Среќен роденден Кафе и книги!
Денес блогот полни точно 5 години, навистина убав јубилеј!
Она што започна како мало катче на една девојка заљубена во книгите и која сакаше да ја сподели таа љубов кон книгите (и кафето) со светот, се претвори во блог кој има редовни читатели со кои уживам да разменувам мислења за книги, блог кој на свој тивок начин стана препознатлив за оние кои сакаат да најдат нешто ново за читање, оние кои сакаат да прочитаат интересни факти за своите омилени писател(к)и, оние кои се заљубени во македонската поезија и оние кои едноставно ја споделуваат истата љубов и страст кон книгите.

Во овие 5 години, на блогот се појавија 994 текстови кои беа прочитани 211 046 пати и имаше 143 978 посетители. Официјалната страница на Фејсбук има 4955 „лајкови“ и уште многу споделувања и коментари.

Она што особено ме прави горда се двете признанија кои блогот досега ги доби: Првото беше признанието од 2015 година, кога блогот ја освои наградата за Најдобар блог во домен на културни работи на Твитер наградите и минатогодишното признание на минатогодинешниот Саем на книга и освои второ место во категоријата Промотор на читачка култура, доделено од Македонска асоцијација на издавачи.
Дополнително Фејсбук страницата на Кафе и книги беше номинирана за Најстрана на Фејсбук за 2019 година на Твитер наградите.

Со оглед на тоа дека 5 години не е мал јубилеј, пред традиционално да ги објавам десетте најчитани објави за изминатата година, најпрво прочитајте кои се петте најчитани објави на блогот од неговото создавање:
- Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
- Македонска поезија: „Ако не си ти“ од Петре М. Андреевски!
- Интересни факти за „Странецот“ на Албер Ками
- Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
- Не се заљубувај во жена која чита…
Во продолжение прочитајте кои се топ 10 прочитани објави во изминатата година:
- Достоевски: „Луѓето стигнаа дотаму што натрупаа повеќе предмети, а имаат малку радост!“
- Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
- Што чита најмоќната жена на светот?
- За омилените книги на Коби Брајант во 2019 и неговата несудена книга со Пауло Коељо…
- Како добрите книги нѐ обликуваат и без да бидеме свесни за тоа?
- „Самоглас“: Првата платформа за аудио книги на македонски јазик!
- Златните зборови на Достоевски: „Само една работа е важна, само една!“
- Погледнете ја оваа мини библиотека која една жена ја создала од стебло старо 110 години!
- Антоан де Сент-Егзипери за неверојатната болка предизвикана од загубата на пријател…
- Расипаната душа на Доријан Греј во романот на Оскар Вајлд
Ви благодарам од сѐ срце што ги читате содржините, што ги споделувате, што со мене ги споделувате вашите омилени четива. Секој коментар навистина ми значи и искрено се радувам што има луѓе кои редовно ги читаат содржините. Она што можам да ветам е дека ќе се трудам постојано да го збогатувам блогот со различни содржини за сечиј вкус и дека тука секој ќе може да си го пронајде она што му е потребно.
Срдечен читателски поздрав од една девојка за која книгите секогаш биле и секогаш ќе бидат нејзиното мирно море, спокој и пријател!
