливи. Самоубиствата станувале несреќни случаи; страшните суровости се претворале во нешто помалку ужасно.
Грин го решил својот проблем и дилема околу тоа дали да се „понижи“ или не, со тоа што ја поделил својата проза на две категории. Постоеле неговите „романи“ (novels), сериозните дела, и потоа неговите „забави“ (entertainments), како што ги нарекувал: трилери, комедии, форми што очигледно ги ценел помалку. Овие вторите, имплицирал, биле нешто што го правел во слободно време: „Тивкиот Американец“ (1955), за војната во Виетнам; „Нашиот човек во Хавана“ (1958), сместен во Куба непосредно пред револуцијата на Кастро. Фактот што и двата биле претворени во одлични филмови, со познати актери – Мајкл Редгрејв во „Тивкиот Американец“ и Алек Гинис во „Нашиот човек во Хавана“ – не ги правел, во неговите очи, „полегитимни“. Напротив.
Неговото творештво не секогаш се вклопува во оваа поделба. Постојат неуспешни дела меѓу „сериозните“ романи, додека „Нашиот човек во Хавана“, блескава мешавина од закана, хумор и резигнација, е едно од најдобрите нешта што ги напишал.
Но неговото најголемо достигнување, „Сржта на нештата“, е несомнено роман – навистина, Роман со големо „Р“. Објавен во 1948 година, меѓу „Моќта и славата“ и „Крајот на една љубовна приказна“, тој е, како и тие, цврсто втемелен во римокатолицизмот, но без патетиката или кичот кон кои таа тема понекогаш го водела Грин. Ова е воздржано дело. Хенри Скоби, посветен и совесен католик, работи како заменик полициски комесар во мал, тивок, корумпиран град во Западна Африка во раните години на Втората светска војна. Скоби има сопруга, Луиз, која не ја поднесува, но истовремено му е жал за неа. (Имале ќерка која починала на деветгодишна возраст.) Кога Луиз ќе каже дека не може повеќе да живее во тој глупав град, тој позајмува пари од локален шверцер на дијаманти, знаејќи дека тоа ќе донесе проблеми, за да ја испрати на одмор во Јужна Африка. Додека таа е отсутна, француски брод е торпедиран покрај брегот, и Скоби оди да им помогне на преживеаните. Меѓу нив е деветнаесетгодишна девојка, Хелен, штотуку омажена, чиј сопруг загинал во нападот. Таа нема никого и ништо. Единственото што го има е албум со поштенски марки, подарок од нејзиниот татко. Го стега до градите. Не сака да зборува со никого, сè додека конечно не проговори. Со Скоби.
Потоа тој се вљубува во неа – или барем така изгледа. Во делата на Греам Грин често е тешко да се каже дали кога двајца луѓе завршуваат во кревет заедно, тоа е поради љубов, или дури и поради желба. Можно е да е од сожалување. Како што Грин веќе ни кажал, тоа е доминантното чувство што Скоби го има кон својата сопруга, но и кон други нешта. Гледајќи во небото една ноќ додека се грижи за француските бегалци, тој се прашува дали, ако човек ги знае сите факти, „дали би требало да почувствува сожалување дури и за планетите? Ако стигне до она што го нарекуваат сржта на нештата?“
Така, тој започнува врска со Хелен, но набрзо таа му вика дека не ја сака и дека ќе ја напушти при што, се разбира, Луиз се враќа од својот одмор, целосно информирана од градските озборувања за тоа што правел Скоби додека таа била отсутна. (Како во „Етан Фром“ – обидувајќи се да избега од една напорна сопруга, јунакот завршува со две.) Тој се фаќа за очајно решение: ќе глуми дека има срцево заболување и потоа ќе земе доволно седативи за да се убие. Така, и двете жени ќе бидат слободни да најдат посоодветен партнер. Што се однесува до него, ќе биде осуден на вечен пекол, но тој е подготвен на тоа. На крајот, не испаѓа баш така. Испаѓа полошо, а тоа е типично за Грин. Но во дваесеттиот век било тешко да се пишува за сожалување. Тоа што овој мрачен човек успеал, дури и се обидел, е вистински украс на неговата круна.
„Нетивкиот Англичанец“ е она што би можело да се нарече биографија од типот „понеделник-вторник“. На една страница ви кажува што правел Грин на одреден ден, да речеме во јуни 1942 година. На следната – што правел следниот ден, или три дена подоцна. Овој метод сигурно произлегува од фактот што Ричард Грин, професор по англиски јазик на Универзитетот во Торонто, уредувал збирка од писмата на Греам Грин. Со други зборови, знаел што правел Грин секој ден, и мислел дека тоа е интересно, што и би можело да биде, доколку придонесувало кон поцеловита анализа на човекот. Но, најчесто, книгата е само збир од факти. Патувања без маршути, секс без љубов, шеги без поента – бараме плажа, а гледаме само камчиња. Ниту пак добиваме некоја длабока книжевна анализа. Тоа не е смртен грев. Многу добри биографи се откажале од критичка анализа. Но ако не го добиваме човекот или неговите романи – што тогаш добиваме?
Греам Грин бил речиси морничаво дисциплиниран писател. Можел да пишува среде војни, среде бунтот Мау Мау, што и да било. И пишувал, строго, по петстотини зборови дневно, во мало тефтерче што го носел во џебот од сакото. Ги броел зборовите, и на петстотини запирал – дури и среде реченица, како што вели неговиот биограф. Потоа продолжувал следното утро. Книгата на Ричард Грин често изгледа како да е напишана по истиот принцип. Многу од поглавјата се долги само две или три страници. Тоа создава извесна студенило.
За да бидеме фер, треба да се каже дека многумина го сметале Греам Грин за тешко разбирлив човек, и Ричард Грин навистина придонесува кон нашето разбирање на својот субјект. Наместо да се фокусира на неговиот сексуален живот, тој се обидува да го прикаже како светски патник – особено во т.н. Трет свет – и како набљудувач на меѓународната политика. Биографијата, како што стои на корицата, „се чита како вовед во самиот дваесетти век“ и го прикажува Грин како „неуморен застапник за човекови права“. Не сум сигурна дека Ричард Грин навистина успева да го поткрепи тоа тврдење, но, и покрај тоа што неговите издавачи сакале така да го претстават, тој не го наметнува премногу. На крајот, книгата покажува дека Грин се оформил во нешто што би можело лабаво да се нарече „социјалдемократска позиција“ – што звучи поблиску до вистината. Во Панама се дружел со трговец со оружје по име Чучу. Во Ел Салвадор посредувал при некои откупи. Ги мразел САД – но надвор од нив, тоа не е толку ретко чувство.
Мислам дека значењето на Греам Грин како набљудувач на Африка, Азија, Латинска Америка и Карибите не лежи толку во политичката мисла или активизам, туку повеќе во неговата уметничка способност — како некој што го бележи начинот на кој една танчерка во Сајгон се однесува ако сака да „улови“ американски сопруг; начинот на кој Американците, Англичаните и Французите — новинари и офицери — седат по хотелските тераси, пијат розев џин и се жалат на инсектите; начинот на кој сириски трговец со дијаманти постапува со англиски полицаец кого се надева да го уцени — и потоа што се случува кога ќе почнат да паѓаат бомби. Истото важи и за романите што Грин ги сместил во помалку далечни средини; духовните и политичките кризи со кои се занимаваат бледнеат во сеќавањето, а она што останува е неговото природно чувство за секојдневието. Тоа е сржта на делото на Греам Грин: не длабочината — колку и да се стремел кон неа — туку инстинктот за тоа како навистина изгледаат работите и што значи тоа.
