Пет најпознати и највлијателни друштва меѓу писателите!

Во светот на писателите и книжевноста, отсекогаш се говорело за битките на суети и постојаната трка и натпреварувачкиот дух помеѓу писателите. Многу често ќе чуете дека да се биде писател е многу осамена работа. Сепак, дел од нив се здружувале, дружеле, создавале свои кругови на друштва со кои ја споделувале својата работа и коментирале за најразлични општествени случувања, како и за сите новости од светот на книжевноста. Се разбира, уживале и во меѓусебното друштво и безбројните забави кои ги приредувале.

Сајтот Biographile направи листа од пет највлијателни и најпопуларни книжевни друштва, односно клики помеѓу писателите.

1.  Друштвото Блумсбери (The Bloomsbury Group)

bloomsbury_group_2
 (дел од друштвото „Блумсбери“)

Ова друштво, кое со гордост ги именува Вирџинија Вулф и Е. М. Форстер како свои најистакнати членови, се создало на почетокот на 20 век низ ходниците на Универзитетот Кембриџ. Таму, неколку лево-ориентирани, уметнички настроени луѓе како Форстер, Џон Мејнард Кејнс и уметничкиот критичар Клајв Бел, создале цврсти врски кои ги оддржале и откако се преселиле во Лондон по нивното дипломирање.

На почетокот на 20-тиот век, групата, која сега веќе имала неколку жени во нивна придружба, започнала редовно да се среќава во четвртоците и петоците во малечкото маало Блумсбери во Лондон. Како и повеќето книжевни клики, групата ги напаѓала вредностите на буржоазијата и ја покажувале својата неконвенционалност со тоа што спиеле едни со други и отворено пишувале статии за поддршка за правата на жените и против милитаризмот.

2. Друштвото од тркалезната маса Алгонкин (The Algonquin Round Table)

algonquin_round_table

(дел од „Злобниот круг“ или друштвото од тркалезната маса Алгонкин)

Оваа група сатиричари, критичари и глумци низ текот на 20-ти години на 20 век редовно се среќавале на по неколку чаши мартини во хотелот „Алгонкин“ во Њујорк. Исто така познати и како „Злобниот круг“, заради нивната колективна зајадлива духовитост, оваа група станува позната на јавноста по нивните колумни, критики и есеи кои ги објавувале. Дороти Паркер, која е можеби најистакнатиот член на ова друштво, била дел од уредувачкиот одбор на „Њујоркер“, по неговото создавање во 1925 година. Покрај пиењето и хумористичите забелешки, ова друштво ги обожавало шеговитите местенки, покерот и пантомимата.

3. Изгубената генерација (The Lost Generation)

optimized-lost-gen

 (дел од „Изгубената генерација“)

Познатата интелектуалка Гертруда Стајн е кумата на името на ова друштво. „Изгубената генерација“ била група на писатели и уметници кои биле актуелни и работеле во периодот на Првата светска војна и чија уметност и дела често се обидуваат да ја доловат траумата на преживеаните за време на овој прв вистински глобален конфликт. Иако Стајн е кумата, сепак тие станале познати откако Ернест Хемингвеј го употребил тоа име како епилог на неговата многу позната книга „Сонцето повторно изгрева“.

За разлика од „Инклинзите“ и „Злобниот круг“, ова друштво немало постојани состаноци, иако често се среќавале во станот на Гертруда Стајн во Париз на улицата „27 Rue de Fleurus“ за да ја видат нејзината импресивна колекција на делата на Пикасо и да учествуваат во уметничките собиранки кои таа ги организирала. Многумина сметаат дека приказната на „Изгубената генерација“ е многу трагична со оглед на тоа дека двајца од најуспешните членови на групата, Ернест Хемингвеј и Ф. Скот Фицџералд умреле релативно млади борејќи се долго со зависност од алкохол и депресија.

4.  Инклинзите (The Inklings)

eagle_and_child_28interior29

(Инклинзите како група сè уште постојат во Оксфорд)

Инклинзите биле група на љубители на книжевност, студенти на Оксфорд, кои од периодот од 1931 до 1949 година, редовно се среќавале во собите во студентските домови или локалните пабови за да ги споделуваат своите незавршени дела. Групата имала заедничка страст за фантазијата, со членови како К. С. Луис и Џ. Р. Р. Толкин кои ќе станат едни од најзначајните фигури во она што понекогаш се нарекува митопоеична книжевност. Толкин дури вклучил фиктивна верзија на Инклинзите во својата незавршена книга „The Notion Club Papers“, дел од „Историјата на Средната земја“. Инклинзите како група, во сосема поинаков формат, реформирана, сè уште постои во Оксфорд.

5.  Бит-генерацијата (The Beats)

citylightsann

(дел од Бит-генерацијата) 

Исто како и друштвото Блумсбери, и членовите на бит-генерацијата се запознале на факултет (Универзитетот Колумбија во Њујорк). Многу често си ги разменувале романтичните партнери и се бунтувале против општествените правила во Америка од 50-ти години на 20 век. Двајца од најпознатите од бит-генерацијата, Ален Гинсберг и Вилијам С. Буроус, кревале прашина и создавале контроверзија со своите дела, бидејќи во нив пишувале за употреба на дрога, како и за хомосексуалноста. „На пат“ од Џек Керуак е едно од најпознатите дела од тоа време. Исто така постоело и крило на поети од Западниот брег, вклучувајќи ги и Гери Снајдер и Лоренс Ферлињети, но тие никогаш не ја достигнувлет славата на своите колеги од Големото јаболко.

Мора да признаете дека се работи за импресивни друштва во кои членувале едни од најгенијалните и највлијателните писатели и уметници. Кој не би посакал барем за миг да биде дел од некое од овие друштва?

5 comments

  1. […] Вирџинија Вулф заедно со нејзиниот сопруг живееле во оваа куќа во периодот од 1919 се до нејзината смрт во 1941 година. Тука таа работела на нејзините книги како “Г-ѓа Даловеј“ и “Кон светилникот“ и организирала дружења на познатата Блумсбери група. […]

    Like

Leave a reply to Писмо на младиот Хемингвеј до Ф. Скот Фитцџералд | Кафе и книги Cancel reply