Што читаше Кафе и книги во мај?

Веќе длабоко навлеговме во јуни и претпоставувам дека повеќето од вас размислуваат и за летните одмори. Денес на блогот прочитајте ја стандардната листа со прочитани книги од изминатиот месец и инспирирајте се во потрагата по вашето следно четиво.

Азбука за непослушните“ – Венко Андоновски

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АНТОЛОГ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Венко Андоновки е еден од најзначајните и најпопуларните писатели во Македонија. Ретко кој останува рамнодушен на неговиот стил на пишување, особено имајќи ги предвид пораките што ги добиваме преку неговите романи. И ова е еден таков роман, кој преку својата симболика и приказна допира до различни теми кои верувам дека секој читател различно ќе си ги поврзе во однос на тоа како се чувствува и во каков период се наоѓа.

Дејството во романот се случува во 863 година, во манастирот Полихронос на Олимп. Немиот клисар во манастирот ни ја доловува приказната за спокојните, за послушните, за понизните, но и за самољубивите и љубоморните. Топло ви ја препорачувам оваа книга, на почетокот можеби ќе ви треба малку време да се загреете за приказната, но потоа страниците сами ќе летаат. Моја омилена мисла од книгата: „Од мали нозе го учат човека послушен да биде, ред и поредок да чува, да внимава на забраните, да се бои од законот и да го запазува. Но, има нешто во длабината на неговата слаба и грешна душа што му вели: „Тој и тој закон не е праведен и не треба да го чуваш!“

Животот е лесен, не грижи се“ – Ањес Мартен – Лиган

Оцена: 4.5/5
Осврт: Се работи за продолжението на „Среќните луѓе читаат и пијат кафе“ која исто така ви ја препорачувам, а на линкот можете да го прочитате мојот осврт и впечаток од книгата. Во овој дел, го следиме патешествието на Дијан откако се враќа од Ирска и нејзините обиди да продолжи понатаму и да ја остави Ирска и сѐ што се случуваше во Ирска зад себе. Делумно успева да си го среди животот, но дали е тоа само маска?

Еден настан е доволен за да ја извади од колосек и животот сепак решава да ја стави во искушение и пред огромен тест од кој зависи целиот тек на нејзиниот живот. Интересна книга, според мене одлично заокружување на целата приказна! Има одредена топлина во начинот на пишување кој прави да се поврзете со Дијан и со нејзината приказна иако и самите немате пројдено низ истите проблеми и страдања како неа.

13 причини зошто“ – Џеј Ашер

1024f0f3-3b60-44b8-bfdd-4a3b0f0a6554

ИЗДАВАЧКА КУЌА: РЕЈЗОРБИЛ
Оцена: 4/5
Осврт: 
Оваа книга доби огромна популарност откако Нетфликс реши да ја екранизира и да направи серија. Иако книгата е издадена во 2007 година, во последниве две години доживува огромна популарност, поради нејзината екранизација. Доколку сте ја гледале серијата, знаете за што се работи, а доколку ја немате гледано, оваа серија е за Хана Бејкер, млада средношколка која си го одзема животот.

Сите се во шок поради ова, особено Клеј, момчето кое имало симпатии кон неа, но никогаш не ѝ признал. Тој добива пакет со касети и на секоја страна од касетата, Хана раскажува за причините поради кои решила да се самоубие, вкупно 13 на број. Емотивна и тешка приказна, но напишана е на многу едноставен стил кој ќе ве тера да читате до самиот крај. Доколку ја имате гледано серијата, ви препорачувам да ја прочитате, затоа што има многу различни нијанси помеѓу едното и другото.

Приказни од животот“ – Сју Милер

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
Оцена: 2.5/5
Осврт: Оваа книга ја следи приказната на четири ликови кои меѓусебно на некој начин се приврзани. Лесли, чиј брат загинал во нападите од 11 септември, Били, девојката на братот на Лесли, која подготвува една емотивна претстава, Реф кој глуми во претставата и Сем, пријател на Лесли, кого таа сака да го спои со Били. Секој од нив има свои демони, свои таги и страдања и секој различно се справува со животните предизвици.

Концептот на книгата е многу интересен, иако пишувањето на моменти малку заморува, но во секој случај отвора интересни прашања и ќе ве замисли за минливоста на животот и колку често работите кои наизглед се чисти и едноставни, во себе носат многу длабочина и компликации.

Leave a comment