Денес читаме прекрасни стихови и македонска поезија!
Слобода – Лидија Димковска
Слободата во лифтот на светот
секогаш притиска погрешно копче П:
наместо на приземје излегува во подрумот,
а таму пред лифтот стојат маскирани крадци
кои ѝ удираат клоци и шлаканици,
или исклештени манијаци со спуштени панталони,
или обезбедувачи што ја штипкаат за задникот
кога нагло се врти кон лифтот
што цимолејќи веќе се искачува угоре,
и потоа сите ја грабаат за градите,
ја влечат за нозете, а таа се отима,
и помодрена се довлечкува по скали до приземјето,
а таму стојат деца со училишни чанти
и го чекаат лифтот од најгорниот кат.
„Види ја каква е!“, си шепкаат,
потрчуваат по скалите дома и се заклучуваат,
страв им е од слободата
да не нагрне врз нивната врата,
да не се испружи пред нивниот праг,
да не им побара вода, леб или постела.
А не знаат дека слободата што ја имаат во животот
се мери со преостанатите шолји од сервисот за чај
во еврејските музеи низ светот,
не знаат дека морињата исфрлаат и луѓе, не само школки,
не знаат дека џелатот станува жртва кога ја обезглавува,
а жртвата станува џелат кога ја заборава,
не знаат дека металот на чеканот е отсекогаш лабав
и паѓа пред да мавне, директно врз прстите,
не знаат дека тоа е таа иста слобода
за која учат на часовите по историја,
а лесно ја удира воз на ближната пруга,
не знаат дека слободата што ја имаат во животот
е бела површина над црна длабочина,
исто како мев на трудница
од кој и тие се родени,
но некои дури во смртта
ќе станат и слободни
(од збирката „Црно и бело“, Или-Или, 2016)

