Што читаше Кафе и книги во февруари?

Се наближува пролетта, најубавото годишно време! Март знае да биде луд месец  во поглед на времето, но тоа нема да нѐ спречи да читаме книги! Денес на ред е традиционалната листа со препораки составена од книгите кои ги прочитав во изминатиот месец. Тука има одлични четива кои ви ги препорачувам и се надевам дека ќе си одберете некој наслов за следното читање!

Приказна за новото презиме“ – Елена Феранте 

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Убедливо најдобрата книга што ја прочитав претходниот месец. Како што веќе пишував за првиот дел, Елена Феранте има прекрасен стил на пишување кој едноставно ве пренесува онаму каде што сака да ве пренесе, а и на многу искрен начин го доловува растењето и тешкотиите на младите луѓе да се прилагодат на светот на возрасните. Во вториот дел од серијалот, Феранте продолжува онаму каде што застанува во првиот дел, свадбата на Лила и Стефано Карачи.

Во втората книга гледаме како се развива приказната, како Лила се прилагодува на брачниот живот и како нејзиниот нескротлив дух се пренесува и во тој дел од нејзиниот живот. Од другата страна, Елена продолжува со учењето, но и таа самата се соочува со чувства кои ја измачуваат, додека се обидува да биде добра другарка на Лила. Освен тоа, во вториот дел се појавува целата стара дружина од нивното маало и гледаме како сите растат, како се справуваат со животните предизвици и како и покрај сѐ, се трудат да си бидат меѓусебна поддршка, иако понекогаш и на необични начини. Одлична книга и одличен книжевен серијал, искрено ви препорачувам да почнете да ги читате книгите на Феранте!

Девојката што ја остави зад себе“ – Џоџо Мојес

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 5/5 
Осврт: Одлична книга! Читајќи ја книгава, срцето ми се скрши на неколку делови. Џоџо Мојес тука раскажува една неверојатно испреплетена приказна во две различни времиња, за две жени кои водат тешки животни борби, секоја на свој начин.

Од една страна ја имаме Софи во 1916 година, за време на Првата Светска војна, Софи која мора да се грижи за семејството и за семејниот бизнис додека нејзиниот сакан сопруг е на бојните полиња и таа не знае што се случува со него.

Единствено што ѝ дава сила се портретот од неа кој тој го насликал и неговите ретки писма кои сѐ поретко пристигнуваат. Во тој период во малото место доаѓа нов германски командант, кој сѐ чини дека го има фрлено окото на Софи. Од друга страна ја имаме Лив, која сѐ уште се труди да ја надмине болката од ненадејната смрт на нејзиниот сакан сопруг. Како овие две приказни се испреплетуваат? Ќе морате да прочитате за да дознаете, а јас искрено ви ја препорачувам оваа книга, неверојатен стил на пишување, емоции и раскажување.

Писма до Тео“ – Винсент ван Гог

Издавачка куќа: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР
Оцена: 4.5/5 

Осврт: Мислам дека ниту една биографија која би ја прочитале за Винсент ван Гог не би можела да ви го долови човекот зад уметникот Винсент ван Гог. Преку писмата кои тој му ги пишувал на својот брат Тео, со кого бил исклучително близок, ние добиваме неверојатен увид во неговиот ум и неговата душа. Чувствителниот млад човек кој се борел да се пронајде себеси, кој гледал убавина во сѐ, кој ја обожавал природата и кој кога се заљубувал, се заљубувал силно.

Она што мене ми остави најголем впечаток додека ги читав писмата е тоа што човек може многу јасно да види како се менува бојата на душата на Винсент и како неговата душа добива сѐ помрачни бои со текот на годините и времето. Преку писмата гледаме како тој се обидува да го пронајде своето место во овој свет и се обидува преку својата уметност да го искаже она што не може да биде искажано со зборови.

Преку оваа книга ја гледаме и неговата несовршеност како човек, неговите слабости, неговите мани, работи кои можеби најмногу придонеле да биде уметникот каков што бил. Освен тоа, покрај тоа што бил генијален сликар, тој и одлично пишувал. Во моментот ја читам „Жед за животот“ од Ирвинг Стоун, роман за неговиот живот и од она што можев да го прочитам, токму овие писма во најголем дел биле инспирација за романот.

Сите цвеќиња во Париз“ – Сара Џио

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Пред да започнам со освртот, би сакала да напоменам дека оцената која делува дека е послаба не е толку за самото дело, колку што е моја критика за Сара Џио. Доколку сакате историски драми, оваа книга сигурно ќе ви се допадне.

Дејството е сместено во Париз, во денешно време и во Втората Светска војна. Од една страна ја имаме Керолајн, Американка која живее во Париз, но доживува несреќа и целосно го губи помнењето. Таа не знае ништо за себе и својот претходен живот и од она што може да го согледа, таа живеела многу осамен и повлечен живот и се чини дека немала многу пријатели.

Додека се труди да дознае што се случило со неа, таа сфаќа дека станот во којшто живее е озогласен и малкумина сакаат да зборуваат за тоа. Во една од собите открива писма датирани од Втората Светска војна и сака да дознае повеќе околу тоа. Од друга страна е Селин, млада вдовица која се обидува да преживее во хоророт на Втората Светска војна и да ја заштити својата ќерка и својот татко, но во тоа време никој не е безбеден. Како што тече приказната, полека откриваме што се случило и со двете жени.

Причината поради која оценката е делумно пониска е тоа што мене во суштина навистина ми се допаѓаат книгите и творештвото на Сара Џио и сметам дека е навистина талентирана писателка, но ова е нејзина четврта книга која ја прочитав и забележителни се истите шаблони, истите „финти“, нема иновативност, освен тоа што се менуваат локациите и делумно приказните. Иако секој писател си има свој белег, сепак сметам дека таа веќе само се раководи според одреден шаблон кој ѝ донел успех и само го рециклира она што веќе го напишала и на тој начин квалитетот на четивото значително опаѓа. Сепак, мислам дека на оние кои им се допаѓаат историски романи, овој роман ќе им се допадне и дефинитивно мислам дека треба да му дадете шанса.

Leave a comment