BBC подготвува уште еден телевизиски спектакл: Универзумот на Дикенс!

Пред извесно време, на блогот беше објавено дека Би-Би-Си спрема двочасовен проект за животот на сестрите Бронте. Покрај останатото, радиото Би-Би-Си заедно со Бенедикт Камбербач решија да му оддадат почит на споменот на Франц Кафка преку читање на „Преобразба“, но и радио Би-Би-Си реши да создаде радио-драма врз основа на книгата „Замокот“ од Франц Кафка. Би-Би-Си се познати по своите прекрасни серијали и документарци посветени на големи книжевни дела и книжевни великани.

Овој пат тие решија да ги изненадат сите љубители на книжевноста, особено љубителите на делата на Чарлс Дикенс. Да, Би-Би-Си реши на малите екрани да го стави универзумот на Дикенс. Имено, неделава започна да се снима тв-серија од 20 епизоди, насловена како „Дикензиски“ (Dickensian) во која сите познати ликови од делата на Дикенс се сретнуваат меѓу себе.

Ликовите од книгите на Дикенс како Оливер Твист, Инспектор Бакет, госпоѓа Гамп, госпоѓа Бамбл, Скруџ, госпоѓица Хавишам и останатите ликови од приказните на Дикенс ќе оживеат на малите екрани. Овие ликови ќе комуницираат меѓу себе и сите се сместени во викторијански Лондон. Сите оригинални места споменати во книгата ќе бидат запазени. Се’ уште нема многу детали во однос на приказната и тоа како ќе биде изведено запознавањето и здружувањето и комуницирањето помеѓу ликовите. Стивен Реа, Полин Колинс, Каролин Квентин, Питер Фирт и други актери веќе го потврдиле своето учество во проектот.

Верувам дека сите љубители на Дикенс со нетрпение ќе го очекуваат излегувањето на серијата. Забавно ќе се биде да се видат сите ликови од универзумот на Дикенс како се среќаваат на исто место и во исто време. Често сум се прашувала како би изгледало кога ликови од различни книги би се сретнале во друг универзум, а сега ќе ја имаме можноста да го видиме тоа со ликовите на Дикенс.

Leave a comment