BBC подготвува уште еден телевизиски спектакл: Универзумот на Дикенс!

Пред извесно време, напишав на блогот дека BBC спрема двочасовен проект за животот на сестрите Бронте. Покрај останатото, радиото BBC заедно со Бенедикт Камбербач решија да му дадат почит на споменот на Франц Кафка преку читање на „Преобразба“, но и BBC радио реши да продуцира радио драма врз основа на книгата „Замокот“ од Франц Кафка. BBC се познати по своите прекрасни серијали и документарци посветени на големи книжевни дела и книжевни великани.

Овој пат BBC решија да ги изненадат сите љубители на литературата, особено љубителите на делата на Чарлс Дикенс. Да, BBC реши да го стави на малите екрани универзумот на Дикенс. Имено, неделава започна да се снима тв-серија од 20 епизоди, насловена како „Дикензиски“ (Dickensian) во која сите познати ликови од делата на Дикенс се сретнуваат меѓу себе.

Ликовите од книгите на Дикенс како Оливер Твист, Инспектор Бакет, госпоѓа Гамп, госпоѓа Бамбл, Скруџ, госпоѓица Хавишам и останатите ликови од приказните на Дикенс ќе оживеат на малите екрани. Овие ликови ќе комуницираат меѓу себе и сите се сместени во викторијански Лондон. Сите оригинални места споменати во книгата ќе бидат запазени. Се’ уште нема многу детали во однос на приказната и тоа како ќе биде изведено запознавањето и здружувањето и комуницирањето помеѓу ликовите. Стивен Реа, Полин Колинс, Каролин Квентин, Питер Фирт и други актери веќе го потврдиле своето учество во проектот.

Верувам дека сите љубители на Дикенс со нетрпение ќе го очекуваат излегувањето на серијата. Забавно ќе се биде да се видат сите ликови од универзумот на Дикенс како се среќаваат на исто место и во исто време. Често сум се прашувала како би изгледало кога ликови од различни книги би се сретнале во друг универзум, а сега ќе ја имаме можноста да го видиме тоа со ликовите на Дикенс.

Leave a comment