Неколку интересни факти за Џ.Д. Селинџер!

Џ. Д. Селинџер е еден од најмаркантните и најинтересните личности во американската литература. Неговиот единствен објавен роман „Игра во ‘ржта“ е еден од романите кои го одбележаа 20-тиот век. Покрај тоа што е исклучително квалитетнa книга, истата предизвика воодушевеност кај публиката и стана инстантен бестселер, но и воедно беше забранувана во многу училишта во Америка поради темите и јазикот кои се употребени во неа.

Џ.Д. Селинџер е познат по тоа што не ја сакал славата и последните години речиси и не го напуштал својот дом. Тој почина во 2010 година, на 91 година.

Во чест на неговите лик и дело, ви презентирам неколку интересни, а можеби малку непознати факти за него. Некои ќе ве насмеат, некои ќе ве изненадат, а некои можеби веќе сте ги знаеле.

1. Додека одел во училиште, тој повеќе се интересирал за глумење отколку за пишување. Во текстот за неговиот алманах ги напишал сите ликови кои ги играл во училишните претстави.

2.  Таткото на Џ.Д. Селинџер бил Сол Селинџер, богат увозник на месо и сирење и сакал синот да ги следи неговите стапки. Со цел да го научи занаетот, тој го испратил Селинџер во Австрија во 1937 година, бидејќи сметал дека таму може да добие најквалитетна обука и да се здобие со највеќе знаење за бизнисот. Откако видел како се прави месото и целиот процес на преработка, тој станал вегетаријанец.

3. Тој останал 10 месеци во Виена и прилично многу се зближил со семејството кај кое престојувал. Особено се зближил со ќерката, која била неговата прва љубов и прва девојка. Во 1945 година, целото семејство ќе биде убиено, а ќерката подоцна ќе биде инспирација за неговиот расказ со наслов „Девојката која ја познавав“.

4. Чарли Чаплин бил негов лут ривал во љубовта. Во 1941 година, Селинџер кој имал 22 години, се заљубил и почнал да излегува со Она О’Нил, која имала 16 години. Таа била популарна девојка во општеството и ќерка на познатиот сценарист и драмски писател Јуџин О’Нил.

landscape-1492522958-charlie-chaplin-oona-oneill-landscape
(Чарли Чаплин и Она О’Нил)

Нивната врска завршила кога тој отишол во војна,  а таа се преселила во Калифорнија каде што го запознава Чарли Чаплин, легендата на немите филмови. Тие се венчале и таа била негова четврта и како што ќе се покаже, последна жена, иако била помлада од него неколку децении. Селинџер бил навистина заљубен до уши во неа и кога прочитал за свадбата во некој весник, навистина бил повреден и скршен од болка.

5. Селинџер служел во војската на САД за време на Втората светска војна и бил дел од инзвазијата врз Нормандија и дел од т.н „Денот Д“. Додека бил на фронтот, тој со себе носел 6 поглавја од „Игра во ‘ржта“ и работел на книгата за целото време додека бил во војната. Подоцна има изјавено дека волјата да ги сочува тие поглавја е тоа што го одржувало во живот.

6. Првата и единствена слика од Селинџер како ја пишува книгата е токму за време на војната.

7. Тој бил еден од првите војници кои влегле во ослободен нацистички концентрационен логор. Она што го видел таму, комплетно му го променува животот. Тој на својата ќерка и’ кажал: „Никогаш не можеш комплетно да се ослободиш од мирисот на месо кое гори, без разлика колку долго живееш.“

8. По падот на нацистите, за време на т.н „денацификација“ на Германија, тој бил контраразузнавачки агент кој бил задолжен за испрашување на воените заробеници. По 6 месеци, конечно се вратил дома. Кога се вратил дома, целото искуство од кампот и војната придонело да заврши во психијатриска болница.

9. Интересен факт е дека во 1942 година, кога Селинџер бил мобилизиран во војската, тој се запознал со Ернест Хемингвеј. Хемингвеј бил литературна инспирација за Селинџер и велел дека делата на Хемингвеј многу му влијаеле на неговото оформување како писател, па зато и не е за изненадување фактот дека сакал да го запознае.

Успеал некако да издејствува да се сретне со Хемингвеј, кој во војната имал својство на воен дописник. Хемингвеј бил импресиониран од Селинџер и неговото пишување и тие одлично се согласувале и останале во контакт и по завршување на војната.


(Писмо на Селинџер до Хемингвеј)

10. Во 1949 година, излегла филмска адаптација на неговата приказна „Вујко Виги од Конектикат“. Филмот се викал „Моето будалесто срце“. Филмот бил тотално промашување и Селинџер се заколнал дека никогаш повеќе нема да дозволи да се направи филм од некоја негова приказна…

11. … и си го одржал ветувањето. Ако ја сакате „Игра во ‘ржта“ и отсекогаш сте се прашувале зошто нема филм базиран на книгата, еве ви го одговорот. И покрај неговото заколнување дека нема да дозволи да се прават филмови од неговите приказни, филмските продуценти никогаш не престанале да го прогонуваат и да го молат да се согласи за адаптација на „Игра во ‘ржта“.

Покрај продуцентите, цела плејада на истакнати актери се бореле и ја сакале улогата на Холден Колфилд. Меѓу нив се и: Џери Луис, Марлон Брандо, Џек Николсон, Леонардо ДиКаприо, итн. И покрај нивната упорност, сепак Селинџер бил уште поупорен во своето „не“.

12. Тој излегувал со многу жени, но никогаш не се снаоѓал најдобро во тоа поле. Бил прилично чуден кога станувало збор за тие работи. Во една прилика, додека и’ се додворувал на Лејла Хејдли Лус, тој споменал дека врне надвор, а кога таа му рекла: „Ако, нема врска, мене баш ми се допаѓа да шетам по дождот“, неговиот одговор бил: „Боже Господе, какво клише.“ По некое време и’ било страв да му се обраќа затоа што мислела дека нема да му се допаднат нејзините зборови.

13. Според неговиот официјален биограф, реченицата со која се обидувал да им пријде на жените била: „Јас сум Џ.Д. Селинџер и јас ја напишав „Игра во ‘ржта““.

14. Селинџер го има објавено својот телефонски број. На 414 страница од „Изгубените писма“, тој напишал: „Во случај да затреба нешто, мојот број е: 603-675-5244.”

15. Неговото дело „Игра во ‘ржта“ се провлекува во три вистински трагични инциденти. Оттуѓувањето на Холден Кофилд е сосема разбирливо за социопатите во општеството.

Откако го убил Џон Ленон во 1980 година, полицијата го пронашла Марк Дејвид Чепмен како лежерно поминува низ некое издание на „Игра во ‘ржта“. Во неа, Чепмен напишал: „До Холден Колфилд. Од Холден Колфилд. Ова е мојата изјава“. Чепмен подоцна тврдел дека го убил Ленон заради книгата и дека во неа се крие одговорот на прашањето за мотивот за убиството.

Во 1981 година, откако Џон Хинкли Џуниор се обидел да го убие Роналд Реган, детективите откриле издание на книгата во неговата хотелска соба. Тој изјавил дека тоа го направил за да ја импресионира актерката Џоди Фостер, која исто така ја демнеел. Тој бил прогласен за невин заради непресметливост.

И третиот случај се однесува на Роберт Џон Бардо, кој во 1989 година ја убил актерката Ребека Шејфер со која бил опседнат. Во момент на апсењето, тој со себе ја носи токму оваа книга.

16. Џ.Д. Селинџер престанал со објавување на свои раскази во 1965 година и престанал да дава интервјуа во 1980 година. Сосема се повлекол во изолација и по секоја цена сакал да ја избегне јавноста. Поради фактот што постојано му досаѓале папараци, обожаватели, новинари, писатели, на крај решил да стави знак „НЕ ВЛЕГУВАЈ“ и со пиштол се заканувал дека ќе пука по луѓето кои влегувале во неговиот двор и доаѓале на неговото земјиште.

17. По смртта на Селинџер во 2010 година, тој оставил инструкции за објавување на 5 досега необјавени дела, но тие не смееле да бидат пипнати до оваа година (2015). Во периодот од 2015-2020 ќе биде објавено продолжение на авантурите на Холден Колфилд во краток расказ кој е насловен (најверојатно) како „Последното и најдоброто од Петар Паните“, кој е напишан уште во 1962 година.

Ќе следува и книгата „Дневникот на агентот за контра-разузнавање“ која е автобиографска книга за испрашувањата кои ги спроведувал врз воените заробеници. Објавена ќе биде и „Љубовна приказна од Втората светска војна“ која е заснована на неговиот краток прв брак со жена за која постојат огромни сомневања дека била нацистка. Ќе биде објавен и „Религиозен прирачник“, што не е за изненадување, со оглед на љубовта и посветеноста на Селинџер кон будизмот и читајќи за најразлични ориентални религии. Петтото дело ќе биде „Комплетните хроники на Гласови“, кое ќе содржи 5 приказни за семејството Глас, кое се појавува во неколку негови раскази.

Бонус: Доколку сакате да дознаете повеќе за животот на Џ.Д Селинџер, можете да го погледнете документарецот „Селинџер“ од 2013 година, режиран од Шејн Салерно. Овој документарец е правен во најголема тајност во период од 5 години и во него се појавуваат и: Филип Сејмор Хофман, Едвард Нортон, Дени ДеВито и Мартин Шин.

Ако и документарецот не ви е доволен, постои и биографија од 700 страни, напишана од Шејн Салерно и Дејвид Шилдс.

2 comments

    • Драго ми е што Ви се допаѓа. Се трудев да најдам информации кои не се сувопарно резиме на неговиот живот, туку интересни детали кои даваат светлина на неговата мистериозна личност. 🙂
      Доколку имате и други предлози за тоа што сакате да читате, слободно предложете! 🙂

      Поздрав!

      Like

Leave a reply to msoldieroflove Cancel reply