На денешен ден, пред 66 години, објавена е една од најконтроверзните и најпопуларните книги на сите времиња: „1984“. Џорџ Орвел со оваа книга прави вистински бум и крева вистинска прашина. Книгата зборува за едно дистописко општество, целосно контролирано од Партијата, во кое „Големиот брат“ ги гледа сите и никој не може да избега од неговото око. Општество каде незнаењето е моќ, слободата е ропство, а војната мир. Општество во кое е забрането да имате дури и сопствени мисли.
Револуционерна книга која е еден вид пророштво за тоа како ќе изгледа иднината и во кој правец ќе се движи општеството според Џорџ Орвел. Неговото лудицно пишување, описите, начинот на кој ја развива приказната ќе предизвика морници кај секого. Книга која е постојано на сите листи за најзабранувани книги токму заради контроверзноста.
Во чест на „1984“, склопив неколку интересни и малку познати факти за книгата која изврши огромно влијaние врз книжевноста.
1. Постои превод на италијански јазик, каде часовникот отчукува „еден“ наместо „тринаесет“.
Оние коишто ја прочитале книгата, знаат дека воведната реченица во книгата е: „Беше ведар и студен априлски ден; часовниците покажуваа тринаесет часот“. Постои верзија на италијански јазик во која часовникот отчукува еден часот. Тоа е инаку слободно толкување на преведувачите кои не биле свесни дека Орвел намерно го избрал 13 како час, па затоа и сметале дека не е важно како ќе биде преведено.
2. Малку недостигало книгата да не се вика „1984“.
Кога дошло времето за издавање, пред да ја пушти конечната верзија, Орвел долго се двоумел како да ја именува книгата. Пред конечно да се реши за името „1984“, тој долго време размислувал да ја именува книгата „Последниот човек во Европа“.
3. Покрај името, Орвел бил нерешителен и во однос на тоа во која година ќе се одвива дејството во книгата.
Пред да се реши за 1984, во игра биле и 1980 и 1982 година.
4. Ликот на Јулија е заснован на втората сопруга на Орвел – Соња Браунвел.
Соња била асистент во едно списание за книжевност, а Јулија беше „девојката од одделот за фикција“. За жал, љубовта на Орвел и Соња била исто толку проколната како и онаа на Винстон и Јулија. Орвел починал 14 недели по нивната венчавка.

5. Астероид којшто бил откриен во 1984 година бил именуван во чест на Орвел.
Колку книгата е значајна и колкава прашина кренала, може и да се забележи преку следниов пример: На 31 јули 1984 година, астрономот Антонин Мркос открил астероид во чешката опсерваторија во Клет. Откривајќи го малото камено тело кое се движи низ вселената и воедно идентификувано во 1984 година, била донесена одлуката астероидот да се вика „11020 Орвел“.
6. Орвел за малку ќе се удавел додека ја пишувал книгата.
Најголемиот дел од книгата е напишан во Шкотска, бидејќи Орвел сметал дека таму е најпродуктивен. Сепак, во моментите кога не пишувал, Орвел знаел да прави паузи за да си ја разбистри главата. Еден летен ден во 1947 година, Орвел го земал својот син, внук и внука на кратко крстарење со брод. Но, четворицата паднале од бродот без појаси за спасување. За среќа сите преживеале, но ова било уште еден удар за здравјето на Орвел коешто и онака било кревко.
7. Орвел боледувал од туберколоза додека ја пишувал „1984“.
Орвел се мачел за време на неговото пишување, добивајќи туберколоза. Но, тој бил толку тврдоглав што не сакал да оди на боледување и лечење додека не ја заврши книгата. Дури откако ја завршил книгата побарал лекарска помош, две години откако му била првично поставена дијагнозата.
8. Орвел починал седум месеци по издавањето на „1984“.
Иако добивал признанија за својата работа како новинар и писател, сепак Орвел не успеал да види какво влијание извршил врз книжевноста и колку значајни стануваат неговите дела. Починал на 21 јануари 1950 година заради компликациите кои биле предизвикани од туберколозата.

9. „1984“ можела да биде напишана и од П.С Буртон, Кенет Мајлс или Х. Луис Олвејс.
Или барем така би пишувало на кориците. Имено, познато е дека Џорџ Орвел не е неговото вистинско име, туку само псевдоним кој го користел. Неговото вистинско име било Ерик Артур Блер и тој го избрал Џорџ Орвел како псевдоним помеѓу кратка листа на имиња меѓу кои биле и горенаведените.
10. „1984“ е една од омилените книги на многу познати личности.
Дејвид Боуви, Стивен Кинг, Мел Гибсон и ѕвездата од „Игра на тронови“, Кит Харингтон се само мал број од познатите личности кои ја наведуваат оваа книга како една од нивните омилени книги на сите времиња.
11. Во одреден период, „1984“ била најпреведувана книга.
До 1989 година, „1984“ и „Животинска фарма“ биле преведени на 65 јазици, рекорд за две книги од еден автор.

12. Пред да биде жесток критичар на пропагандата во „1984“, тој и самиот работел во индустријата за пропаганда.
За време на Втората светска војна, Орвел работел како телевизиски продуцент во BBC. Негова задача било да создава и надгледува создавање на програми кои би биле емитувани на индиските тв-станици каде Велика Британија и нејзините сојузници би се прикажувале во најдобро светло со цел да поттикнуваат волонтери да се пријавуваат во Кралската војска.
13. Собата 101 навистина постоела. Орвел работел во неа.
Можеби не била баш таква каква што е во книгата, т.е не била соба за мачење каде сите ваши кошмари стануваат реалност, но инспирацијата на Орвел за оваа соба била канцеларија во BBC во која одржувал состаноци и која случајно или не, го имала бројот 101. Можеби тоа и било неговиот најголем кошмар.
14. Слоганот „2+2=5“ навистина постоел.
И тоа во советска Русија. „2+2=5“ е всушност слоганот на Комунистичката партија во Русија, којашто сакала да го промовира својот петгодишен план за национален развој во 1928 година.

(Постерот на Комунистичката партија во Русија која го промовира нивниот петгодишен план)
15. Полицијата на мислите била инспирирана од јапонските Кемпетај.
Тие биле дел од јапонската полиција, служба која постоела во Јапонија во периодот од 1881 до 1945 година и кои апселе луѓе под сомневање за „непатриотски мисли“.
16. „Големиот брат“ го следел и набљудувал Орвел.
Едно истражувачко патување на Орвел во 1936 година, кое било спонзорирано од локалната комунистичка партија, резултирало со објавување на истражувањето на Орвел наречено „Патот до Виган Пјер“, во кое зборувал за експлоатацијата на сиромашните и репресијата на класите. Ова истражување зборувало и за условите за работа во рудниците и било доста левичарски настроено.
Заради своите „напредни комунистички гледишта“, Орвел бил ставен на специјалната листа за набљудување на Владата. Тој бил постојано набљудуван во период од 12 години, а една од најинтересните забелешки во списите од набљудувањата е дека „се облекувал боемски“.
