Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (6)

Официјално започна пролетта и прекрасните сончеви денови. За љубителите на книги тоа значи преубава можност да се искористи сонцето на некоја клупа во парк со книга во рака и убаво кафе. Како и секоја недела, продолжува предлог листата за читање која е составена од книги кои добиле Пулицерова награда. Доколку не сте ги виделе претходните предлози, тоа може да го направите, тука, тука, тука, тука и тука.

А сега, погледнете ги петте книги кои влегоа во изборот за овонеделни предлози за читање. 🙂

1.  „Едногодишно“ – Марџори Кинан Ролингс 

~ „Тој конечно сфати. Ова беше смрт. Смртта беше тишина која не даваше повратни одговори.“ ~

Во оваа книга, која е добитник на Пулицеровата награда во 1939 година, малиот Џоди ќе посвои срна кој останала сираче и таа ќе стане дел од неговото семејство и негова најдобра другарка. Но, животот во периферијата на Флорида е суров и тежок – неговата фамилија се соочува со волци, мечки и алигатори и се наоѓаат во многу незавидна позиција кога егзистенцијата им е ставена под знак прашалник поради тоа што им пропаѓаат нивните обиди за земјоделство. Џоди сепак ќе мора да се раздели од неговото најдраго другарче.

2. „Поправувачот“ – Бернард Маламуд

~ „Јас го поправам она што е скршено – освен тоа што е во срцето.“ ~

Дејството на „Поправувачот“ се случува во Киев во 1911 година за време на раширениот антисемитизам во Украина. Оваа книга ни дава преглед на приказната на Јаков Бок, еврејски занаетчија кој е обвинет за бруталното убиство на младо руско момче. Бок го напушта своето село за да ја проба својата среќа во Киев и откако се одрекува од својот еврејски идентитет, се наоѓа во ситуација да работи за член на антисемитското друштво „Црни стотки“.

Кога руското момче е пронајдено во пештера, „Црните стотки“ ги обвинуваат Евреите за ритуално убиство. Уапсен и затворен, Бок одбива да признае дело што не го извршил. Потресна и прекрасна приказна која со право ја добила Пулицеровата награда во 1967 година.

3. „Песната на џелатот“ – Норман Мејлер

~ „Искрата на човештвото може да ја максимизира својата убавина со тоа што ќе одбере алтернатива со која ќе го сочува своето достоинство и ќе донесе малку умствен мир. “ ~

Оваа екстремно интересна и напната приказна кој заслужено ја добива Пулицеровата награда во 1980 година, е заснована врз вистинска приказна за Гери Гилмор кој во 1976 година ограбил двајца луѓе и ладнокрвно ги убил. Откако бил осуден за убиството, тој самиот инсистирал да му биде изречена смртната казна и изјавил дека сака да умре за стореното дело.

Тој бил првиот човек во повеќе од десет години кој бил осуден на смртна казна. Приказната го следи него и сите вклучени страни и дава прекрасен преглед на правосудниот систем, смртната казна и сите процеси што се случуваат внатре во системот, а дава и многу интересна општествена анализа на луѓето, насилството и осаменоста.

4. „Испорачани вести“- Ени Проулкс 

~ „Сите ние сме малку чудни. Како што растеме учиме да ги маскираме и криеме различностите.“ ~

Кога жената на еден човек си заминува од неговиот живот, тој се повлекува со неговите ќерки во неговиот дом на прекрасниот брег во Њуфоундланд, каде се појавуваат огромен број локални ликови и членови на семејството кои играат огромна улогата во неговата борба повторно да застане на нозе. Тој се соочува со своите приватни демони и непредвидливите сили на природата и општеството – тој почнува да ја разгледува можноста за љубов без болка и мизерија. Оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1994 година, покажува зошто Ени Проулкс е позната како една од најоригиналните и најталентираните автори во Америка.

5. „Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ – Џуно Диаз

108_29_37_17__24__12_2014oscar20wao

~ „Не можеш да се каеш за животот што никогаш не си го имал.“ ~

Книгата што ја доби Пулицеровата награда во 2008 година се смета за едно од модерните ремек-дела и веќе се вбројува во најдобрите книги издадени во 21 век. Приказната го следи Оскар, добро момче кое доаѓа од гето и се бори со прекумерна тежина. Тој живее во Њу Џерси и е романтична душа што сонува да стане доминиканскиот Џ. Р. Р. Толкин и најважно од сè, сонува да ја најде својата сродна душа.

Но, сосема е можно тој никогаш да не го добие она што го посакува заради клетвата која го прогонува семејството на Оскар со генерации; повеќето од нив завршиле во затвор, биле малтретирани, им се случувале трагични несреќи и сите биле осудени на несреќна љубов. Оскар, кој сè уште сонува за неговиот прв бакнеж е последната жртва на клетвата, но едно лето одлучува да биде нејзина последна жртва.

7 comments

Leave a reply to Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (седми дел) | Кафе и книги Cancel reply