Најнова мода: Боенки за возрасни!

Во последниве неколку години почна да се наметнува една нова мода: Боенки за возрасни! Иако боенките досега беа наменети исклучиво за децата, сепак се’ поголем замав земаат боенките за постарите.

Во САД, книжарниците веќе наголемо набавуваат боенки за возрасни, а и на страната „Амазон“, нивната продажба оди како алва. Во моментов, на „Амазон“, 5 книги од нивните топ 30 најпродавани книги се боенки за возрасни. Мислам дека тоа кажува многу за зголемувањето на нивната популарност.

Можеби некој ќе се запраша зошто воопшто би постоело нешто такво како боенка за возрасни и повеќе од се’, би се запрашал зошто стануваат толку популарни? Едноставно е, боењето по одреден шаблон претставува еден вид на лична психотерапија за отстранување на секојдневниот стрес.

Според одредени психолози, овие боенки се еден вид бегство на луѓето од реалноста и секојдневните грижи и претставуваат одличен начин за одморање на мозок од моменталните грижи. Им помага на луѓето да создаваат фокус кој создава нешто кое ги инспирира, мотивира и задоволува.

Има истражувања кои покажуваат дека боењето по шаблон, врз основа на веќе направен дизајн може многу да им помогне на луѓето кои патат од анксиозност. Иако, се разбира, ова самото по себе не е доволно, бидејќи на анксиозните луѓе им е потребна поголема помош, сепак психијатрите со големо одобрување гледаат на боенките за возрасни.

Еден од најголемите бестселери меѓу боенките за возрасни е „Боенка за возрасни: боенка која содржи шаблони за ослободување на стресот“ и воедно ветува забавно време во кое човек ќе се ослободи од стресот, ќе се забавува и ќе доживее внатрешен мир.

Дури и дел од кандидатите за американски претседател како Хилари Клинтон и Тед Круз објавија боенки од себе, каде што можете да ги боите кандидатите и нивнатата облека како што милувате, а истите се наменети и за деца и за возрасни. На овој линк можете да разгледате некои предлози за одлични и интересни боенки за возрасни, па можеби некоја од нив ќе ве инспирира да си нарачате една и за себе.

Од другите поинтересни новости, верувам дека обожавателите на „Игра на тронови“ ова ќе го дочекаат со радување. Во подготовка е боенка за возрасни инспирирана од популарната „Песна за мразот и огнот“ на Џорџ Р.Р. Мартин. Самиот Џорџ Р.Р. Мартин ќе биде „архитектот“ на оваа боенка која нема да биде достапна за деца (верувам дека нема потреба од дополнителни објаснувања на оваа тема).

Боенката ќе содржи 45 оригинални црно-бели цртежи инспирирани од ликови, сцени, локации и други препознатливи карактеристики од популарниот книжевен серијал „Песна за мразот и огнот“. Првичниот план е боенката да излезе на есен, а подготовките и цртежите се чуваат во најголема тајност.

Звучи интересно, нели?

Што мислите за оваа мода? Би купиле ли боенка за возрасни?

2 comments

  1. Изгледаат многу интересно, ми се допаѓа концептот на истите. Би сакала да имам една, но засега не сум купила. Се надевам дека цената ќе им се намали во блиска иднина 😀

    Liked by 1 person

    • Интересни се, а и докажано е дека помагаат за смирување на нерви кога е човек нервозен. Инаку да, засега се прилично скапи, но тоа е и заради нивниот ограничен број, се’ уште не се толку распространети, но верувам со тек на време ќе им паѓа цената, само треба да се следат веб страните на кои можат да се купат. А можеби наскоро ќе ги видиме и кај нас во “Икона“ или некоја од другите книжарници можеби ќе се одлучи да ги увезе. 🙂

      Like

Leave a reply to curiousdaisies Cancel reply