За време на студентските протести во 1968 година во Париз, шефот на полицијата отишол кај Шарл Де Гол и му соопштил дека познатиот филозоф Жан Пол Сартр е уапсен, бидејќи учествувал во протестите и дека делел флаери на недоволено место и со тоа го кршел законот, Де Гол строго му одговорил: „Франција не ги апси своите Волтери!“ Истиот дел Сартр бил пуштен на слобода.
Иако ова е една легендарна анегдота, сепак судејќи според сите историски факти, Франција сепак ги апсела своите Волтери.
Всушност, Волтер ја има напишано „Едип“ (неговата прва претстава), во 1717 година додека отслужувал 11-месечна затворска казна во Бастиља. Тој бил затворен затоа што се појавиле некои сатирични стихови со кои бил навреден регентот Филип Орлеански и му биле припишани нему.
Всушност тој го зема псевдонимот Волтер откако бил затворен во Бастиља. Неговото вистинско име е Франсoа Мари Аруе.

Откако Волтер влегол во вербална расправија по што директно го навредил младиот француски благородник Шевалие де Роан, неговото семејство Роан добива lettre de cachet, неотповиклив казнен декрет кој во тоа време го потпишувал Луј XV. Благородниците имале навика да ги купуваат овие декрети за да ги казнат оние кои не ги сакале или кои им ја навредиле честа.
Повторно има налог за негово апсење, но Волтер успева некако да се извлече и ја заменува затворската казна со прогонство во Англија.
Додека престојувал таму, тој покажал особен интерес за пишувањата на Џон Лок и Исак Њутн. Тој исто така се заљубил во британската уставна монарија и религиската слобода во земјата. Освен тоа тој развил и почит кон делата на Шекспир и всушност тој го донел Шекспир во Франција, иако подоцна бил еден од луѓето кои не можеле да го смислат Шекспир.
По три години прогонство, тој се враќа во Париз и започнува да ги објавува своите белешки и есеи во врска со своите размислувања за британскиот политички систем, за религијата, книжевноста и слично. Секако, ова ги разгорело сите страсти во конзервативните кругови во Франција и тој морал повторно да се спасува.

Овој пат Германија била негова дестинација, бидејќи прускиот крал Фридрих Втори бил негов голем обожавател и тие едно време постојано се допишувале, а подоцна тој му понудил работа во својата палата. На почеток се одело во одлична насока, но првите проблеми настануваат во 1752 година кога Волтер пишува книга во која се зборува за амбасадори од друга планета кои сведочат на будалаштините на луѓето. Ова е првиот удар врз пријателството, но последниот удар се случува кога Волтер се зарчкува со претседателот на Берлинската академија на науки, а потоа и пишува критички текст за него. Ова е последната капка за Фридрих II кој издава налог за апсење на Волтер.
Тој за влакно избегнува апсење и бега кон Франција, но кралот Луј XV не му дозволува да влезе во Париз, па така заминува за Женева. Тој продолжува да се бори против верската нетолеранција, што резултира со тоа и таму да биде забранет. На крајот заминува од Женева поради законот во Женева кој забранувал театарски изведби.

Во февруари 1778 година, стар и веќе истоштен, тој конечно се враќа во Париз. Овој пат работите се малку поразлични, затоа што со воодушевување е пречекан од интелектуалците во Париз. Но, тој не успеал да ужива долго во оваа повторно стекната слава и почит, затоа што по премиерата на неговата последна претстава „Ирена“, тој умира на 30 мај 1778 година.
Има една интересна анегдота поврзана со последните денови на Волтер. Кога веќе бил на смртна постела, добил посета од еден свештеник кој му рекол дека треба да се одрекне од ѓаволот. На тоа, Волтер одговорил: „Мислам дека сега не е добро време да стекнувам непријатели.“
Волтер е еден од најпознатите светски филозофи, чии дела денес се бескрајно почитувани. Затоа и Де Гол изреагирал како што изреагирал и затоа таа анегдота со Сартр е толку позната. Но, секогаш е добро да се потсетуваме на историјата, да анализираме и да правиме споредби.
