Денес на блогот продолжуваме со вториот дел од есејот на Џорџ Орвел за слободата на медиумите. Првиот дел можете да го прочитате – тука.
Многу е важно да се направи разлика помеѓу типот на цензура која англиската книжевна интелектуала доброволно ја има наметнато врз себе и цензурата која понекогаш се случува како резултат од притисокот на одредени групи. Веќе е озогласен фактот дека одредени теми не може да бидат дискутирани поради „повисоки интереси“.
Католичката црква има значително влијание во печатот и може донекаде да ја замолчи критиката. Скандал кој вклучува католички свештеник речиси никогаш не добива публицитет, за разлика од случаевите кога англикански свештеник ќе падне во неволја (на пример Ректорот на Стифки), тогаш тоа се појавува на сите насловни страни. Исклучителна реткост е на сцена или во филм да се појави нешто коешто има анти-католички мотиви. Секој глумец може да ви каже дека претстава или филм кои ја напаѓаат или исмеваат Католичката црква со сигурност ќе бидат бојкотирани од медиумите и најверојатно ќе доживеат неуспех.
Но, овој тип на работи се безопасни, или барем се разбирливи. Секоја голема организација ќе се грижи за своите интереси најдобро што може и отворената пропаганда не е нешто за кое може да се буните. Човек не би очекувал „Дејли воркер“ да објавува непосакувани факти за СССР исто како што не може да очекува дека „Католички Хералд“ ќе се откаже од Папата. Но, секој разумен човек ги знае овие два весника баш онакви какви што се и што објавуваат.

Она што е загрижувачки е дека онаму каде што СССР и нејзините политики се во прашање, човек не може да очекува критика од интелектуалното јадро, или во многу случаеви, еве отворено ќе кажам, од либерални писатели и новинари врз кои не се врши никаков директен притисок за да ги фалсификуваат нивните мислења. Ова правило е речиси универзално прифатено уште од 1941 година, но оперира, во многу поголем дел отколку што тоа се забележува, најмалку 10 години пред тоа. Во тој период, критиката на советскиот режим од левичарите можеше да се слушне со многу тешкотии.
Имаше големо количество на анти-руска литература, но речиси целата таа литература беше од конзервативна гледна точка и отворено неискрена и нечесна, застарена и поттикната од морничави мотиви. Од другата страна, постоеше подеднакво голем и речиси еднакво нечесен проток на про-руска пропаганда и тоа доведе до бојкот на секој кој се обидуваше да дискутира важни прашања на возрасен и зрел начин.
Вие навистина можевте да објавувате анти-руски книги, но ако го направевте тоа, со сигурност ќе бевте игнорирани или погрешно презентирани речиси од сите медиуми кои значат нешто. И приватно и јавно добивавме предупредувања дека тоа „не е баш пожелно“. Тоа што го велевте можеби беше вистина и точно, но е „незгодно“ и му одело во прилог на овој или на оној реакционерен интерес. Овој став обично беше бранет на основа на тоа дека меѓународната ситуација и итната потреба од англо-руски сојуз го бара ова однесување, но јасно беше дека тоа беше само една обична рационализација. Англиската интелектуала, или барем поголемиот дел од неа, разви националистичка лојалност кон СССР и тие во своите срца чувствуваа дека фрлањето на секаков сомнеж околу мудроста на Сталин е еден вид на ерес.

Настаните во Русија и настаните на други места беа оценувани по различни стандарди. Бескрајните чистки и егзекуции во периодот од 1936-38 година беа дочекани со аплаузи од страна на цврсти противници на смртната казна, а подеднакво соодветно се чинеше да се објават изгладнувањата кога се случија во Индија, а да се сокријат изгладнувањата кои се случија во Украина. И ако ова беше вистина уште пред војната, интелектуалната атмосфера овие денови со сигурност не е подобра.
Но, сега ајде да се навратиме на оваа моја книга. Реакцијата на книгата од страна на повеќето англиски интелектуалци ќе биде релативно едноставна: „Не требаше да биде објавена.“ Природно, оние критичари кои ја разбират уметноста на оцрнувањето, нема да ја напаѓаат на политичка, туку на книжевна основа. Ќе речат дека е досадна, будалеста книга и дека е пример за срамно трошење на хартија. Ова можеби е и вистина, но очигледно е дека е само дел од целата приказна. Човек не вели дека книга „не требало да биде објавена“ само затоа што е лоша книга. На крајот на краиштата, еден тон ѓубре се објавува на дневна основа и никој не го забележува тоа.
Англиската интелектуала, или барем поголемиот дел од неа, ќе се противи на оваа книга затоа што го клевети нивниот лидер (барем тие така го гледаат тоа) и ѝ нанесува штета на прогресивната кауза. Ако го правеше обратното, тогаш немаше да кажат ништо против неа, дури и ако книжевните мани беа 10 пати поочигледни. На пример, успехот на „Левичарскиот книжевен клуб“ во период од 4 или 5 години покажува колку се подготвени да толерираат несмасно и лошо пишување, доколку истото им го кажува она што тие сакаат да го чујат.

Многу е едноставно прашањето кое тука се наметнува: Дали секое мислење, без оглед на тоа колку е непопуларно, колку и да е будалесто, заслужува да биде слушнато? Поставете го прашањето во оваа форма и речиси секој англиски интелектуалец ќе почувствува дека треба да каже: „Да“. Но, дајте му на прашањето малку поконкретна форма и прашајте: „А што ако е напад врз Сталин? Дали тоа мислење заслужува да биде слушнато?“ и одговорот најчесто ќе биде: „Не“.
Во тој случај, моментално прифатената доктрина е предизвикана, па така потфрла и начелото на слобода на говор. Кога човек бара слобода на говор и слобода на медиуми, човек не бара апсолутна слобода. Секогаш мора да има, или ако ништо друго секогаш ќе има, одреден степен на цензура, барем додека постојат организирани општества. Но, слободата, како што Роза Луксембург рекла, е „слобода за другиот човек“. Истото начело е содржано и во познатите зборови на Волтер: „Го презирам она што го кажуваш, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш тоа.“
Ако интелектуалната слобода, која без сомнеж е еден од најпрепознатливите знаци на Западната цивилизација, воопшто значи нешто, тогаш значи дека секој ќе го има правото да го каже или да го објави она за кое смета дека е вистина, секако доколку без двоумење истото не ѝ штети на остатокот од заедницата.
Во последно време, и капиталистичката демократија и западните верзии на социјализмот, го земаат ова начело здраво за готово. Нашата Влада, како што веќе потенцирав, сѐ уште се труди да покаже дека го почитува. Обичните луѓе на улица, делумно поради тоа што можеби не се доволно заинтересирани за идеи за воопшто да бидат нетолерантни кон нив, сѐ уште бегло се држат до моментот: „Претпоставувам дека секој си има право на свое мислење.“ Само, или барем во поголемиот дел, книжевната и научната интелектуала, луѓето кои треба да бидат бранители и чувари на слободата, се оние кои почнуваат да ја презираат, и во теорија, но и во пракса.

Еден од почудните феномени на нашето време е „либералот-отпадник“. Освен стандардното и познато марксистичко тврдење дека „буржоаската слобода“ е илузија, сега има широко распространета тенденција да се тврди дека човек може да ја брани демократија исклучиво со тоталитарни методи. Според овој аргумент, ако човек ја сака демократијата, тогаш тој мора да ги скрши и згази своите непријатели, без оглед на тоа какви средства ќе употреби. А кои се непријателите? Се чини дека секогаш се не само оние кои отворено и свесно ја напаѓаат демократијата, туку оние кои „објективно“ ја загрозуваат со тоа што шират погрешни доктрини. Со други зборови, бранењето на демократијата вклучува уништување на секоја независна мисла. На пример, овој аргумент беше користен за да се оправдаат руските чистки.
И најтврдокорните и најупорните русофили не веруваа дека сите жртви беа виновни за сите работи за кои беа обвинети: но со тоа што имале еретички мислења, тие „објективно“ му наштетувале на режимот и затоа сосема оправдано беше не само да бидат масакрирани, туку и да бидат дискредитирани и оцрнети со лажни обвинувања. Истиот аргумент беше искористен за да се оправда сосема свесното лажење за Троцкистите и другите републикански малцинства во Шпанската граѓанска војна, кое долго време си постоеше во левичарскиот печат. И истото ова беше искористено за вриштењето против правото на судење кога Мозли беше ослободен во 1943 година.
Овие луѓе не гледаат дека ако поттикнуваш и поддржуваш тоталитарни методи, можеби ќе дојде време кога истите ќе бидат искористени против тебе, наместо во твоја полза. Ако создадеш навика да затвораш фашисти без судење, можеби тој процес нема да запре со фашистите. Многу набргу откако згаснатиот весник „Дејли Воркер“ повторно ја здогледа светлината денот, јас предавав на еден работнички колеџ во јужен Лондон. Публиката беше составена од работничка класа и посиромашна класа интелектуалци, истиот тип на луѓе кои човек ги среќавал во ограноците на „Левичарскиот книжевен клуб“.

Предавањето ја допре темата за слободата на медиумите и на крајот, на мое огромно вчудоневидување, неколку луѓе станаа и ме прашаа зарем не мислам дека остранувањето на забраната за работа на „Дејли Воркер“ е голема грешка? Кога прашав зошто, тие рекоа дека се работи за весник кој има сомнителна лојалност и не треба да се толерира во воени времиња. Се најдов себеси во ситуација да го бранам весникот кој даде сѐ од себе за да ме клевети и оцрнува и тоа во повеќе наврати. Но, прашањето останува: Каде овие луѓе го научиле ова воглавно тоталитарно гледиште? Речиси е сигурно дека го научиле од самите Комунисти.
Толерантноста и пристојноста се длабоко вкоренети во Англија, но тие не се неуништливи и тие мора да се одржуваат во живот со свесен труд. Целта на проповедањето и ширењето тоталитарни доктрини е да се ослабе инстинктот кој им помага на луѓето да знаат што е, а што не е опасно. Случајот со Мозли најдобро го опишува ова. Во 1940 година, беше сосема оправдано да се затвори Мозли, без оглед дали технички направил или не направил некаков криминал. Ние се боревме за нашите животи и не можевме да дозволиме наводен квинслинг да биде на слобода. Да биде затворен, без право на судење, во 1943 година беше неверојатна работа.
Генералното потфрлање да се види ова беше лош симптом, иако е вистина дека нетрпеливоста околу ослободувањето на Мозли беше делумно заснова на факти и делумно беше рационализација на други незадоволства. Но, колкав дел од сегашното лизгање и наклонување кон фашистичките начини на размислување може да се поврзат и да се забележи дека водат до „анти-фашизмот“ од изминатите 10 години и бескруполозноста која ја содржеше во себе?

Важно е да се разбере дека моменталната Русоманија е само симптом на генералното ослабување на западната либерална традиција. Ако Министерството за информации се вмешаше и ако ставеше конечно вето на објавувањето на оваа книга, тогаш најголемиот дел од англиската интелигенција немаше да види ништо лошо или загрижувачки во тоа. Некритичката лојалност кон СССР е моменталната општоприфатена доктрина и онаму каде што се вклучени интересите на СССР, тие се расположени да толерираат не само цензура, туку и намерно фалсификување на историјата.
Еве ќе дадам уште еден пример. Кога Џон Рид почина, кој беше авторот на „10-те дена кои го потресоа светот“, книга која од прва рака зборува за раните денови на Руската револуција, правата за книгата беа предадени во рацете на Британската комунистичка партија, на која верувам дека Рид ѝ ги подарил правата. По неколку години, британските комунисти го уништија оригиналното издание на книгата, барем онолку колку што можат, и објавија масакрирана верзија во која сосема ги избришале деловите каде што се спомнува Троцки и воопшто не го вклучиле воведот напишан од Ленин.
Ако во Британија сѐ уште постоеше радикално интелектуално јадро, овој чин на фалсификување ќе беше разоткриен и ќе беше осуден во секој книжевен весник во државата. Но, бидејќи работите се онакви какви што се, имаше малку, или воопшто немаше протестирања против ова. За голем број од англиските интелектуалци, ова беше сосема природа работа. И оваа толеранција или јасна нечесност е многу повеќе од воодушевувањето за Русија кое во моментов е во мода.

Сосема е извесно дека оваа конкретна мода нема да трае вечно. Што се однесува до мене, додека оваа книга го здогледа светлото на денот, мојот став во поглед на советскиот режим може да биде општоприфатен факт. Но, која би била користа од тоа? Да се замени една доктрина со друга не е баш некој напредок. Непријателот е грамофонскиот ум, без оглед на тоа дали човек се согласува со плочата која врти во моментот или не се согласува со неа.
Јас сум добро запознает со сите аргументи против слободата на мисла и говор – аргументите кои тврдат дека не може да постои и аргументите кои тврдат дека не треба да постои. Јас едноставно одговарам дека тие не ме убедуваат и дека нашата цивлизација во период од 400 години се темели на сосема спротивното убедување. Речиси една декада верувам дека постоечкиот руски режим воглавно е зол и јас го користам моето право да го кажам тоа, без оглед на фактот што ние сме сојузници со СССР во војна која сакам да биде добиена.
Ако треба да изберам текст за да се оправдам себеси, јас би избрал една реченица од Милтон: „Водејќи се според познатите правила на античката слобода.“
Зборот „античка“ го потенцира фактот дека интелектуалната слобода е длабоко вкоренета традиција без која нашата карактеристична западна култура само бегло би постоела. Многу наши интелектуалци видливо го вртат грбот на оваа традиција. Тие го прифатиле начелото дека книга треба да биде објавена или поттисната, фалена или осудена, не според нејзините заслуги, туку според нејзината политичка целисходност. А оние кои не веруваат во ова, бегаат заради чист кукавичлук. Пример за ова е пропустот на голем број гласни англиски пацифисти да го кренат нивниот глас против доминантното обожавање на рускиот милитаризам. Според овие пацифисти, насилството е зло и во секоја фаза од војната тие нѐ повикуваа да се предадеме или да направиме компромисен мир.

Но, колку од нив укажуваа на тоа дека војната е исто толку зла и кога е водена од страна на Црвената армија? Очигледно, Русите имаат право да се бранат, а кога ние го правиме тоа, тогаш тоа е смртен грев. Човек може да ја објасни оваа контрадикторност само на еден начин: кукавичката желба да се биде дел од мнозинството на интелектуалното јадро, чиј патриотизам е насочен кон СССР, а не кон Британија. Знам дека англиската интелигенција си има многу причини за нивната молчаливост и неискреност, дури и напамет ги знам аргументите со кои се оправдуваат себеси.
Но, барем оставете нѐ на мир и престанете со будалаштините околку бранењето на слободата од фашизмот. Ако слободата воопшто значи нешто, тогаш таа значи право да им го кажеш на луѓето она што тие не сакаат да го чујат. Обичните луѓе сѐ уште бегло се држат до таа доктрина и се водат според неа. Во нашата држава, бидејќи не е исто во сите држави: не беше така во републиканска Франција и не е така во САД денес, и не е исто во сите држави, либералите се оние кои се плашат од слободата и интелектуалците се оние кои сакаат да фрлат дамка на интелектот. Јас го напишав овој предговор, затоа што сакав да привлечам внимание кон овој факт.
