Што читаше Кафе и книги во јуни?

Јули дојде, а сигурно голем дел од вас веќе се подготвуваат за одмори. Тогаш тука пронајдете го вашето летно четиво за на одмор! Еве што читаше Кафе и книги во месецот кој е зад нас.

Последниот Дон“ – Марио Пузо

ИЗДАВАЧКА КУЌА: На англиски јазик може да се најде во АКАДЕМСКА КНИГА (не би ви го препорачала македонското издание, бидејќи е полно со печатни и граматички грешки).
Оцена: 5/5
Осврт: Марио Пузо е повторно тука со неговото магично пишување кое ќе ве натера да не ја пуштите книгата од раце. Се разбира, во оваа книга Пузо повторно нѐ воведува во светот на мафијата. Книгата го следи животот на дон Доменико Клеменцио кој е глава на најголемата мафијашка фамилија во Њујорк. Неговиот план е со текот на времето семејството да се сврти исклучиво кон легитимниот и легален бизнис.

По многу години, неговите внуци Данте и Крос си тераат со животот, а донот е пензиониран, но не сосема. Сепак и покрај напорите на дон Клеменцио, пренасочувањето во легалниот свет не е толку лесно. Книгата нѐ запознава и со мрачната страна на Холивуд која не е секогаш толку гламурозна колку што изгледа. Одлична книга!

Белата гарда“ – Михаил Булгаков

ИЗДАВАЧКА КУЌА: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт: Михаил Булгаков е цар! Јас досега ги имав прочитано „Мајсторот и Маргарита“ и „Театарски роман“, но ова е сосема поинакво искуство, затоа кога ќе почнете да ја читате, комплетно заборавете на овие две книги (доколку ги имате прочитано).

Оваа книга ги следи настаните од Октомвриската револуција во Киев, иако во книгата е именуван само како „Градот“. Дејството се случува во временски период од два дена и е опишано низ призмата на семејството Турбин, кои се централни ликови во книгата.

Одлична книга во која повторно до израз доаѓа генијалноста на Булгаков.

Собирачи на пепел“ – Давор Стојановски

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: „Собирачи на пепел“ беше прогласен за „Роман на годината“ за 2016 година. Повторно имаме навистина квалитетно четиво на македонски јазик. Оваа книга е одлична за оние кои сакаат малку подлабоки теми од човековата душа. Главен лик во книгата е Јаков, кој се чини како да е оддалечен од сè и од сите. Ништо особено не го допира, ниту пак посебно се приврзува за луѓе, освен тие неколку исклучоци.

Книгата има меланхолична нишка поради која највеќе и ми се допадна книгата. Минатото, сегашноста и иднината се многу убаво поврзани и даваат една прекрасна целина. Книга која ќе направи да се замислите за вашиот сопствен живот и ќе ви помогне самите да размислите за вашите сопствени односи со луѓето и самиот живот.

Марч“ – Џералдин Брукс

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт: Она што е за поздравување на македонската издавачка сцена е тоа што сè повеќе книги-добитнички на Пулицерова награда се преведуваат на македонски јазик. „Марч“ ја доби Пулицеровата награда за фикција во 2006 година.

Оваа книга е инспирирана од американскиот класик „Малите жени“ на Луиза Меј Алкот и ја следи Американската граѓанска војна, со тоа што овој роман го следи Роберт Марч, кој е главен лик во оваа книга и кој е всушност таткото кој е отсутен во „Малите жени“. Брукс всушност ја раскажува неговата страна од приказната.

Па така, ние се запознаваме со Роберт Марч, неговото развивање од млад трговец до човек кој се приклучува во војната против робството и сака да ги подучува робовите да научат да читаат и пишуваат. Книгата е во форма на воен дневник, а на моменти ги гледаме и писмата кои тој ѝ ги испраќа на својата жена.

Книгата на моменти е малку пребавна, многу се пишува, а нема толку многу настани, но сепак вреди да се прочита, имајќи предвид дека има добиено Пулицер.

Leave a comment