Што читаше Кафе и книги во март?

Дојде април, еден од најубавите месеци, кога пролетта се појавува во целиот нејзин прекрасен сјај. Април е прекрасен месец за читање, особено што овој месец имаме и неколку слободни денови за време на велигденските празници. Доколку ви треба инспирација, можете да ги погледнете овие неколку предлози составени од листата на книги кои ги прочитав во март.

Еден од нас лаже“ – Карен М. Мекманус

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Месецов некако ми беа потребни приказни кои ќе ме оттргнат од реалноста, а трилерите и мистериите се можеби едни од најдобрите за тоа. И затоа, баш ми е драго што налетав на оваа „тинејџерска мистерија“, во која четири тинејџери се трудат да ја откријат вистината за смртта на еден соученик кој умира токму пред нив. Ова особено се интензивира откако вниманието се насочува кон нив, односно тие стануваат потенцијални осомничени.

Секој од главните ликови е олицетворение на одреден средношколски стереотип: го имаме спортистот, амбициозната ученичка, бељаџијата и популарната девојка. На одредени моменти ме потсетуваше на филмот „Breakfast club“ од 80-тите, само што е сместен во денешно време и еден ученик умира. Забавна книга, која е лесно напишана, односно страниците летаат под вашите прсти и се чита за еден или два дена. Токму она што ми требаше, па можам да кажам дека „Еден од нас лаже“ се издвои како една од најинтересните книги кои ги прочитав во март.

Студија во скарлетна боја“ – Артур Конан Дојл

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Првото дело на Артур Конан Дојл во кој се појавува најпознатиот детектив на сите времиња, Шерлок Холмс и неговиот верен придружник и соработник Вотсон. Во ова дело гледаме како се запознаваат и го решаваат својот прв случај заедно.

Симпатичен вовед во серијалот за Шерлок Холмс и навистина е одлична книга за сите кои сакаат мистерии. Она што го сакам кај ваков тип приказни е што бараат посебен фокус и внимание од нас како читатели, за да се потрудиме да ги забележуваме работите како Шерлок, иако секако, тешко е човек да се мери со неговиот талент за дедукција.

Една неодолива љубов“ – Џули Џејмс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Секогаш кога имам потреба од бегство од реалноста и малку зачинување со романтика, се вртам кон Џули Џејмс која добро знае како да создаде лесна и забавна романса, во која има и хумор, а и ликовите се привлечни и интересни.

Во овој роман, главното дејство се врти околу Кејд, јавен обвинител и Брук, правна советничка во една голема фирма. Тие се запознаваат кога на обвинителството и ФБИ им е потребна соработката од фирмата на Брук, а хемијата е забележлива уште при првата средба на која се јавуваат и првите искри.

Доколку барате одмор од секојдневието и ви треба нешто кое ќе ви помогне да се исклучите од обврските, ова е добра книга за вас.

Повикот на кукавицата“ – Роберт Галбрајт

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Името Роберт Галбрајт можеби не ви звучи многу познато, но сигурно сте слушнале за Џ.К.Роулинг, авторката на серијалот за Хари Потер. Таа одлучила да го издаде овој роман под машки псевдоним, со цел јавноста и читателите да создадат свој суд, без товарот од популарноста на Хари Потер.

Се работи за трилер т.е мистерија, во која приватниот детектив Корморан Страјк добива задача да го истражи самоубиството на една од најпознатите модели, Лула Ланди. Тој е најмен од страна на братот на Лула, кој е очаен и не верува дека таа се самоубила, иако сите докази укажуваат на тоа дека токму тоа се случило.

Се работи за интересен трилер и доколку го сакате овој жанр, ќе ви биде интересна приказната, иако ќе ви треба и малку трпение, затоа што приказната многу бавно започнува да се развива и на моменти некои работи се повторуваат, без никаква додадена вредност на приказната. Сепак, вториот дел од книгата веќе добива подинамично и интересно темпо и ве наградува за трпението.

Последниот пат кога се сретнаа“ – Анита Шрив (The Last Time They Met – Anita Shreve)

Издавачка куќа: Little Brown and Company
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Долго време ми стоеше оваа книга на полиците, ја имав купено на штанд за половни книги на едно од моите патувања и обично секогаш се трудам да купам книга од патувања за да ми остане како спомен.

Месецов решив да ѝ дадам шанса и не згрешив, можеби не е големо ремек дело, ама најдов интересни меланхолични нишки кои ме поттикнаа на размислување. Се работи за средновечни луѓе кои се знаат уште од своите тинејџерски години, но животот постојано ги водел во различни правци. Тие се среќаваат после многу години, секој со својот посебен живот, а книгата преку „флешбекови“ ни го покажува нивното патување низ животот, некогаш заедничко, некогаш засебно.

Интересна приказна која допира до оние теми како каењето, загубата, изгубените шанси и животните околности.

Leave a comment