„Послушајте Македонци!
Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
~ Блаже Конески
Блаже Конески, основоположникот и кодификатор на современиот македонски јазик, го сметаше македонскиот јазик како една од главните нишки и столбови на македонскиот идентитет и ни порача да го чуваме и да внимаваме на него!
Македонија денес го одбележува 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.

Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава. Потоа, на 5 мај, 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, на 7 јуни 1945 година, се усвојува првиот правопис на македонскиот јазик. Со тоа, македонскиот јазик е официјално кодифициран и стандардизиран.
Македонскиот јазик е наш мајчин јазик, јазикот на кој ги изговоривме првите зборови, јазикот со кој растевме, учевме, се развивавме и јазикот со кој комуницираме со другите. Македонскиот јазик е јазикот на кој ги читаме сите прекрасни книги и преку кој го осознаваме светот и се спознаваме себеси.
Македонскиот јазик е јазикот на кој твореле Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Кочо Рацин и останатите македонски книжевни великани. Да не беше македонскиот јазик, никогаш немаше да ги имаме безвременските стихови и мисли кои ни се врежани во умот и срцето.

Во чест на Денот на македонскиот јазик, издвоив еден многу мал дел од моите омилени стихови од македонската поезија. Да ни е вечен и да го чуваме! ❤
„О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на
македонски
А никој не ја знае.“
~ Анте Поповски, „Македонија“
„И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!“
~ Гане Тодоровски, „Нашинска“
„Денови ли се — денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси“
~ Koчо Рацин, „Денови“
„Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.“
~ Петре М. Андреевски, „Кога ја љубев Дениција“
„Ќе нѐ има ли
да речеме тогаш
кога ќе нѐ нема –
ако нѐ немаше токму тогаш
кога требаше да нѐ има?“
~ Гане Тодоровски, „Прашања“
„Оваа песна до бесконечности продолжува
зашто никојпат не е таа сама:
сама се чита – сама се пишува:
Сама себеси врата – сама себеси клуч.“
~ Анте Поповски, „Таа“
„Но да се искачиш по својот глас не е умеење на птица
ни бунтување на ветерот во неветуваната мугра
и одново карпи и корење глуви тупаници ме јадат
но да се искачиш и повторно цели ридје се трупаат
врз еден глас врз еден глас врз еден глас“
~ Матеја Матевски, „Глас“
„насекаде околу мене стихови
врз мене стихови и под мене стихови
како нежни пеперутки како златна прашина
бегаат пред допирот како јато неми риби
во рибникот на небото кое златно свети
златно како молчење“
~ Игор Исаковски, „Залегнат врз стихови“
„Јас сакам да те знам
проѕирна, далечна, мила
од коприна те ткам,
од јасна ѕвездена свила.“
~ Блаже Конески, „Сон“
„нека ме шибаат ветришта
нека ме полеваат дождови
сите непогоди нека ме снајдат
само песни да ти пишувам
очите ти ги бакнувам како прво изгрејсонце после зандана“
~ Игор Исаковски, „Нека“
„Мојата улица е мала и безимена,
со обични радости и обични грижи,
и да нема зеница од сонцето подгорена
не ќе може ништо со светот да ја зближи.“
~ Ацо Шопов, „Обична улица“
„Таа ce појавуваше од секаде
и мојата брсјачка нежност ја споредуваше
со прошетките на војникот
посред друмот од куршумот.“
~ Петре М. Андреевски, „Летување“
„Книгите недочитани,
соништата недосонувани,
тоа ли беше животот?“
~ Анте Поповски, „TOHU VA BOHU 2“
„Стадо в кавал заљубено
ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено
Румено. Румено. Румено.“
~ Матеја Матевски, „Залез“
„До кај што сум ја пренесол својата љубов,
дотаму е мојата татовина.
А вие, еј!
На што сте смислиле да ја сведете?!“
~ Блаже Конески, „Татковина“
„Ти палиш и гаснеш сегде кај ќе поминеш,
а во мене останува огништето и во мене пепелта.“
~ Петре М. Андреевски, „Ти и јас“
„Ако си тргнал да стануваш поет,
раскажи им на луѓето
колкумина денеска со политика наместо со мотика
си градат имоти и среќа“
~ Гане Тодоровски, „Песна што треба да ја напишам“
„Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече“
~ Ацо Шопов, „Во тишина“
