На љубителите на книги не им требаат знаци, тие самите се свесни за својата зависност. Но, одвреме-навреме добро е да се опуштиме со еден забавен текст за книгите во кои несомнено ќе се препознаете. 🙂

Десет знаци дека сте зависници од книги:
Секојпат кога ќе погледнете во полицата со книгите (или целокупната домашна библиотека) размислувате како да ја преуредите за да има повеќе простор за нови книги. На крај заклучувате дека сепак ви е потребен поголем стан.
Повеќе време поминувате со библиотекарките во вашата локална библиотека отколку со некои ваши пријатели. Тие секогаш имаат некоја препорака за вас.
Најмалку еднаш неделно кажувате дека ќе ве избркаат од дома ако купите уште една книга. А сепак ја купувате. И сепак не ве бркаат од дома.
Во секој момент мора да имате книга за читање. Ако прочитате книга, а не ве чека друга, малку ве фаќа паника.
Секој слободен момент го поминувате на огласи или групи на Фејсбук барајќи ги книгите кои ви недостасуваат. Постојано ја проколнувате судбината затоа што книгата која ја посакувате ви ја земале пред нос.
Најмалку еднаш сте рекле или помислиле: „Можеби многу пари трошам на книги, ама барем не се дрогирам“.
Кога ќе влезете во книжарница со намера само да разгледате, си заминувате најмалку со една книга, а најчесто и повеќе. Истото се случува и кога ќе отидете во библиотека.
Кога ќе ви дојде платата, прва станица ви се групите и страниците со книги. Гугл и Фејсбук веќе ве знаат, па само такви огласи и линкови ви излегуваат.
Во секое време имате околу 20 непрочитани книги и секогаш се уверувате дека ќе ги прочитате пред да купите нова. Аха, да, сигурно.
Напамет ги знаете цените за достава на книги. И дури и соседите знаат да ви дофрлат: „А стигнаа книгите, а?“
