Во далечната Колумбија во која се одвива ова дело на Габриел Гарсија Маркес, приказна која се одвива токму пред нашите очи, на полковникот нема кој да му пишува. Неговата сопруга и тој го чувствуваат секој сиромашен месец преку својот стомак, а петелот е врзан за креветот во собата од натапкана земја. Сите се обложуваат на него: ги тријат дланките и сакаат да победи.

Победата на овој петел на полковникот би му донела огледало, за да не мора да се бричи напамет, на неговата сопруга би ѝ донела лекови, за болеста да не ѝ ја јаде утробата, а на остатокот од селото, би им донела его, би им донела промена во нивните уморни животи, во кои главно дејство е војната, а на полковникот дополнително би му ја истерала од глава тезата која го опседнува со години, а тоа е дека од гордоста сепак може да се живее.
Полковникот кој е во пензија, 15 години ја чека заслужената добивка соодветна на неговиот макотрпен и крвав труд. Чека пензија со која би престанал да ги продава работите од куќата, би престанал да носи стари чевли на погребот на неговиот сограѓанин кој е прв после подолго време кој умира од природна смрт.
Ги чека парите кои би ја замолкнале маката во желудникот која се развлекува секојпат кога ќе ја погледне неговата несреќна сопруга, со кои би го поправил покривот кој е на раб да се сруши и би му обезбедиле сигурност дека нема неговиот живот да виси на конец секојпат кога ќе го фати грозница.
Петок е. Еден од многуте петоци кои забрзано ја газат деценијата.
Петок е. Поштарот ги носи пратките во торбата.
Петок е. Полковникот чека.
– „Ништо за полковникот?“
– „На полковникот нема кој да му пишува.“
И овој петок, нема плико.
И овој петок, ќе влезе во куќата која е готова да се сруши.
Госпоѓата ќе го погледне и ќе додаде:
„Човек мора да има огромно трпение како тебе, па едно писмо да го чека петнаесет години.“

Така е тоа кога политичкото насилство ги вплеткува своите прсти во животите на луѓето: микропланот на секој поединец се менува од корен. Во тие ситуации, единственото нешто што преостанува е чекањето пари чие пристигање е сосема неизвесно или петелот врзан за кревет чија победа во борбата може да ги донесе соодветните приходи.Така е тоа кога животот ги презема работите во свои раце: егзистенцијата станува трула, а секоја полесна незгода се чувствува во цревата. Така е тоа кога играта помеѓу повисоки инстанци и авторитети прави контраст помеѓу реалноста и начините за преживување.
Иако самото чекање на писмото секој петок е привид на подобро време кое повремено влегува во животот на полковникот, измамата добива завидна улога во животите на поединците. Измамата не може да се изеде, но може да биде хранлива: измамата во вид на надеж за финансиски и егзистенцијален просперитет, често ја затвора устата и глуми дека е леб. Чекањето материјален приход или чекање подобри времиња, совршено ја изострува интуицијата и прави човек да се засити од гордоста и помирувањето со судбината.

Кумот му понудува на полковникот да му го откупи петелот. Меѓутоа, иако сопругата го гледа тоа како објективна можност за излегување од бедата, полковникот не се согласува со тоа: во продажбата на петелот не лежат само финансиите, ниту полните стомаци, туку и низата сеќавања на покојниот син, гордоста и супериорноста која би ја почувствувал при неговата победа. Во тој случај, вистинита би била реченицата која ја изговарал, а тоа е дека не се предава во ничии раце и дека кога ќе дојде време за тоа, самиот ќе се фрли во канта.
Петелот не е продаден. Игрите сѐ уште не дошле на ред. Сопругата е сѐ поболна. Единствената храна која може да замени пристоен оброк е кашата од пченка која ја споделуваат со пејачот.
– Кажи ми, што ќе јадеме.
Чувствувајќи се возвишен, јасен и непоколеблив, тогаш тој ѝ возврати:
– Гомна.
Лицата во романот „На полковникот нема кој да му пишува“, немаат имиња. До крајот на романот, полковникот и неговата сопруга ги знаеме само под нивните општи именувања.
Маркес ја напишал ова книга во најтешкиот период во неговиот живот. Тој ја напишал додека бил во Париз, додека згаснувал весникот за кој пишувал, некаде помеѓу 1956 и 1957 година.
Како што Маркес своевремено зборувал – овој роман му останал најдраг од сите.
Сепак, сите ние сме и петелот и полковникот.
Полковникот кој чувствува несигурност.
Петелот кој го избегнува неговото готвење во лонец.
Сите ние чекаме петок или писмо во петок или победа на петелот.
