Нова акција на ТРИ: Дополнителни попусти за сите членови на Клубот на читатели!

Доколку сакате дополнително да ја освежите вашата домашна библиотека, особено сега, пред почетокот на летото, новата акција на ТРИ е одлична за вас. Во периодот од 3 до 15 јуни, сите членови на Клубот на читатели ќе имаат можност да купат 15 различни книги по намалени цени.

61599861_10157255570899817_4198946120912601088_o

Доколку немате членска картичка, можете да добиете картичка со купување на која било книга во книжарниците на ТРИ. Она што е уште поголема поволност е тоа што ќе добијат попуст уште со првото купување! Членовите на Клубот на читатели добиваат мејлови со известувања за новите акции, попусти и уште многу други поволности, такашто набавете си картичка со време! 🙂

Што се однесува до книгите, има навистина интересен и разновиден избор. Меѓу книгите кои се намалени, се следниве:

Љубовта трае три години“ од Фредерик Бегбеде

За оваа книга веќе имам пишувано осврт во моите редовни месечни препораки и постојано ја препорачувам на оние кои ја немаат читано, затоа што е навистина интересна книга која има многу убава порака. Бегбеде ја започнува својата приказна со неговото тврдење дека љубовта трае три години и толку, потоа сѐ се распаѓа, поаѓајќи пред сѐ од сопственото искуство. Книгата има одличен хумор, но и преку различни настани и случувања, ние самите, заедно со нараторот, доаѓаме до различни заклучоци кои прават да се замислиме за нашиот сопствен однос кон љубовта.

Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте

Елена Феранте е една од највлијателните модерни италијански писателки. Нејзините книги и стил на пишување се навистина волшебни. Ова е книга за женските пријателства, но и ривалства. Приказната ja раскажува шеесетгодишната Елена која, соочена со мистериозното исчезнување на својата другарка Лила, решава да го овековечи секој детаљ од нивното заедничко минато. Растејќи во сиромашното неаполско маало во 50-тите, на суровите улици и во школските клупи, двете девојчиња учат да се потпираат една на друга пред сите детски стравови и предизвици. Иако патиштата непрестајно им се вкрстуваат и раскрстуваат, овие две дијаметрално спротивни жени сепак остануваат најверни другарки чии судбини се огледуваат една во друга и се прекршуваат.

Животот е лесен, не грижи се“ од Ањес Мартен – Лиган 

Ова е една од книгите кои ги прочитав изминатиот месец и кои се наоѓаат на мојата месечна листа со препораки која наскоро ќе биде објавена. Се работи за продолжението на „Среќните луѓе читаат и пијат кафе“ (за која пишував тука). Го следиме патешествието на Дијан и нејзините обиди да продолжи понатаму и да ја остави Ирска и сѐ што се случуваше во Ирска зад себе. Делумно успева да си го среди животот, но дали е тоа само маска? Еден настан одеднаш ќе успее од корен да ја размрда и замисли… Одлична книга за вашето попладне, а ако ја немате прочитано „Среќните луѓе…“, тоа топло ви го препорачувам.

61257772_1451813508301436_461701382227886080_n

Дневникот на еден волшебник“ од Пауло Коељо

Пауло Коељо е многу популарен меѓу македонската читателска публика уште од самите негови почетоци. Ова е всушност неговиот прв роман, претходник на „Алхемичарот“. Се работи за приказната за неговиот аџилак по средновековниот чудесен пат на свети Јаков до Сантјаго. Тоа е духовна потрага полна со авантури, но истовремено и фасцинантна алегорија за потребата од пронаоѓање на сопствениот животен пат. Борејќи се со многу искушенија, натчовечки напори за исполнување на задачите поставени од водачот-учител и неочекувани борби со внатрешните демони, патникот ќе ги научи најважните лекции за животот и за она што нè први луѓе. На крајот од патот, ќе ја открие и најголемата тајна – дека не е важно да ја имаш моќта, туку да знаеш како правилно да ја искористиш.

Забавата може да почне“ од Николо Аманити

Салваторе Кјати, ексцентричниот милијардер и сопственик на најпознатата вила во Италија ̶̶ Вила Ада, организира забава која би требало да биде запаметена како најголем монденски настан во историјата на Италија. На списокот на гости се наоѓа целиот италијански џет-сет: актери, музичари, модели, спортисти, а nа оваа забава, помалку неволно, ѝ се придружува и Фабрицио Чиба, познат писател кој се соочува со креативна криза, но и четворица претставници на една „угледна“ сатанистичка секта. Штом паѓа ноќта, „забавата на векот“ се претвора во вистински кошмар, а необичните доживувања ќе ги претворат животите на угледните гости во една грандиозна и замрсена човечка комедија.

Под црвеното небо“ од Марк Саливен

Оваа книга е инспирирана од вистинска и нераскажана приказна од Втората светска војна. Приказната го следи животот на заборавениот херој Пино Лела, 17-годишно момче од Италија кое ги предводело Евреите во нивното бегство од нацистите преку Алпите. Назначен за возач на еден од најмоќните нацистички функционери во Италија, тој добива увид во најстрого чуваните тајни, истовремено сведочејќи за злосторствата на војната. Неговата храброст e поттикната од неговата љубов кон Ана, и сонот за заеднички живот. Ова е еден незаборавен и неодолив историски роман, триумфална, епска приказна за неверојатната храброст и издржливост за време на најмрачните часови во историјата. 

pod-crvenoto-nebo

Време“ од Ридигер Зафрански 

Ридигер Зафрански, еден од највлијателните германски интелектуалци, во својата најнова книга го истражува времето како феномен кој денес го дефинира современиот човек. Зафрански почнува од денешната состојба во светот на модерните медиуми, во кој брзината на размена на информации, на мислење и на доживување целосно го изместува поимот време. Тргнувајќи од оваа точка, Зафрански прави спој меѓу егзактните науки (физиката и хемијата) и филозофијата на времето. Неговите размисли допираат до темите на политиката, економијата, уметноста, социологијата, сето тоа поврзувајќи го со теориите на Ајнштајн и Хокинг. „Време“ е специфично напишана книга, која разработува тешка тема, но на разбирлив и заводлив начин.

Несаканиот гостин“ од Шари Лапена

Оваа книга веќе беше препорачана на блогот, па така сега повторно ве потсетувам на оваа приказна која навистина нема да ве остави рамнодушни, особено ако сте љубител на трилери. Главното дејство се случува во „Пансионот на Мичел“ кој се наоѓа на снежните планини Кетскил. Гостите сакаат да си поминат убаво и да уживаат во снегот. Но, наскоро снежната бура и навремето им создаваат непријатности, снемува струја и сите стануваат нервозни, но решаваат да го искористат времето во дружење, најефективен начин да им помине времето. Но, наскоро ќе дознаат дека тоа е најмалиот проблем, особено кога ќе го пронајдат првото мртво тело, кое нема да биде единствено. Отсечени од светот, гостите сфаќаат дека меѓу нив има убиец, но не знаат ни кој е, ни зошто го прави тоа.

Снешко“ од Ју Несбе

Доколку сте љубител на трилери, ова е совршена книга за вас, Несбе има многу интересен стил на пишување кој ќе ве натера да не се одвоите од книгата додека не ја завршите до крај и цело време ќе седите на работ на столчето или каде и да читате. Вишиот инспектор Хари Хуле добива анонимно писмо. Потпишано со „Снешко“. Подоцна, меѓу застарените случаи на исчезнати лица, Хари открива редица вознемирувачки сличности. Исчезнуваат мажени жени со деца токму во денот на првиот снег… Истата ноќ, Силвија Отерсен се пробива низ првиот снег во шумата во близина на Осло. Знае дека животот ѝ зависи од тоа дали ќе избега, но не знае што ја гони. За среќа, не знае ни што ја чека на патот…

sneskosajt

Кафулето Зошто“ – Џон П. Стрелецки

Џон зема еднонеделен одмор и тргнува на пат, некаде каде што ќе може да избега од едноличноста што веќе почнува да го заморува. Изгубувајќи се и останувајќи без бензин, гладен и бесен, заталкува во некое пусто, ненаселено место. Одненадеж, патот ќе го однесе до едно необично кафуле. Во него, на задната страница од менито, ќе прочита три прашања кои ќе се надоврзат на неговото што сè почесто си го поставува: зар животот нема ништо друго да ми понуди?

Животот те сака“ од Лујза Хеј и Роберт Холден

Една од омилените афирмации на Лујза гласи Животот те сака!  Таа ги симболизираат нејзиниот живот и работата. Лујза Хеј и Роберт Холден заедно откриваат што навистина значат зборовите животот те сака. Смислата на оваа афирмација означува дека дека животот не ви се случува, туку постои заради вас. Во низата искрени разговори, соговорниците допираат длабоко во човековото битие, во моќта на љубовта, наклонетата природа на реалноста, пријателски настроениот универзум. Книгата „Животот те сака!“ се состои од инспиративни приказни, корисни методи, молитви и вежби. Таа претставува практична филозофија што се заснова врз седум едноставни и ефикасни духовни вежби за самоисцелување.

Совети за преживување“ од Рене Шафрански

Дента кога дознава дека нејзиниот маж, славниот уметник Хју Вокер забременил друга жена, Нора се заколнува: Има да се вратам во живот, колку време и да ми треба! Потребни ѝ се три години. Со помош на најверната пријателка бега од Њујорк во тивкиот Пикод, каде што ја води колумната „Совети за преживувањ“е во локалниот весник и внимателно ја подотвора вратата на нов маж во својот живот. Но кога Хју со своето совршено семејство се доселува во истиот град, цврстината ѝ се поткопува. Повторно љубомора, понижување, гнев… а потоа шокот дека брачната двојка е убиена во својот дом. Нора не може да даде цврсто алиби за ноќта на убиствата. Сеќавањата ѝ се мрачни колку и фантазиите за одмазда. Додека обрачот околу неа се стега, таа мора да се соочи со една своја темна страна и да докаже дека не е единствената со мотив за убиство…

soveti-za-prezivuvanje

 

Играта на животот“ од Флоренс Сковел Шин

Предметот на играта на животот е јасно да го видиме сопственото добро и да ги избришеме сите ментални слики на злото. Во оваа инспиративна книга Флоренс Сковел Шин, на неформален, пријателски и хумористичен начин, ни ги пренесува безвременската порака и принципите на успехот покажувајќи ни како со користење на афирмации да ги промениме својата состојба и околностите и да научиме дека животот не е борба, туку игра, игра на давање и примање. Книгата „Играта на животот и како да ја играш“ за првпат ја здогледала светлината на денот во 1925 година.

Разговори со Бога (Книга трета)“ – Нил Доналд Волш

Кога Нил Доналд Волш поминувал низ најлошиот период од својот живот, одлучил да му напише писмо на Бога во кое му поставил многу лути прашања. Но она што не го очекувал било дека ќе добие одговор, чиј резултат е серијалот Разговори со Бога. „Разговори со Бога – Книга прва’ беше топла Божја прегратка околу рамењата. „Книга втора“ беше благо предупредувачко протресување на тие рамења. Третата книга нè води уште подлабоко во нашите размисли и во потрагата по одговори на најважните универзални вистини. Таа открива пред нас нови предизвици и можности на душата. И ни го покажува патот по кој можеме да стигнеме до нив.

Leave a comment