Вашите и наши омилени писател(к)и исто така имаат или имале своите омилени писател(к)и. Тие биле нивни идоли, луѓе на кои им се восхитувале и секако дека истите влијаеле и врз нивното творештво. Денес пронајдов еден многу интересен инфографик кој на многу едноставен начин прикажува кои писател(к)и влијаеле едни на други.

На пример, во инфографикот кој можете да го видите подолу, легендарниот драматург Шекспир влијаел на Вилијам Фокнер, Салман Ружди, Џејмс Џојс, Чарлс Дикенс и Владимир Набоков. Рускиот легендарен писател Фјодор Достоевски влијаел на творештвото на Џек Керуак, Џејмс Џојс, Ернест Хемингвеј. Понатаму, како пример ќе ја земеме и Вирџинија Вулф која ги инспирирала писателите како Габриел Гарсија Маркес и Тони Морисон. Ова се само некои од примерите споменати во инфографикот.
Интересно е да се напомене дека Марк Твен влијаел и на Вилијам Фокнер и на Ернест Хемингвеј, а тие двајца и не се сакале баш најмногу, немале многу почит за тоа што едниот или другиот го пишувал и биле прилично големи ривали. Но, освен Твен имале и различни извори на влијание, како на пример Хемингвеј, кој бил под силно влијание на делата на Достоевски, Чехов и Толстој. Додека пак Фокнер, бил под силно влијание и на творештвото на Џејмс Џојс, Шекспир и Дикенс.
Да не должам многу погледнете го овој детален инфографик, следете ги стрелките и откријте кои писатели и писателки извршиле најголемо влијание врз вашите омилени писатели и писателки.






