За љубителите на книгите доволна е само една причина за читање – љубовта кон добрата книга. Но, уште подобро е кога ја имаме науката како наша поддршка. Во еден од претходните објави, пишував за „Четири начини преку кои книгите ни го збогатуваат животот“, а денес прочитајте и шест причини поради кои треба да читаме книги и зошто тие се здрави за нас. Според науката, нели…
Photo by Aga Putra on Unsplash
1. Читањето книги те прави подобар човек
Во 2013 година, Универзитетот „Емори“ направи истражување што укажува на тоа дека луѓето што читаат книги имаат поголемо ниво на емпатија т.е сочувство. Истражувачите го споредиле мозокот на луѓето откако тие читале и мозокот на луѓето што воопшто не читале. Мозокот на читачите покажал поголема активност во одредени мозочни полиња за разлика од луѓето што не читаат.
Особено е покажана активност во делот од мозокот одговорен за визуелизација на движење. Кога се замислува човек себеси како прави одредена активност, тој всушност може и да се почувствува самиот себе како ја прави активноста. Сличен процес се случува и кога се замислувате како лик од книга – можете да ги „преземете“ и нивните чувства.
Истражувањето заклучило дека луѓето што ги „преземаат“ чувствата на ликовите во книгата и ги чувствуваат чувствата што се појавуваат за време на настаните од книгата, покажуваат зголемо чувство на емоционална свесност, правејќи ги поемпатични. Емпатијата кон тие околу вас ве прави почувствителни за емоционалната состојба на луѓето околу вас.
2. Читањето ги подобрува социјалните вештини и начинот на кој ги градиме односите со луѓето
Ако читањето ве прави сочувствителни, технички ги подобрува и вашите социјални вештини. Едно истражување објавено во научниот весник „Science“, дошло до заклучок дека по читање книга, луѓето биле подобри на тестовите кои мереле сочувство, социјална перцепција и емоционална интелигенција. Ова се вештини кои се многу корисни кога се обидувате да прочитате нечиј говор на тело или да се обидете да погодите на што мислат.
Еден дел од истражувањето вели: Разбирањето на умствените состојби на другите е главна вештина која овозможува социјални врски што ги карактеризираат човечките општества. Сепак, многу малку истражувања се спроведени за да се открие што ја поттикнува и надградува оваа вештина, која е позната и како „Теорија на умот.“
3. Читањето е одлично за вашата врска
Според експертот за врски и психотерапевтот Кен Пејџ: „Истражувањата покажуваат дека луѓето можат да се зближат со откривање и споделување нови мисли, идеи и фантазии; читањето книга и потоа дискутирајќи ја истата е забавен и интересен начин за паровите да се зближат. Ела Бертоуд, библиотерапевт во „Школото за живот“ во Блумсбери, Лондон, има изјавено: „Една од убавините на заедничкото читање е фактот дека откривате нови аспекти еден за друг или може повторно да откриете поврзаност што некогаш сте ја имале.“
4. Читање ја спречува Алцхајмеровата болест
Едно истражување од 2001 година во Националната академија на науки во САД, правела испитување на 193 луѓе за тоа кои се нивните хобија. Требале да изберат 26 различни хобија како физички активности (пример: градинарство и плетење), интелектуални активности како читање и пасивни активности (гледање телевизија). Тие откриле дека постарите луѓе што читаат или играат игри кои го стимулираат мозокот имаат за 2 ½ пати помалку шанси да заболат од оваа болест. Авторот на истражувањето, д-р Роберт Фрејдланд тврди дека луѓето кои не ја вежбаат нивната сива маса имаат големи шанси да губат мозочна моќ.
5. Читањето опушта
Д-р Дејвид Луис од истражувачката група „Мајндлаб Интернејшнл“ од Универзитетот во Сасекс открил дека откако испитаниците биле подложени на зголемување на нивото на стрес и срцебиење преку различни вежби и тестови, им биле потребни шест минути читање во себеси за да им се врати срцебиењето во нормала и да се олесни тензијата во мускулите. Интересно е што нивото на стрес било пониско и од тоа што го имале испитаниците пред да почнат со испитувањата. Читањето го намалува нивото на стрес за 68%, слушањето музика за 61%, пиење чај или кафе за 54%, а излегување на прошетка го намалува стресот за 42%.
Д-р Луис изјавил: „Да се изгубите себеси во книга е врвно опуштање. Не е важно каква книга читате, бидејќи со тоа што ќе се изгубите во добра и интересна книга можете да избегате од грижите и стресот што ви ги приредува секојдневниот свет и да поминете малку време истражувајќи ја фантазијата на авторот.“
6. Читањето ви го изострува мозокот
Ова истражување во „Neurology®“, медицинското списание на Американската академија за неврологија и авторот Роберт С. Вилсон велат: „Нашето истражување покажува дека вежбањето на мозокот со правење вакви активности за време на животот на човекот, од детство до старост, е многу важно за здравјето на мозокот во староста.“ За потребите на истражувањето, 294 луѓе требало да решат тест што секоја година во временски период од шест години го мерел помнењето и мислењето, пред нивната смрт, на просечна возраст од 89 години. Откако починале, нивните мозоци биле испратени на аутопсија за да се истражи дали постоеле докази за деменција и останати промени на мозокот.
Истражувањето покажало дека луѓето што учествувале во активности кои поттикнувале мозочна активност, како читање (и во детството и подоцна во животот), падот на помнењето бил побавен во споредба со оние што немале такви активности за време на нивниот живот. Мозочната активност влијаела на 15% од разликата во падот на помнењето.
„Врз основа на ова, не смееме да ги потцениме ефектите на секојдневните активности, како пишување и читање, врз нашите деца, нашите родители, баби и дедовци, како и врз самите нас“. – изјавил Вилсон.
Како што можете да забележите, освен љубовта за пишаниот збор, чувствата, ликовите и приказните кои ги учиме со читаниот збор, освен за разонодата која ја нудат книгите, читањето може да има и вистинско влијание врз нашето здравје!
Затоа, да живее науката! Да живеат книгите!


[…] прекрасна навика. Веќе во неколку наврати зборував за дополнителни причини зошто треба да читаме (барем според науката) и за тоа на кој начин читањето […]
LikeLike
[…] прекрасна навика. Веќе во неколку наврати зборував за дополнителни причини зошто треба да читаме (барем според науката) и за тоа на кој начин читањето […]
LikeLike