Што читаше „Кафе и книги“ во јануари?

Јануари е одличен месец за читање книги. Ги имаме празниците, ладното време, топлите кафиња и чаеви кои нè греат. Има ли подобри предуслови за читање? Нема, со сигурност. Решив да водам список со книги кои ги читам секој месец, чисто за поголема прегледност врз она што го читам. Воедно пишувам по некој збор за тоа што мислам за книгата и како ја оценувам. Секако, јас не сум професионален критичар и ова што го пишувам е сепак само мое скромно мислење за тоа како сум ги доживеала книгите што сум ги прочитала. Книгата е индивидуално искуство и секој доживува една книга на различен начин.

4. „Храбар нов свет“ – Олдос Хаксли

361_32_8_16__18__2_20149780099458166

Издавачка куќа: Vintage Classics (Може да се најде во Икона)
Оцена: 5/5
Осврт: 
О, каква книга! Има причина заради која „Храбар нов свет“ се смета за класик кој не смеете да го пропуштите! Оваа книга особено ќе им биде интересна на љубителите на „1984“ од Џорџ Орвел, иако дијаметрално спротивни во однос на портретирањето на општеството.

Ако кај Орвел имаме темнина, страв, хорор и терор, кај Хаксли имаме розев свет, во кој сите се среќни, во кој промискуитетот наголемо се промовира, уживањето во сексот е највисоко задоволство. Сите ги поседуваат најновите технолошки направи, патуваат секаде со хеликоптери, не ги поправаат искинатите парчиња облека, туку секогаш купуваат нови. Не постои нешто такво како семејство, бидејќи сите се воспитувани од државата, а жените не раѓаат, туку сите бебиња се создадени по вештачки пат.

Книгата може да биде малку тешка на почеток, бидејќи Хаксли обрнува многу внимание на научниот дел, на целиот процес на оплодување и самиот стил на пишување на моменти е малку тежок и на моменти бавен, сепак сето тоа вреди за моментот кога ќе стигнете до последните 30 страници од книгата каде се води дијалог помеѓу Мустафа и Џон Дивјакот. Тоа е еден од најдобрите дијалози кои сум ги прочитала во една книга. Толку длабоко се навлегува во природата на човекот, толку прекрасно се отвораат прашања за среќата, вистината, науката, што е невозможно да не се изгубите сосема во тој дијалог.

Прекрасна книга која со сигурност можам да кажам е најдоброто нешто што го прочитав во јануари.

 Крајот на една љубовна приказна“ – Греам Грин

krajot_na_edna_ljubovna_prikazna

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Ова е една многу необична и интересна приказна, за која морате да имате отворен ум додека ја читате. Во неа има сè што ќе посакате: љубов, омраза, неверство, религија, атеизам, смрт, филозофија.

Она што започнува како приказна за љубовната афера помеѓу Сара и Морис, првенствено прикажана од страната на Морис, кој е љубовникот на Сара која е мажена за Хенри. Приказната продолжува да се развива во необична приказна која на многу интересен и оригинален начин ги истражува темите за љубов, омраза, религија, верување, па и смрт.

Приказната започнува со тоа што љубовната приказна помеѓу Сара и Морис е веќе завршена. Морис е сè уште бесен и самиот вели дека ова што го пишува е приказна за омразата. Како што приказната се движи напред, гледаме и како започнала целата приказна, како се одвивала и како завршила. Во меѓувреме, успеваме да ѕирнеме и во умот на Сара, во нејзините мисли и емоции.

Книгата има моменти кога е апсурдна, има и неколку комични моменти преку приватниот детектив Паркинс и неговиот син, но книгата има една неверојатна длабочина, која со сигурност ќе ве замисли. Ова не е книга која се чита преку ноќ, напротив, ова е книга за која е потребно концентрација.

Во секој случај ја препорачувам со драго срце и верувам дека нема да се разочарате од неа.

„Ледената принцеза“ – Камила Лекберг

543_7_21_11__28__12_2012d0bbd0b5d0b4d0b5d0bdd0b0

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Скандинавците навистина знаат да напишат интересен трилер, кој одморува од клишеата и од секојдневните приказни. Овој трилер се чита навистина многу брзо и нема да сакате да ја оставите. Книгата е напишана така што читателот тотално се внесува во приказната и се плаши дека ако ја остави книгата само за миг, нешто ќе пропушти.

Се работи за Ерика Фалк, писателка, која по смртта на нејзините родители се враќа во Фјелбака за да ги среди работите на родителите и куќата во која го поминала речиси цел живот. Воедно таа со свои очи го гледа голото и речиси смрзнато мртво тело на нејзината поранешна најдобра другарка од детството. Целиот град е ужаснат од она што на прв поглед делува дека е самоубиство, но набргу излегуваат сосема други податоци на површина.

Во книгата секој со секого на некој начин се испреплетува, впрочем, како и во секое малечко гратче, секој со секого се знае или има некоја историја. Интересна книга која има многу приказни, многу интересни ликови и во која ќе уживате во овие ладни денови.

„Најубавото место на светот е тука“ – Франсеск Миралјес и Каре Сантос

901_28_3_11__8__5_2014d0bdd0b0d198d183d0b1d0b0d0b2d0bed182d0be20d0bcd0b5d181d182d0be20d0b2d0be20d181d0b2d0b5d182d0bed182

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 2/5
Осврт: 
Во суштина, оваа книга е од оние книги кои се читаат навистина брзо и се добри за опуштање на мозокот. Оваа книга не е мој тип на книги, но за оние кои сакаат литература која ќе ги опушти, лесна книга која не бара премногу концентрација, ова е одлична книга за нив.

Книгата ја доживеав како некој микс од книгите на Паоло Коељо и стандарните книги за само-помош. Се работи за Ирис, која е осамена девојка, која се труди да се справи со смртта на своите родители и со своето минато. Навистина проаѓа низ тежок период се додека не влезе во кафулето со необично име, „Најубавото место на светот е тука“.

Од првиот пат кога ќе влезе во него, па сè до последниот шести ден, на Ирис ќе започнат да ѝ се менуваат многу работи во животот. Имаше една посебно интересна реченица која ми остана највпечатлива од целата книга: „Ангел е некој кој внимава да не паднеш додека те учи да леташ.“

Доколку не сте љубител на Пауло Коељо или книги за самопомош, оваа книга нема да ви се допадне премногу. Но, ако барате нешто чисто за да одморите мозок за еден-два часа, оваа книга може да ви се најде.

Ноќта кога пристигнаа сватовите“ – Јелена Бачиќ Алимпиќ

10_49_7_10__10__11_2015d0bad0b0d0b7d0bdd0b020d0b7d0b020d0b3d180d0b5d0b2

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 2/5
Осврт:
Јелена Бачиќ Алимпиќ ги изненади сите читатели кога ја издаде својата „Рингишпил“, книга која мислам дека не остави нерасплакан читател. По неа следуваа подеднакво успешните „Писмо до госпоѓа Вилма“ и „Последна пролет во Париз“.

Како што издаваше нови книги, така и нејзиниот стил се подобруваше. Па така, кога пристигна новоста дека ќе биде издадена првата книга од трилогијата „Казна за гревот“, знаев дека со сигурност ќе ја купам и прочитам книгата. И би така.

Но, веројатно моите очекувања беа превисоки, затоа што книгата е навистина многу поразлична и ми остави најслаб впечаток од сите досегашни книги. Иако оставам простор да бидам поправена, бидејќи се работи за трилогија, првиов дел ме остави рамнодушна, дури и едвај чекав да заврши за да се ослободам од неа. Се работи за Емилија и Михајло, два различни света, тој богат, а таа сиромашна. Пораснуваат на истиот имот, имот кој го поседува таткото на Михајло, имот на којшто мајката и таткото на Емилија работат. И се разбира, се раѓа голема љубов, од оние кои траат за цел живот. И како што тоа секогаш бидува, работите се прекомплицирани.

Сепак, далеку е оваа приказна од претходните приказни на Јелена. Јас барем почувствував дека повторно се врти истиот круг. Како да се раскажува истата тажна приказна, само што е малку подотерана. Некако шаблонски е напишана.

Нема некоја длабочина, јас не можев никако да се поврзам, ниту да сочувствувам со ликовите, иако се работи за тажни судбини. Ликовите постојано зборуваат, постојано некој нешто зборува и филозофира, а малку се кажува. Постојано некој нешто оплакува, постојано има негативна енергија во книгата, дури и кога е случуваат убави моменти, кои се преретки, изобилува негативна енергија. Да не ни спомнувам дека има една сцена која е навистина неумесна.

Сè на сè, книгата е навистина слаба и е далеку од тоа што досега го претставила Јелена Бачиќ Алимпиќ. Сепак, оние кои ги сакаат нејзините книги, треба да ѝ дадат шанса, бидејќи секој различно ги доживува книгите. Јас секако дека ќе ја завршам целата трилогија, само се надевам дека ќе има значителни подобрувања во следната книга. 🙂

Leave a comment