Во 1934 година, Ернест Хемингвеј добил молба за совет од писател кој во тоа време бил многу помалку познат од него: неговиот стар другар Ф.Скот Фицџералд. И покрај нивните драстично различни погледи на светот, тие двајца биле многу добри другари и многу често се допишувале и дебатирале за нивните убедувања, проблеми и животни патишта.
Фицџералд, кој по издавање на „Големиот Гетсби“ направил долга пауза од пишување и издавање, конечно решил да ја издаде „Нежна е ноќта“ и му се обратил на својот стар пријател за мислење. Хемингвеј не се воздржувал и бил целосно искрен и му дал освестувачки совет на својот драг Фицџералд.

Во едно писмо, кое датира од 10 мај 1934 година, 36-годишниот Хемингвеј му се обраќа на 39-годишниот Фицџералд.
Драг Скот,
Ми се допадна и не ми се допадна. Започна со прекрасен опис на Сара и Џералд. Тогаш почна да се зафркаваш со нив, терајќи ги да доаѓаат од работи од кои не дошле, менувајќи ги во сосема различни луѓе и Скот, не можеш да го правиш тоа.
Ако земеш вистински луѓе и пишуваш за нив, не можеш да им дадеш други родители и не можеш да ги тераш да направат нешто што тие не би го направиле… Измислувањето е прекрасна работа, ама не можеш да измислиш нешто што не би можело да се случи.
Тоа е она што ние треба да го правиме кога сме најдобри: да измислиме сè, но да го измислиме на начин на кој секако тоа ќе се случи.
Проклетство, си земал слобода со минатото и иднината на луѓето и тоа не создаде луѓе, туку проклети, величествени, измислени истории. Ти, кој можеш да пишуваш подобро од кој било, кој си толку полн со талент што мораш да…. море нека оди сè по ѓаволите. Скот, жити мене, пишувај и пишувај вистински без разлика кој или каде боли, но не ги прави овие смешни компромиси. Ти можеш да напишеш одлична книга за Џералд и Сара ако знаеш доволно за нив и тие не би имале никакви чувства, освен избледување, ако беше вистина.
Постоеја прекрасни места и никој друг, ниту еден од момците не може да напише книга ниту половина добро како ти, но тука ти многу мамеше. А не си требал… Уште одамна ти престана да слушаш, освен одговорите на сопствените прашања. Имаше добри работи кои не беа потребни. Тоа е она што го пресушува писателот (Сите пресушуваме. Ова не е навреда за тебе како личност) – тоа што тој престанува да слуша. Оттаму доаѓа сè. Гледање, слушање. Ти гледаш доволно добро, но престана да слушаш.
Книгата е многу подобра отколку што зборувам. Но, не е толку добра во споредба со она што можеш да го направиш. Ние сме како некои проклети акробати, но ние правиме некои навистина добри скокови, а тие ги имаат сите овие други акробати кои воопшто не ни скокаат.
Жити мене пишувај и не се грижи за тоа што ќе кажат момците и дали ќе биде ремек-дело и слично. Јас пишувам една страница која е ремек-дело и 92 страници полни со глупости. Се обидувам да ги фрлам глупостите во ѓубре. Ти чувствуваш дека мораш да издаваш глупости за да правиш пари за да живееш и да ги оставиш другите да живеат.
Заборави ја личната трагедија. Сите ние сме оштетени уште од самиот почеток и ти особено мораш да бидеш сериозно повреден пред да напишеш нешто сериозно. Но, кога ќе бидеш повреден, искористи го тоа, не прави финти. Биди верен на тоа како научник, но немој да мислиш тоа има каква било важност само затоа што ти се случува на тебе или на некој кој ти припаѓа. Види, Бо, ти не си трагичен лик. Ниту пак јас. Ние сме само писатели и ние треба да пишуваме.
Не би те обвинил ако досега не си избувнал. Исусе, колку е добро да им се кажува на другите како да пишуваат, живеат, умрат, итн.
Скот, добрите писатели секогаш се враќаат. Секогаш. Ти си сега двапати подобар отколку што беше во времето кога мислеше дека си генијален. Знаеш дека Гетсби никогаш не ми беше нешто посебно. Сега можеш да пишуваш двапати подобро од кога било. Сè што треба е да пишуваш искрено и да не се грижиш каков ќе биде исходот.
Оди и пишувај.
Како и да е, знаеш дека многу те сакам и дека би сакал да имаме шанса да зборуваме некогаш.
Секогаш твој пријател,
Ернест
