Април конечно дојде, а со него дојдоа и прекрасните сончеви денови. Ова значи прекрасни прилики за читање книги и пиење кафе во парк или некаде на отворено. Штета е човек да не го искористи ова прекрасно време со книга во рака и кафе, додека истовремено ужива во сончевите зраци и свежиот пролетен ветер.

Како што е и редот, на почетокот на секој месец објавувам листа на книги кои сум ги прочитала претходниот месец. Па така, денес дојде редот да ја објавам листата со книги кои ги прочитав во март и да дадам свое видување за тоа што прочитав.
Воедно, се надевам дека од оваа листа ќе се инспирирате и ќе пронајдете нешто што ќе ве заинтересира и можеби ќе го пронајдете вашето следно четиво.
1 . „Да се убие птицата подбивница“ – Харпер Ли

Оцена: 5/5
Осврт: Прекрасна приказна. Искрена, топла, трогателна, реална. Ова е приказна за растењето, за правото, за правдата, за предрасудите, за семејството. Раскажана е од гледната точка на малата Скаут Финч, која ужива во своето детство и бескрајните игри со нејзиниот брат Џем. Тие живеат со својот татко Атикус Финч кој е адвокат. Главното дејство се врти околу судењето на еден млад црнец кој е лажно обвинет дека силувал млада бела девојка, а Атикус е неговиот адвокат.
Ова се случува во малото гратче Мејкомб, Алабама, каде сите се знаат меѓусебно и секој има некакво мислење за некого. Прекрасна книга, која не верувам дека ќе ве остави рамнодушни. Оваа книга е толку сакана, токму заради тоа што сериозни теми се обработени низ призмата на наивноста и невиноста на детската душа. Едноставно страните самите ќе се лизгаат низ вашите раце.
Издавачка куќа: Јас ја прочитав верзијата на англиски јазик издадена од ARROW (може да се најде во продажните места на ИКОНА), но достапна е и на македонски јазик во издание на МАГОР.
2. „Свиња во виски“ – Чарлс Буковски

Оцена: 3/5
Осврт: Оваа книга ќе биде вистинско освежување за сите што го сакаат Буковски и неговиот стил на пишување. Книгата повторно го следи Хенри Чинаски, ликот кој веќе им е добро познат на сите кои го читале Буковски. Чинаски е алтер-егото на Буковски. Оваа книга е освежување затоа што ни дава еден поинаков аспект за Буковски, а тоа е неговото детство и неговата младост.
Тој на својот толку препознатлив начин ни ја доловува осаменоста, збунетоста, оттуѓеноста, срамот, љубопитноста, челичењето и справувањето со насилници, дисфункционалноста на неговото семејство и сите работи кои доаѓаат со младоста и растењето.
Интересно е да се забележи развојот на Буковски од осаменото дете до писателот којшто го знаеме сите. Младиот човек кој своето најдобро друштво го наоѓа помеѓу писателите и книгите во локалната библиотеката.
Интересна приказна со која времето ќе ви летне и навистина брзо се чита. Секако, пред да почнете да читате, треба да знаете дека Буковски е Буковски. Како и секогаш.
Издавачка куќа: ОПИУМ (Може да се најде во повеќето книжарници)
3. „Убедување“ – Џејн Остин

Оцена: 5/5
Осврт: Џејн Остин, како и секогаш – маестрална. Ова дело е сосема поинакво од нејзините претходни дела. Има една малку посериозна нишка, малку помрачна, малку потажна, малку помеланхолична. Секако, повторно се чувствува и оптимизмот, здравиот разум и енергијата на Џејн Остин.
Оваа книга е поразлична прво затоа што главната хероина Ен Елиот има 27 години. Таа е најстара од сите главни хероини на Остин. Воедно Ен е незабележителна. Таа е мирна, тивка, повлечена и е во тотална сенка и заборав од нејзиниот татко и сестра кои се суетни, самозаљубени луѓе кои не се грижат за ништо освен престиж.
Кога Ен имала 19 години имала понуда за брак од страна на еден млад дечко кој многу ја сакал, 23-годишниот Фредерик Вентворт. Но, сите во нејзината околина ја убедуваат да не ја прифати понудата затоа што сигурно ќе добие подобра прилика од него. Млада, несигурна и збунета – таа го одбива, а тој со скршено срце заминува со морнарицата на отворено море.
Сепак, Ен никогаш не си простува за ова, бидејќи како што поминувале годините, таа била само поубедена дека направила грешка и дека секогаш ќе го сака Фредерик. Книгата започнува 8 години подоцна од овие дејствија, кога Ен има 27 години. Како што тоа секогаш бидува, склопот на околности прави таа повторно да се сретне со Фредерик, но сега е сосема поинаку….
Прекрасна книга која ја прочитав во еден здив и ми остави меланхоличен, но и позитивен поглед на животот, околностите, другите луѓе, пропуштените шанси и за тоа дали навистина имаме шанса да поправиме се?
Издавачка куќа: COLIN CLASSICS (Може да се најде во Икона, но и во Академска книга, но од друа издавачка куќа, мислам дека беше Wordsworth Editions)
4. „Марсовецот“ – Енди Вир

Оцена: 3.5/5
Осврт: Оваа книга многумина ја знаат благодарејќи на истоимениот филм снимен според книгата, во која главната улога ја има Мет Дејмон (и беше номиниран за Оскар за својата улога). Се работи за научно-фантастична книга во која се зборува за Марк Ватни, астронаут на НАСА кој останува заглавен на Марс, откако неговиот екипаж го напушта, мислејќи дека умрел.
Кога целиот свет дознава дека тој е жив, сите погледи се насочен кон него и целата енегија е вложена за тој безбедно да се врати на земјата. Книгата е напишана од два аспекти: едниот од гледната точка на Марк, преку неговиот дневник, каде гледаме што се прави за да може да преживее, а од друга страна гледаме што се случува на Земјата во истиот период.
Јас не сум љубител на научна фантастика, но книгава е одлична. Не мора да сте љубител на научна фантастика за да ви се допадне. Има од се по малку, а воедно има и доста хумор и е книга којашто е навистина забавна.
На моменти имав проблем со научниот дел, малку се губев во процесот, но сепак книгата е навистина уверливо напишана. Не делува како да е научна фанстастика, напротив читателот се чувствува како тоа се да се случува во реалноста и во реално време.
Издавачка куќа: Просветно дело
5. „Страв од најлошото“ – Линвуд Баркли

Оцена: 4/5
Осврт: Линдвуд Баркли навистина знае како да напише книга која не можете да ја пуштите од раце. Неговите приказни и неговиот лесен стил на пишување прават неговите книги да се читаат многу брзо и лесно.
Овој пат приказната се врти околку Тим, чија ќерка Синди исчезнува еден ден и нема ни трага, ни глас од неа. Кога оди во хотелот каде што таа работела, персоналот вели дека никогаш немале таква девојка вработена кај нив и дека никој никогаш не ја видел. Оттука започнува пеколот на Тим и неговата очајна потрага по својата ќерка.
Книгата е лесен трилер за опуштање и ќе ја прочитате во еден здив. Доколку претходно сте читале книги од Баркли, оваа книга можеби ќе ви биде за нијанса послаба од „Без збогување“ и „Небезбедни куќи“. Но, доколку сте во потрага по трилер кој ќе ви помогне малку да заборавите на секојдневнието, ова е добра книга за вас.
Издавачка куќа: МАТИЦА
