Секој љубител на книги го знае чувството на претрупување со книги. Секој од нас постојано купува книги што ги додава на својата листа на книги што сака да ги прочита. И така, ден по ден, книгите се насобираат, а се разбира ова е нешто со кое секој љубител на книги се гордее. Уживаме кога ќе ги погледнеме нашите прекрасни полици полни со книги и уживаме постојано да ги преуредуваме и да ги средуваме.
Но, дали знаете дека собирањето на книги порано се нарекувало „библиоманија“? Во продолжение имате можност да прочитате една многу интересна приказна која излезе во „Гардијан“ во која се говори за историјата на библиоманијата и нејзиниот развој. Статијата е напишана од Лорејн Бери. Прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу има линк кој ве води од оригиналната статија.
Во 19 век, собирањето книги станало многу вообичена работа помеѓу мажите, особено во Британија и се претворило во опсесија што еден од оние кои учествувале во тоа го нарекол „библиоманија“. Томас Фрогнал Дибдин, англиски чиновник и библиограф, ја напишал книгата „Библиоманија или книжевно лудило: Биографска романса“, која била нежна сатира за сите оние за кои тој мислел дека се зафатени од оваа „невроза“.
Дибдин ја медицинизирал оваа појава, одејќи толку далеку што дури и дал „листа на симптоми“ што се манифестираат преку конкретните типови книги кои тие опсесивно ги купувале: „Први изданија, вистински изданија, испечатени книги со црни букви, големи хартиени примероци, несечени книги со рабови што не се исечени со алатки, илустрирани примероци, уникатни примероци со свилени повези и изданија испечатени на пергамент.“

Томас Фрогнл Дибдин (1776-1847)
Но, самиот Дибдин бил опседнат со физичките аспекти на книгите и неговите описи обрнувале огромно внимание на тоа каков бил повезот и како биле илустрирани (повеќе отколку содржината) книгите кои ја стекнале неговата љбов.
Во едно писмо, објавено во еден дневник од 1815 година, тој ги молел претплатниците да ги соберат претплатите и да му помогнат да заврши сет томови наречени „Библиографскиот Декамерон“, бидејќи тоа било нешто поубаво отколку што можат да замислат.
„Јас не би сакал да го ветам она што е малку веројатно да биде изведено или да наметнам цензура на суета или претпоставка за потврдување дека материјалите што се веќе собрани во овој дел од работата се побројни, поубави, поверни од што било, барем колку што знам јас, што некогаш излегло пред очите на јавноста.“
Додека Дибдин создавал нови материјали за да го задоволи гладот на тие што барале книги, аукциите за веќе постоечките ставале неверојатно високи цени. Крвавиот крај на толку многу француски благородници во револуцијата значел прилив на збирки пристигнати на пазарот со оглед на тоа дека приватните библиотеки биле постхумно празнети.
1812 година, аукцијата организирана од библиотеката на Џон Кер, третиот војвода од Роксбурџ, претставувала пресвртница, барем според Мајкл Робинсон, кој предава на Универзитетот на Масачусетс – Дартмут. Во неговата најнова книга „Орнаментални џентлмени“, Робинсон вели дека интересот за аукцијата Роксбурџ била поттикната од рекламирање, како и недостаток на книги благодарејќи на војната. Многу богати Англичани и претставник на Наполеон се појавиле на аукцијата која траела 42 дена и вклучувала огромен избор на инкунабули (книги испечатени пред 1500 година).
Едно издание на Бокачо се продало за 2,260 фунти (денес тоа би било околу 190.000 долари), највисоката цена платена за книга дотогаш. Дибдин самиот присуствувал на аукцијата, сеќавајќи се на настанот како „полн со храброст, колење, уништување и лудило“.

Опсесивната потрага по книги не се биле многу далеку од пошироката култура. Неодамнешни истражувања откриле тензии помеѓу републиканската Британија која била во зародиш и овие библиоманијаци. Дури и Томас де Квинси, писателот на мемоарот за зависници „Исповеди на еден англиски конзумер на опиум“, ги опишал книжевните зависници кои ги набљудувал на аукцијата Роксбурџ како ирационални или водени од „каприц“ и „чувства“ наместо разум. Де Квинси го употребил терминот pretium affectionus – „фенси цена“ – за да опише како целите биле задавани, претворајќи го собирачот на книги во сноб кој е воден од своите чувства.
Иако ова е ран период за да се зборува за хомосексуална субкултура, Робинсон пишува за „чудното стереотипно портретирање на библиофилите во 19 век“. Мажите што собирале книги често биле претставувани како женствени. Во 1834 година, британското книжевно списание „Атенаеум“ објавило анонимен напад кој имплицирал дека еден од истакнатите членови на клубот на Дибдин бил хомосексуалец.
Јазикот на Дибдин, кој бил познат по својата сензуалност, е полн со двосмислености и описи за собирањето книги на сексуален јазик. Во неговата книга „Библиографскиот Декамерон“ има еден карактеристичен дијалог:
– Може ли да нè задоволиш со голтка од овој крем?
– За среќа, во моја моќ е да ве задоволам со прилично добар вкус од него.
Како што ми кажа Робинсон: „Херојскиот комичен говор на Дибдин за книгите и собирачите содржи јазик кој е тешко да се прочита како што било друго освен сексуални инсинуации. Сексуалноста на овој материјал е всушност прилично изненадувачка до точка каде што навистина не може да се нарече инсинуација. Овие аспекти на субкултурата укажуваат на можноста дека мажите кои денес може да се идентификуваат како хомосексуалци сакале да собираат книги.“

Една од грижите во раниот 19 век што биле поврзани со собирањето книги бил стравот дека со собирање и натрупување книги, купувачите не им дозволувале пристап на своите сонародници до нивното наследство. Сликата на богатите дилетанти била сликата на воочливата потрошувачка на книги кои никогаш нема да бидат прочитани и на тој начин ги држат книгите надвор од интелектуалната заедница.
Собирачот на книги често бил претставен како човек кој има некој вид на антисоцијална болест којашто го спречувала да придонесува за општото добро со споделување на неговото печатено богатство. Но, потеклото на многу книжевни антологии лежи во библиотеките на овие приватни колектори, кои на свој начин придонеле кон воспоставување на национално книжевно наследство.
Како што истражувачите на колонијалната ера си дозволиле пристап до археолошките скапоцености и уметнички дела на другите држави, собирачите на книги биле најверојатно виновни за слични културолошки кражби. Но, потрагата на академската литература за библиоманијата не успеа да ги поткрепи тие обвиненија. Јас, од другата страна, најдов интересен осврт на книга од 1855 година која зборува за „арапската доминација“ на Шпанија пред Реконквистата. Во освртот, може да видите анализа на муслиманската библиоманија: додека го нагласуваат зачувувањето на западната култура од страна на Мурите за време на периодот кој пејоративно е познат како Среден век, „сепак, малку од нивните дела се од вредност за модерниот научник.“
На целосен ориентален јазик, собирачите на книги во исламскиот свет се отфрлаат со истите термини што се користат од страна на претходните критичари на британските собирачи на книги: „Не можеме да сочувствуваме со нивните екстатични изливи на страст или да откриеме заслуги во нивните прекумерни сензуални слики и описи и нивните опширни и арогантни еуфемизми.“ Сосема било во ред за Арапите да го спасат Аристотел и математичарите, но нивниот избор за зачувување на книгите кои содржат страстен јазик правел Викторијанците да се чувствуваат непријатно.“
До крајот на векот, како што е потврдено во статија на Метрополитенскиот музеј на уметност од 1906 година, собирањето книги повеќе не било потценувано како активност. Биле потребни вештини за да се оддели златото од ѓубрето.
Собирањето книги сега било „цела наука“ и на читателите им било кажано дека и тие исто така можеле да го прават истото, сè додека поседувале „добра процена, беспрекорен вкус, неисцрпно трпение – и презир за потсмевањето“. Како што истакнува авторот, потребно е специјално знаење за да се знае дека „Приказната за еден пијаница“ на Френклин Еванс – книга многумина би ја фрлиле – всушност била „првото објавено дело, кое е многу ретко и вредно” на Волт Витман. Библиоманијата сега била нешто за фалење и гордеење.
Го одбрав мојот факултет за постдипломски студии врз основа на својата книжевна збирка: Корнел во Итака, Њујорк, е ко-основан од историчарот и библиоманијакот Ендру Диксон Вајт, кој го поминал својот живот патувајќи низ светот и собирајќи книги и донирал повеќе од 34.000 ретки томови да се создаде библиотеката „Корнел“. Во тоа, неговата библиоманија била корисна за една заедничка цел, и покрај стравувањата од претходните критичари: до овој ден, научници одат во Итака за да го користат она на кое порано луѓето приватно се восхитувале.
Првиот пат кога седнав во таа библиотека, држејќи книга објавена пред 1500 година, почувствував нешто слично на начинот на којшто се чувствував кога седев до океаните: малечок и правопропорционален на светот. Ракувањето со книги од пред неколку векови е потресен потсетник дека не само што луѓето сакале книги онолку долго колку што тие постоеле, тие ќе продолжат да ги сакаат исто толку долго во иднината.
Денес можеби библиоманијата не изгледа како ирационално однесување, бидејќи книгите станаа помалку почитувани, а библиотеките поретки. Наместо тоа, како што било за другите пред нас, тоа е внимателен чин на заштита за оние кои доаѓаат по нас.

Reblogged this on Крајбрежје на ДВА спротивни света and commented:
Секој љубител на книги го знае чувството на претрупување со книги.
LikeLike