Џејмс Џојс е еден од најпочитуваните писатели кој творел на англиски јазик и централна фигура во историјата на романот. Тој и денес е исклучително важен за нас поради неговата посветеност на неколку клучни теми: идејата за величественоста на обичниот живот, неговата решителност да го прикаже она што навистина ни минува низ главите од момент во момент (она што денес го знаеме, во голема мера благодарение на него, како тек на свеста) и неговата намера да го долови на страницата начинот на кој јазикот навистина звучи во нашите сопствени мисли. Денес на блогот имате можност да погледнете едно многу интересно видео создадено од The School of Life во кое се образложува животот и дел од творештвото на Џејмс Џојс.
(извор: Associated Press)
Роден во 1882 година, Џејмс Џојс ги поминал првите 20 години од својот живот во и околу Даблин, а остатокот од животот талкајќи низ и помеѓу европските градови Трст, Цирих и Париз. Во текот на три децении објавил две поетски збирки, збирка раскази, една драма и три романи – сите различни по обем и замав, но со една заедничка нишка: Даблин, град што истовремено го сакал и го мразел. „Секоја од моите книги,“ еднаш му објаснил на еден пријател, „е книга за Даблин. Даблин е град со едвај 300.000 жители, но тој стана универзалниот град на моето творештво.“
На крајот на 19 век, Даблин бил вториот град на Британската Империја. Како и неговиот татко, Џојс жестоко се спротивставувал на статусот на Ирска како британска колонија и ја поддржувал каузата за ирската независност. Џојс бил образуван од језуитите и уште рано во училиште, почнал да ја покажува својата надареност за странски јазици. До моментот кога пристигнал на Универзитетскиот колеџ во Даблин, Џојс веќе пишувал книжевни критики, песни и раскази, но истовремено морал да пронајде и професија. Се обидел со медицински студии во Париз, но поминувал повеќе време во бордели и барови отколку во библиотека.
Во 1904 година ја запознал младата жена од Голвеј по име Нора Барнакл, која била необразована, но за Џојс била исклучително еротична и привлечна. Кога првпат го видела, помислила дека е нордиски морнар, со „електрично сини очи, капа за јахта и платнени патики“. Но кога проговорил, „тогаш веднаш сфатив дека е само уште еден безвреден даблински фалбаџија што се обидува да ѝ се додворува на селска девојка“. Сепак, таа се вљубила во него и му останала посветена низ целиот нивни тежок заеднички живот. По неколку месеци, таа се согласила да го следи во Европа, во самонаметнато прогонство, ослободени од моралот на Католичката црква и од потчинетоста на Британската Империја. На крајот се населиле во Трст, (тогашен) австроунгарски пристанишен град, каде што ги поминале следните десет години, одгледувајќи две деца, на кои им дале италијански имиња (Луција и Џорџо). Џојс едвај врзувал крај со крај работејќи како наставник по јазици во школата „Берлиц“ и преведувајќи ирски писатели како Јејтс и Оскар Вајлд на италијански јазик.
1914 година се покажала како пресвртна година за Џојс, кога еден издавач во Лондон конечно решил да ја објави неговата збирка раскази „Даблинци“, која дотогаш била одбиена 22 пати, а американскиот поет Езра Паунд овозможил неговиот роман „Портрет на уметникот во младоста“ да биде објавуван во продолженија. Потоа, во 1918 година, следела серијализацијата на „Улис“, книгата што му го донела светското признание. Во следните 23 години угледот на Џојс постојано растел, а тој ги туркал своите експерименти со јазикот и книжевната форма сè подалеку – сè до неговата неочекувана и ненадејна смрт во Цирих во 1941 година. Тој бил погребан на гробиштата Флунтерн, веднаш во близина на главната зоолошка градина во Цирих.
Величественоста на секојдневниот живот
Главното дело на Џојс, „Улис“, го носи името на најдраматичната авантуристичка приказна што античките Грци ѝ ја пренеле на западната цивилизација (се мисли на „Одисеја“, „Улис“ е латинското име за „Одисеј“, м.з). Таа се смета за врв на високата култура и ја раскажува приказната за долгото талкање на јунакот Одисеј на неговото патување од опсадата на Троја назад кон Итака, неговиот дом. Но главниот лик во романот на Џојс не е воински крал или голем херој. Наместо тоа, тој е еден многу несовршен, прилично добродушен и прилично глупав човек по име Леополд Блум. Тој работи како ситен играч во рекламната индустрија, оженет е (но неговата сопруга има љубовна афера), добива отказ од низа работни места и многу е склон кон мечтаење за сите нешта што би сакал да тргнат како што треба во неговиот живот, но за кои знаеме дека нема да се случат. Тој прди, сака да гледа жени по улица, сонува да добие наградни игри во неделни списанија и да поседува куќичка крај морето. Како Евреин, тој е малку аутсајдер во католичкиот Даблин и постојано мора да трпи разни ситни понижувања. Тој е многу различен од традиционалниот херој, но е претставник на нашето просечно, неимпресивно, кревко, но прилично симпатично, секојдневно јас. Џојс му посветува огромно внимание на Леополд Блум. Тој го третира како личност длабоко достојна за почит и огромен интерес, некој од кого (сугерира Џојс) треба да учиме и во одредени нешта да се обидеме да бидеме како него – исто како што во античкиот свет Одисеј бил претставуван како инспиративен пример за снаодливост и храброст.
Го следиме Блум во текот на еден цел ден додека талка низ Даблин: го гледаме како руча, купува вечерата, пие кафе и какао; се грижи за односот со сопругата и ќерката, оди на работа, слуша некого како пее, води разни разговори. Џојс ни вели дека навидум малите нешта што се случуваат во секојдневниот живот (јадењето, сочувството кон другиот, самосожалувањето, закачувањето алишта на жица, чувството на срам) всушност и не се „мали нешта“. Ако ги гледаме низ вистинската леќа, ќе откриеме дека се убави, сериозни, длабоки и фасцинантни. Нашите сопствени животи се исто толку интересни како и животите на традиционалните херои, но ние сме полоши во тоа да ги цениме. Корисната леќа најпрво ни ја дава романот на Џојс, но идеално би требало да ја интернализираме и да ја направиме своја: треба да се прифатиме себеси како мали, но легитимни херои на нашите достоинствени животи.
Тек на свеста
Традиционално, романите (како и повеќето филмови денес) ни ги прикажуваат луѓето како зборуваат во добро обликувани, јасни и релевантни реченици. И ние обично претпоставуваме (без навистина да размислуваме за тоа) дека ова е фер одраз на нивниот внатрешен живот. Тие ги искажуваат мислите и чувствата што ги имаат. Но, ова воопшто не е начинот на Џојс. Џојс нè внесува во нашите умови и се обидува да ни покаже како навистина звучи размислувањето. Во еден момент во „Улис“, Леополд Блум размислува за циклусот на животот додека ги гледа трамваите и луѓето на улицата:
„Трамваите се разминуваа, внатре, надвор, ѕвонејќи, ѕвонејќи. Бескорисни зборови. Работите се одвиваат исто, ден по ден: одреди полицајци маршираат надвор, па назад: трамваи внатре, надвор. Оние двајца лудаци што се влечкаат наоколу. Дигнам си замина. Мина Пјурфој со надуен стомак на кревет, стенка додека ѝ го влечат детето надвор. Едно се раѓа секоја секунда некаде. Друго умира секоја секунда. Откако ги нахранив птиците пред пет минути. Триста отишле под земја. Други триста родени, ја мијат крвта, сите се измиени во крвта на јагнето, ревејќи мааааа.“
Тоа е чуден, а сепак навистина многу познат, хаос од високи и ниски грижи: тој размислува за раѓањето и смртта и за случајната краткост на животот и за идејата за религијата („измиени во крвта на јагнето“ е стих од христијанска химна), но истовремено размислува и за тоа дека нахранил некои птици, за вообичаените ритми на секојдневието, за бучните трамваи и за фундаменталната необичност на јазикот во кој звуците што ги правиме со устата означуваат нешта во светот.
Кога би можеле да им го „исечеме“ горниот дел од главите на луѓето и да ѕирнеме во разновидните мисли што кружат и се вкрстуваат – си противречат и се збунуваат меѓусебно – би добиле многу попрецизна слика за другите луѓе. И една што радикално се разликува од сликата што обично ја имаме: дека луѓето се психолошки монолити со јасни, дефинирани и фиксни ставови, кои точно знаат во што веруваат и за што се грижат (и за што не се грижат). Џојс, како и другите модернисти што ги опишуваат чувствата и мислите кои се дел од текот на свеста, сугерира дека ако знаевме повеќе за тоа што другите, а и ние самите, навистина мислиме и чувствуваме, ќе имавме појасно чувство за тоа што значи да се биде човек; а можеби и побавно би се лутеле, побрзо би простувале; повеќе би сакале и помалку би мразеле. Би биле пољубопитни кон навидум чудните споредни патеки по кои нашите сопствени умови – и умoвите на другите – бескрајно се движат.
Чудото на јазикот
Колку повеќе Џојс навлегувал под површината на нашите изрази за да ја открие какофонијата на нашите умови, толку повеќе чувствувал потреба да го извртува и преобликува самиот јазик за да го долови начинот на кој си звучиме самите на себе. Во својот последен и навистина збунувачки роман, „Финигановото бдеење“, Џојс одлучил да создаде своја сопствена верзија на англискиот јазик, една „брбаторска кула“, мешајќи делови и парчиња од повеќе од 40 јазици. Понекогаш зборовите на страницата изгледаат сосема туѓо, но ако ги изговорите на глас, често може да се открие значењето. „Hereweareagain“ (Тукасмеповторно, м.з) значи токму тоа што пишува: само што зборовите се споени заедно, за да ја одразат брзината на умот во дејство. Џојс често користел „портманто-зборови“, два или повеќе збора споени во еден нов. „Funferall“ е забавен погреб или забава за сите; „bisexcycle“ е бисексуалец или велосипед за секс. Тој ги извртувал и престижните имиња: така Шекспир станува Shakehisbeard, а Данте Алигиери – Denti Alligator.
Заплетот, доколку воопшто може да се зборува за заплет во „Финеганово бдеење“, се однесува на човек по име Тим Финиган, кој паѓа од скала, умира и повторно оживува кога некој му истура виски на лицето за време на бдеењето. Делото е замислено како универзална приказна за падот на човештвото, а ликот на Тим Финиган истовремено треба да биде Адам, Ное, Ричард III, Наполеон и ирскиот националист Чарлс Парнел. Навистина постои заплет во оваа книга, но тој не е, како што саркастично објаснил Џојс, таков што може „да се направи разбирлив со употреба на буден јазик, сувопарна граматика и пробивен заплет“. Во обидот да му биде целосно верен на вистинскиот живот во целата негова вистинска збунетост и сложеност, Џојс на крајот напишал книга што е фасцинантно и поучно нечитлива. Четвртата реченица од првото поглавје гласи: „Rot a peck of pa’s malt had Jhem or Shen brewed by arclight and rory end to the regginbrow was to be seen ringsome on the aquaface.“ Ова е потсетник колку многу прозата, кога ни изгледа логична и разбирлива, секогаш нужно претставува драстично скратување на она што навистина се случува во светот и во умовите на ликовите. Џојс ја турнал едната можност на реалистичниот роман до крајната граница – во подрачје подеднакво мистериозно, вознемирувачко и збунувачко како соништата на непознат човек.
Заклучок: За што служи уметноста?
Џојс го поминал поголемиот дел од својот живот пишувајќи. Што се надевал да постигне преку својата уметност? За што служи уметноста? Во „Портрет на уметникот во младоста“, Џојс му дозволува на својот гласноговорник Стивен да се обиде да формулира одговор. Тој тргнува по изненадувачки традиционален пат, користејќи два поима од средновековниот филозоф Свети Тома Аквински.
Првиот поим е Integritas: тоа значи дека уметникот е некој што се обидува со необична сила и интензитет да го согледа вистинскиот интегритет и идентитет на она што го проучува. Тоа може да биде дрво, историски миг или животот на фиктивен лик во Даблин од 20 век. Ние обично не го правиме тоа: навистина не се концентрираме на она што некој го кажува или го прави, ниту на тоа што навистина се предметите околу нас и како изгледаат – ретко издвојуваме и внимателно проучуваме. Уметноста има задача да го прави тоа за нас и да нè научи да го правиме тоа навикнато, како втора природа.
Вториот чекор за уметникот е да донесе Claritas, односно јасност, а тоа значи да се внесе светлината на разумот во поматните делови од искуството и животот.
Парадоксот е во тоа што Џојс навистина го направил токму ова, но во својот обид да биде јасен за тоа какво навистина е човечкото битие, создал дела што на места се целосно збунувачки за читателот што брза. Но тоа не треба долго да нè изненадува. Уметноста, онака како што ја разбира Џојс, треба да биде коректив на нашето природно, но опасно, слепило и невнимание, на клишеата и на пребрзото поедноставување. Ако понекогаш нè збунува, тогаш, според Џојс, знаеме дека таа правилно ја врши својата задача: нè буди повторно кон тајните кон кои премногу брзо сме станале слепи.
Погледнете го видеото во продолжение:
