Барак Обама веќе цели два мандата е претседател на една од најмоќните држави на светот. То постојано се соочува со предизвици и неговата задача воопшто не е лесна, но тој според сите кажувања е голем љубител на книги и секое слободно време го користи за да им се посвети на книгите или семејството.

И покрај тоа што неговиот втор (и последен) мандат се приближува кон својот крај, сепак тој е се уште следен од будното око на јавноста која е заинтересирана за секој негов потег, вклучувајќи ги и книгите кои ги чита.
И изминатото лето беше објавена неговата летна листа за читање, која беше и објавена на блогот, а сега претедателот на САД повторно го споделува со јавноста својот избор на книги за ова лето. Погледнете кои се тие, па можеби некоја од нив ќе ве инспирира да ја фатите во рака.
„Варварски денови: Сурферски живот“ – Вилијам Финиган

Оваа книга е всушност мемоар на Вилијам Финиган во кој пишува за неговата опсесија – сурфањето. Сурфањето е многу повеќе од спорт, хоби или забава. Сурфањето е начин и филозофија на живот. Во оваа книга, Вилијам Финиган зборува за своето детство и младост и како сурфањето му го обликувало животот, но и за општествените промени и општествените движења кои го одбележале неговото време и неговата младост.
„Подземната железница“ – Колсон Вајтхед

Дејството во оваа книга се врти околу Кора, која е роб на една плантажа за памук во Џорџија. Животот е пеколен за сите робови, но Кора е отпадник дури и меѓу своите. Во меѓувреме, таа го запознава Цезар, кој и кажува за подземната железница и тие почнуваат да го планираат своето бегство. Кора во текот на целиот пат запознава најразлични светови.
Вајтхед брилијантно ги реконструира хорорите кои ги преживеале Афроамериканците пред Граѓанската војна во САД. Прекрасна приказна за предизвиците и авантурите на една млада жена и нејзината волја да преживее.
„С за Сокол“ – Хелен Мекдоналд

Кога нејзиниот татко ненадејно починува, Хелен Мекдоналд е уништена. Таа никогаш не била ставена во искушение да се обиде да го скроти еден од најопасните видови на соколи, но нејзината тага по нејзиниот татко прави да сфати дека темпераментот на таа птица е многу сличен со нејзиниот.
Трогателна приказна со многу хумор, оваа книга е поглед во магнетизмот на овој исклучителен ѕвер, со паралелно истражување на писателката за овој тип птици. Комбинацијата на опсесија, лудило, сеќавања, митови и историја прави оваа книга да се истакнува по специфичниот микс на истражување на природата и личен мемоар.
„Девојката од возот“ – Пола Хокинс

Пред извесно време пишував за тоа дека излезе трејлерот за екранизацијата на „Девојката од возот“. Ова е еден од најочекуваните филмови за оваа година. Книгата стана вистински хит и беше прогласена за еден од најдобрите трилери за 2015 година. Главниот лик во книгата е Рејчел чиј живот нагло доживува пад по распаѓањето на нејзиниот брак.
Таа има проблеми со алкохолот, не може да задржи работа, а единствено нешто што и дава мир е патувањето со воз и набљудувањето на својата стара куќа. При тие патувања, таа мисли дека сведочи на убиство и некако е вплеткана во многу чудни работи кои сака да ги разреши. Одличен психолошки трилер за лето.
„Седум раси“ – Нил Стивенсон

Ова е книгата која и Бил Гејтс ја препорача за ова лето и која очигледно е огромен хит. Се работи за книга од научно-фантастичниот жанр. Што би направиле вие кога светот би му се приближувал на својот крај? Катастрофалните настани кои се случуваат ја претвораат Земјата во бомба која може да експлодира во секое време.
Во таков момент, народите ширум светот се обединуваат и создаваат амбициозен план за да го спасат човештвото многу подалеку од нашата атмосфера, далеку во универзумот. Но, планот се соочува со многу опасности и носи со себе многу жртви. 5000 години подоцна, нивните потомци, седум различни раси кои се сега 3 милијарди на број, патуваат кон непознат свет кој е трансформиран од катаклизмата и времето. Тој свет е Земјата.
