Која е причината за пропаднатото пријателство на Харпер Ли и Труман Капоти?

Пријателството помеѓу Харпер Ли и Труман Капоти е едно од најпознатите пријателства во светот на литературата. И двајцата се сметаат за едни од најдобрите американски писатели, Харпер Ли го напиша американскиот класик „Да се убие птицата-подбивница“ и за тоа ја доби Пулицеровата награда, додека пак контроверзниот Труман Капоти најмногу заслуги има добиено за „Појадок кај Тифани“ и „Ладнокрвно убиство“.

Тие двајца станале најдобри другари уште од мали нозе, бидејќи биле соседи во Алабама каде што и двајцата живееле, а тоа пријателство си останало стабилно и додека растеле. Двајцата биле водени од страста за пишување и желбата да бидат познати писатели. Се вели дека еден од ликовите во „Да се убие птицата-подбивница“ Харпер Ли го изградила врз основа на Труман Капоти.

Харпер Ли му помогнала на Капоти при уредување на неговиот најголем хит „Ладнокрвно убиство“ и тука веќе започнале првите проблеми во пријателството. Откако книгата постигнала огромен успех, Капоти воопшто не ѝ дал никаква заслуга на Ли за нејзиното учество при создавање на книгата, ниту пак јавно ѝ се заблагодарил и Харпер Ли била повредена поради тоа.

29booklee7-master675(Харпер Ли и Труман Капоти во 1960 година)

Во едно писмо од 2006 година до Вејн Флинт, Харпер Ли зборува за проблемите во нивното славно пријателство. Флинт и Ли станале многу добри пријатели во последните 25 години од животот на Харпер Ли. Флинт дури го држел и главниот говор на нејзиниот погреб.

Ли открила дека Капоти, нејзиниот книжевен придружник, бил патолошки лажго. Таа во своето писмо напишала: „Не знам дали го разбираш ова за него, но неговото патолошко лажење одеше во оваа насока –  Ако кажеш: „Дали знаеш дека Кенеди е застрелан?“, тој лесно би одговорил: „Да, јас бев во автомобилот со него.“

Но, ова е полесната страна од поплаките на Ли во врска со нејзиниот поранешен пријател, затоа што таа наведува дека љубомората и неговото пиење го направиле огорчен и ставиле точка на нивното пријателство.

Харпер Ли напишала дека пиењето и мизеријата на Труман Капоти го разнишале пријателството, а љубомората го докрајчила.

„Да се убие птицата подбивница“ беше продадена во повеќе од 40 милиони примероци. Ли тврдела дека се појавила завист кај Капоти затоа што книгата одлично се продавале.

Таа напишала: „Јас бев неговата најстара пријателка и направив нешто што Труман не можеше да ми го прости: Напишав книга која се продаваше. Тој ја негуваше таа завист повеќе од 20 години.“

Книгата на Флинт: „Песната на птицата-подбивница: Моето пријателство со Харпер Ли“ официјално излезе во продажба на 2 мај и во неа во детали се објаснува односот помеѓу нив двајца и сите останати аспекти од животот на писателот кои никогаш не биле дискутирани во јавноста.

Повеќе детали може да прочитате тука.

Leave a comment