Македонска поезија: „Сенките нè одминуваат“ од Никола Маџиров!

Денес е понеделник, ден што не го сакаме многу, бидејќи тоа значи дека викендот е официјално готов, но денес е прекрасен и сончев ден кој измамува насмевки. Со  цел да придонесам кон позитивната енергија која ја нуди овој прекрасен, топол и пролетен ден, денес повторно објавувам прекрасна македонска поезија. Овој пат изборот падна на една поема од нашиот истакнат поет Никола Маџиров.

Уживајте!

Сенките нè одминуваат – Никола Маџиров

Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.

Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.

Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.

Еден ден сите сенки
ќе нè одминат.

13d4d9e3936483431325851c95d3025c

Leave a comment