Дојран ќе ја добие првата Библиотека на плажа!

На 15.7. 2015 година (среда), официјално ќе биде пуштена во употреба првата Библиотека на плажа во Дојран! Сите љубители и заљубеници во книгата кои ќе престојуваат во Дојран, а немаат четиво за читање или веќе ги прочитале оние кои понеле со себе, ќе имаат можност бесплатно да изнајмуваат книги и да ги читаат додека се сончаат или пијат кафе на Градската плажа во Дојран.

Меѓу книгите кои ќе бидат достапни на Градската плажа во Дојран ќе бидат:

– „Бездомникот со златен часовник“ – Верче Каранфилоска, која стана апсолутен македонски бестселер годинава.
– „Рингишпил“ – Јелена Бачиќ Алимпиќ, книгата која ги расплака речиси сите девојки кои ја земаа во рака.
– „Шепнувачот“ – Донато Каризи, италијанскиот крими-роман полн со возбуда и книга која нема да сакате да престанете да ја читате.
– „Кругот на животот“ – Јован Илиески, книга на младиот надежен македонски писател.
– „Полноќна роза“ – Лусинда Рајли, вистински хит за љубовта и снагата којашто само една мајка може да ја има.

Ова е само еден дел од книгите кои се најавени дека ќе бидат на полиците на Библиотеката на плажа. Изданијата кои се засега најавени се изданија на „Матица“.

Како љубител на книги и жесток поддржувач за зголемување на читателите и читателската публика во Република Македонија, се надевам дека и другите издавачки куќи и книжари ќе се вклучат во проектот „Библиотека на плажа“.

Се работи за навистина интересен проект кој би можел во иднина да се прошири и во другите туристички места во Македонија и се надевам нема да застане тука. Можеби и другите единици на локална самоуправа ќе се инспирираат и охрабрат од овој чекор.

Во иста насока како мене размислува и Дејан Павлески од „Клуб Матица“ кој изјави:

„Ја поздравувам иницијативата на Општина Дојран и проектот ’Библиотека на плажа‘, што градоначалникот Борче Стамов ја воведе на Градската плажа во Дојран. Ова е одличен начин да се негува културата кај нас, а читањето книги да добие една поинаква димензија, која се надевам дека ќе ја следат, како успешен пример за надополнување на туристичките содржини, и останатите туристички дестинации во Македонија.“

Што се однесува до градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, во однос на овој проект, тој изјави дека:

 “Со проектот ’Библиотека на плажа‘, Општина Дојран вложува во културата и влијае врз зголемувањето на процентот на читатели кај нас.“

367ae2e73ed7457f6bd221fad2cfe1d4

Одлична вест за сите вљубеници во пишаниот збор кои ќе имаат можност да престојуваат во Дојран во периодот што следува. Вакви акции се за поддржување. Културата на читање е многу важна и потребно е многу да се негува и да се поттикнува.

Искрено посакувам голем успех на Библиотеката на плажа и во брзо време да се надополни со што повеќе изданија и да има поголем избор за читање, а воедно истото да се прошири и во другите туристички места во Македонија.

2 comments

Leave a reply to msoldieroflove Cancel reply