Што читаше Кафе и книги во април?

Со сето ова што се случува со COVID-19, на човек да не му се верува дека толку бргу поминаа месеците. Еве, стигна мај, уште еден нов месец, а ние не знаеме каде заминаа претходните два. Но, што е – тука е, живиот човек на сѐ се навикнува. Но, некои работи не престануваат, а една од нив е традиционалната месечна листа со препораки за читање составени од книгите прочитани во изминатиот месец. Еве што читаше Кафе и книги во април и кои книги реши да ги издвои и да ви ги препорача! Сигурно ќе најдете нешто што ве бендисува и кое е по ваш вкус!

Човекот од високиот замок“ – Филип К. Дик

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт: Дали некогаш сте помислиле каков ќе бил светот доколку Хитлер издвојувал победа во Втората светска војна? Е па оваа книга се обидува да го замисли тој свет. САД е држава поделена помеѓу победиците во Втората светска војна: Нацистичка Германија и Јапонија и има една неутрална тампон зона. Светот е многу поинаков од оној што го познаваме денес.

Дистописката атмосфера и сивилото се чувствуваат на секоја страница, книгата е одлично напишана и навистина уверлива, едноставно читателот е убеден во вистинитоста на секој збор.

Сите ликови се поставени на вистинското место, а мистеријата околу тоа кој е Човекот од високиот замок нѐ тера да ја читаме книгата без да запреме. Освен тоа, самата книга е напишана и завршува на начин кој остава многу простор за толкување и тоа ми беше можеби и омилениот дел од книгата. Одлична! Навистина ја препорачувам!

Черчил: Моќта на зборовите“ – Винстон Черчил (уредено од Мартин Гилберт)

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Черчил е еден од најпознатите државници во светската историја и нема потреба да се даваат многу најави за него. Но, она што малкумина го знаат е дека тој бил навистина талентиран пишувач и раскажувач и има објавено многу книги во текот на својот живот, а во 1953 година ја има добиено Нобеловата награда за книжевност.

Оваа книга е збирка на говори и извадоци од неговите записи/есеи/книги/натписи и истите се уредени по хронолошки редослед, па така имаме увид во развојот на неговата кариера и најважните моменти во неговиот живот. Мене најинтересни ми беа записите околу и за време на Втората светска војна. Единствената забелешка која ја имав е тоа што преводот/лекторирањето на книгата има навистина многу проблеми, особено првиот дел од книгата.

Ланзароте“ – Мишел Уелбек 

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Има причина поради која Уелбек е толку контроверзен. Секоја книга ја пишува со отвореност, особено околу сексот, на начин на кој понекогаш на читателот може да му дојде премногу. Понекогаш, во желбата да шокира, за жал, се губат одлични и интересни поенти, затоа што сите се фокусираат на контроверзното.

„Ланзароте“ е уште една од тие приказни, кога нараторот решава да отиде на одмор во местото Ланзароте и таму запознава најразлични ликови. Она што мене ми остави најголем впечаток беа останатите текстови/есеи во книгата.

Одлични анализи за книжевноста, уметноста, општеството во целина. Ви ја препорачувам оваа книга, затоа што токму во другите текстови (освен „Ланзароте“) во полн сјај се прикажува неговиот талент и остроумен ум да даде точна „дијагноза“ за многу работи околу нас, во најсировата смисла на зборот, без зачини и контроверзии.

Сосед од пеколот“ – Р. Л. Метјусон

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт
: Ова е добра книга за досадно попладне кога човек сака да заборави на обврските и едноставно да го одмори мозокот од сѐ. Се работи за класична приказна за двајца кои не се поднесуваат и подоцна се развива силна хемија помеѓу нив. Иако е приказна која е позната, сепак има интересен хумор и стилот на раскажување е лесен и ќе ја завршите книгата за брзо време.

Хејли и Џејсон се и соседи и колеги, но таа не може да го поднесе заради неговиот стил на живот: женкар, гласен, прави што сака, а таа е сосема спротивно на тоа. Но, еден ден, сосема случајно сето тоа почнува да се менува и тие стануваат другари, иако е очигледно дека има хемија помеѓу нив. Доколку сакате романтични комедии и лесни приказни за опуштање, ова е дефинитивно книгата за вас!

„Весело млади“  – Манлио Канкоњи

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 3/5
Осврт: Ова е една навистина забавна книга која лесно се чита. Ја има добиено престижната награда „Стрега“ во Италија и има и зошто. Стилот на пишување е прекрасен, помеѓу сите згоди и незгоди кои понекогаш се чинат како да се излезени од некоја карикатура, има длабоки и интересни поуки и размислувања, особено за минатото, за она што засекогаш си заминало.

Се работи за една непозната долина, заборавена од светот и сите останати, а во нека жителите си имаат свои згоди и незгоди, свои копнежи и свои тајни. И тогаш, Карло се враќа од Америка по децении отсуство. И тогаш почнуваат да зовриваат страстите, но и љубомората… Интересна комедија!

Leave a comment