Во соработка со издавачката куќа „Магор“, Кафе и книги ви препорачува книги!
Ова лето #ЧитамеСоМагор, а изборот за првото четиво беше „Осаменоста на простите броеви“ од италијанскиот автор Паоло Џордано.
Ова е една од најпродаваните и најнаградуваните книги во Италија и која е преведена на многу јазици ширум светот. Инаку ова е првиот објавен роман на Паоло Џордано и истиот беше инстантен хит.
Оваа книга длабоко навлегува во човековата психологија и нашата потреба да бидеме прифатени од другите и да доживееме блискост со нашата околина, но истовремено нашата осаменост која не можеме да ја премостиме колку и да се трудиме.
Колку сме само ранливи суштества!

Преку приказните на Матија и Аличе ние ја согледуваме ранливоста на човекот, како нашите одлуки кои сме ги донеле во дел од мигот можат да нѐ прогонуваат до крајот на животот и да ја изменат траекторијата на нашиот живот.
Аличе не го сака скијањето. Никогаш не го сакала. Но, поради нејзиниот татко кој ѝ врши притисок, таа учи да скија. Но, на седумгодишна возраст таа доживува несреќа поради која куца и која ја прави самосвесна за себе и својата околина. После таа несреќа, нејзиниот однос со татко ѝ никогаш нема да биде ист.
Од другата страна го имаме Матија, кој од мали нозе покажува исклучително бистар ум, додека пак неговата сестра-близначка има пречки во развојот. Таа судбоносна роденденска забава кај нивното другарче ќе го обележи за цел живот, заедно со грижата на совест дека тој е одговорен за исчезнувањето на неговата сестра.
Како што продолжуваме да читаме, гледаме како животите на Матија и Аличе се поврзуваат и од тоа произлегува едно долгогодишно пријателство кое судејќи по сите стандарди е малку необично. Тие се толку слични, но и многу различни. И двајцата се осамени и изолирани од светот, но Аличе од дното на својата душа сака да биде прифатена, додека Матија бега во сопствениот свет и во светот на бројките, нешто што најдобро го разбира и сфаќа.
Ова е приказна која не може да ве остави рамнодушни, меланхоличната нишка која е присутна ќе ве натера да се приврзете за приказната и за ликовите и да ги доживеете како свои познаници, луѓе кои сте ги гледале низ ходниците на вашето училиште, без оглед на тоа кога сте го завршиле средното училиште.
Една од најпрекрасните реченици кои ги прочитав во книгата беше: „Одлуките се донесуваат за неколку секунди, а се отплаќаат до крајот на животот.“
Ова е книга која допира длабоко до душата на секој кој ќе ја прочита. Стилот на пишување е навистина прекрасен и затоа страниците самите летаат под вашите прсти, но приказната ќе остане во вашите мисли уште долго откако ќе ја прочитате последната страница.
Топло ви ја препорачувам оваа книга, особено за летово. Ќе уживате во секој збор, но и ќе научите и ќе отворите многу прашања за човековата душа.
