Книжарниците и библиотеките се многу важен дел од животот на секој љубител на книги, па затоа и нивната достапност, односно распространетост е многу важна. Светскиот форум за култура на градовите секоја година собира информации за тоа како луѓето ширум светот уживаат и доаѓаат во допир со културата. Оваа организација зема предвид различни фактори од типот: колку видови места за видео игри има или колку карти за кино се продаваат на годишно ниво. Форумот секоја година ги замолува градовите да дадат оценка за културните институции и културно конзумирање во градот на годишно ниво, вклучувајќи ги и информациите за тоа каде луѓето можат да најдат книги.

Во изминативе две години, 18 градови дале извештај за тоа колку книжарници имаат, а 19 градови известиле за бројката на јавни библиотеки.
Хонг Конг е прво место на листата на градови со најмногу книжарници по глава на жител со 21 книжарница на 100.000 жители, иако во 2013 година Буенос Аирес водел со 25 книжарници. Следен на листата е Тајпеј со 17.6 книжарници на 100.000 луѓе, а Мадрид, Шангај и Торонто ја комплетираат листата со топ пет градови кои имаат најмногу книжарници по глава на жител.
Погледнете ја табелата со целосната листа на градови со најмногу книжарници:
| Рангирање | Град | Книжарници на 100,000 луѓе | Година кога е поднесен извештај |
|---|---|---|---|
| 1 | Хонг Конг | 21 | 2014 |
| 2 | Тајпеј | 17.6 | 2014 |
| 3 | Мадрид | 16 | 2014 |
| 4 | Шангај | 16 | 2014 |
| 5 | Торонто | 13.9 | 2015 |
| 6 | Њујорк | 10 | 2015 |
| 7 | Сиднеј | 9.4 | 2015 |
| 8 | Париз | 9 | 2015 |
| 9 | Сеул | 9 | 2015 |
| 10 | Остин | 8.2 | 2015 |
| 11 | Мелбурн | 8 | 2015 |
| 12 | Шензен | 6.6 | 2014 |
| 13 | Амстердам | 6 | 2014 |
| 14 | Москва | 5 | 2014 |
| 15 | Лондон | 4 | 2015 |
| 16 | Стокхолм | 3.2 | 2014 |
| 17 | Сингапур | 3 | 2014 |
| 18 | Истанбул | 1 | 2015 |
Кога станува збор за библиотеките, работите се малку поразлични. Тука води Единбург кој има 60 библиотеки на 100.000 луѓе. Дури и кога ќе се вратите неколку години назад, ќе видите дека Единбург и тогаш убедливо водел пред сите други. Има околу 300 библиотеки, а има околу 500.000 жители. Колку за споредба, Хонг Конг исто така има околу 300 библиотеки, но има околу седум милиони луѓе.
Во продолжение погледнете ја табелата:
| Рангирање | Град | Број на библиотеки на 100.000 луѓе | Година кога е поднесен извештај |
|---|---|---|---|
| 1 | Единбург | 60.5 | 2015 |
| 2 | Варшава | 11.4 | 2014 |
| 3 | Брисел | 10 | 2015 |
| 4 | Париз | 9.2 | 2014 |
| 5 | Сеул | 6 | 2014 |
| 6 | Шензен | 5.9 | 2014 |
| 7 | Виена | 5.9 | 2014 |
| 8 | Хонг Конг | 4.2 | 2015 |
| 9 | Лондон | 4.2 | 2014 |
| 10 | Москва | 4.2 | 2014 |
| 11 | Торонто | 3.9 | 2015 |
| 12 | Мелбурн | 3.4 | 2015 |
| 13 | Амстердам | 3.3 | 2014 |
| 14 | Сиднеј | 3.3 | 2015 |
| 15 | Њујорк | 2.7 | 2015 |
| 16 | Тајпеј | 1.8 | 2014 |
| 17 | Рим | 0.8 | 2014 |
| 18 | Сингапур | 0.5 | 2014 |
| 19 | Истанбул | 0.4 | 2014 |
| 20 | Дубаи | 0.3 | 2015 |
Со оглед на тоа дека градовите самите ги прават извештаите, многу е тешко да се определи која е точната дефиниција за книжарница, со оглед на тоа дека понекогаш и парфимерии, супермаркети и локални продавници продаваат книги. Ивон Ло, која работи како координаторка во Форумот, вели дека тие се потпираат исклучиво на информациите што ги дават градовите.
****
Интересна статистика, можеби во иднина би можеле да добиеме слични податоци и за Македонија или барем за одредени градови во Македонија. Би било интересно да се споредат податоците со останатите светски градови.
