Како што веќе добро знаете, Бил Гејтс е посветен љубител на книги, кој секогаш чита, без оглед на тоа колку е зафатен. Освен сите проекти со кои е зафатен, тој одвреме-навреме постира на својот блог за книгите кои ги чита, надевајќи се дека ќе ги поттикне и другите да читаат, па така тој споделува интересни книги од различни области, за секој да си најде нешто за себе.
Како и секој декември, тој традиционално ја споделува т.н „празнична книжевна листа“, односно листа со омилени книги кои ги прочитал во 2019 година и кои ги споделува со остатокот од светот како предлози за празниците кои претстојат. Како и секој декември, Кафе и книги ги пренесува неговите предлози и размислувања, па можеби некој од овие наслови ќе ве инспирира.
Во продолжение прочитајте го текстот од неговиот блог (во целост, онака како што тој го напишал, преведен на македонски јазик), а подолу можете да го најдете и видеото и линкот до оригиналниот текст на англиски јазик.

Како што часовникот се повеќе се приближува кон новогодишната ноќ, навистина е забавно да погледнеме назад и да видиме што сме постигнале годинава. Декември е одлично време за потсетување на сите оние работи кои сме ги направиле во последните 12 месеци – вклучувајќи ги и книгите кои сме ги прочитале.
Со оглед на тоа дека сум човек кој се занимава со податоци, сакам да ја разгледувам мојата листа со прочитани книги за да видам дали има некои посебни трендови на читање кај мене. Оваа година читав повеќе белетристика од вообичаено. Тоа не беше некоја свесна одлука, но очигледно е дека ме привлекуваа приказни кои ми дозволија да истражам еден поинаков свет.
Моментално се трудам да ја завршам книгата „Атлас на облаците“ од Дејвид Мичел и сакам да ја завршам пред крајот на годината (се работи за неверојатно интелигентна книга, но малку е тешка за следење). Заедно со „Џентлмен во Москва“ и „Американски брак“, ја завршив и „Резултатот Роузи“ од Грем Симсион и еден одличен роман за една жена која се справува со тагата со тоа што се зближува со едно огромно куче. Дури успеав да прочитам една збирка кратки раскази на Дејвид Фостер Валас, „Кратки интервјуа со одбивни мажи“.
Можеби следната година во оваа моја листа конечно ќе го вклучам романот на Волас кој одамна сакам да го прочитам, „Бесконечна шега“.
За оваа традиционална празнична книжевна листа, избрав 5 наслови кои мислам дека и вам би ви се допаднале. Мислам дека се добар избор за со нив да ја завршите 2019 или да ја започнете 2020 година на позитивен начин:
„Американски брак“ од Тајари Џонс

Мојата ќерка Џен ми ја препорача оваа книга, која ја раскажува приказната за еден афро-американски брачен пар од Југот, чиј брак се распаѓа поради ужасна неправда. Џонс е толку добра писателка, што прави да сочувствувате со двата главни лика, дури и откако едниот од нив ќе донесе тешка одлука. Главната тематика е тешка, но поттикнува на размислување и јас целосно се внесов во трагичната љубовна приказна на Рој и Селестиал.
„Овие вистини“ од Џил Лепор

Лепор во својата последна книга го изведува она што е навидум невозможно: да ја изанализира целата историја на САД во само 800 страни. Таа направила свесен избор да изнесе различни светогледи во наративот, а резултатот од тоа е една од најискрените и најдиректните прикази на американската историја кои некогаш сум ги прочитал. Дури и ако веќе сте читале за американската историја, убеден сум дека ќе научите нешто од „Овие вистини“.
„Раст“ од Вацлав Смил

Кога чув дека еден од моите омилени писатели работи на нова книга за раст и развој, не можев да дочекам да излезе за да ја прочитам. Пред две години, напишав дека ги чекам новите книги на Смил исто како што некои луѓе едвај го чекаат новиот филм од серијалот „Војна на ѕвездите“. Уште го мислам тоа. Неговата најнова книга воопшто не разочарува. Како и секогаш, не се согласувам со сѐ што тој кажува, но тој останува еден од најдобрите мислители кои го документираат минатото и ја гледаат големата слика.
„Подготвени“ од Дaјeн Тавенер

Како што секој родител веќе знае, подготвувањето на вашите деца за животот после средно училиште е долго и понекогаш тешко патување. Тавенер, која има создадено мрежа од некои од најдобрите училишта во САД, го има склопено овој прирачник за тоа како да го направите овој процес што е можно поефикасен и полесен. Таа попатно споделува што научила околу тоа како да ги научи децата не само за она што им е потребно за да се запишат на факултет, но и како да живеат добар живот.
„Зошто спиеме?“ од Метју Вокер

Оваа година прочитав неколку одлични книги околу човечкото однесување, а ова беше една од најинтересните и најдлабоките. Мојата ќерка и Џон Доер ептен ме поттикнуваа да ја прочитам и многу ми е драго што го направив тоа. Сите знаат дека добриот сон е многу важен, но што е всушност „добар сон“? И како да стигнеме до тоа? Вокер ме убеди да ги променам моите навики пред заспивање за да ги зголемам моите шанси за подобар сон. Ако вашата одлука за 2020 е да бидете поздрави, неговите совети се добро место за да почнете со остварување на оваа одлука.
Во продолжение погледнете го и традиционалното видео:
На овој линк можете да го прочитате и оригиналниот текст од блогот на Бил Гејтс.
