Како што знаат сите љубители на книги, една од најубавите работи на светот е комбинацијата на кафе и добра книга. Затоа, секогаш кога ќе чуеме дека се случила комбинација на овие две работи и се отворила нова кафе-книжарница, природно е да се израдуваме и да посакаме веднаш да отидеме.
На Македонија дефинитивно и се потребни повеќе вакви места, па секоја новина од ваков тип е навистина за поздрав. Книжарницата „Просветно дело“ од неодамна ја отворила првата кафе-книжарница во рамките на Скопје сити мол.
Тие веќе имаа своја книжарница на вториот кат, но сега тоа е проширено и надополнето и со кафуле каде што можете да ја најдете својата следната книга за читање и веднаш да почнете да ја читате со добро кафе покрај вас.

По повод новата кафе-книжарница ги исконтактирав луѓето од Просветно дело во однос на нивната замисла и идеја позади кафе-книжарницата. Оттаму велат:
„Замислата за кафе-книжарницата е да биде пријатен простор за љубителите на книги. Интимен простор со преубав поглед во кој посетителите ќе можат на раат да се напијат кафе и да ја прелистаат својата омилена книга. Овој концепт е наменет за сите потрошувачи на Просветно дело, не само вљубеници во пишаниот збор, туку и оние кои дошле да купат нешто и од останатиот наш асортиман или пак, да ги подготват своите деца за во градинка или училиште. Идејата ни е во иднина да ја користиме терасата од нашата книжарница во Сити мол за книжевни средби, промоции и дружење со нашите автори-ексклузивци.“
Е па драги вљубеници во кафе и книги, отсега имате и ново катче каде што ќе можете и да купите некоја книга, но и да ја читате заедно со вашето омилено кафе!
Кафе и книги им посакува многу среќа и успех и ова нека биде поттик да се создаваат повеќе вакви катчиња низ цела Македонија!
*сликата е преземена од официјалната фејсбук страна на Просветно дело.
