„Домот е таму каде што боли.“ ~ Горан Стефановски
Минатата недела се одржа долгоочекуваната премиера на „My name is Goran Stefanovski“ во режија нa Бранислав Миќуновиќ, а драматургот Бранислава Илиќ направи адаптација на текстовите од неколку драми на Горан Стефановски (Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“). Сценограф е Александар Дениќ, оригиналната музика е на Влатко Стефановски, за останатиот музички избор се погрижи Давор Јордановски, а Розета Трајческа Ристовска е задолжена за костимите.
Во претставата играат: Мето Јовановски, Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветаковски и Саша Димитриевска.
Зошто треба да ја погледнете претставата? Затоа што се работи за зборовите на Горан Стефановски. Седејќи таму во публиката, имав можност и прилика да гледам како зборовите на Горан, кои толку често ги читав и препрочитував во текот на овие неколку години, оживуваат на театарската сцена. Зборовите на Горан токму таму и припаѓаат, на „штиците што живот значат“. На тој начин, тој секогаш ќе биде тука со нас, а неговото наследство ќе се пренесува и на следните генерации. Додека ја гледав претставата, сфатив колку ми недостасуваше да ги гледам претставите на Горан на сцената и колку е тоа потребно за нашиот театар, уметност и општество, но и за нашиот колективен дух.
Друга причина поради која треба да ја гледате претставата е феноменалната актерска постава која навистина прекрасно ја заврши својата задача. Секој актер е совршено избран, секоја реплика прекрасно доловена, секоја сцена фантастично изиграна. Додека ја гледав претставата, се чувствував како да живеам со ликовите, заборавив на реалноста, а сцената беше единствената реалност која постоеше. Би можела поединечно да набројувам и издвојувам, но ќе кажам само дека целата актерска екипа беше фантастична, а последната сцена направи да ме полазат морници.
Треба да ја гледате претставата и затоа што Бранислав Миќуновиќ и Бранислава Илиќ создале прекрасна претстава, совршено одбрани сцени од драмите на Горан Стефановски кои прекрасно се „прелеваат“ и надоврзуваат едни на други, како една одлична и компактна целина, која постојано ве тера да размислувате, дури и откако ќе си заминете од претставата.
Секојпат кога ќе препознаев некоја од моите омилени реплики од некоја од драмите, дел од мене потскокнуваше од среќа, секојпат кога некоја реплика ќе беше изговорена на глас, а јас толку многу пати сум ја прочитала, чувствував некоја топлина во срцето – радувајќи се дека Македонија ја имаше среќата да биде родното место на една интелектуална и уметничка величина како Горан Стефановски, чии теми и размислувања се толку локални, но и толку универзални, а тоа е она што го прави толку голем.
Оваа претстава враќа дел од тие прашања, дилеми и теми, и тоа ги враќа токму онаму каде што припаѓаат – под сјајот на рефлекторските светла, а со сигурност и во умот на секој еден кој ќе ја погледне оваа претстава.
Неколку денови поминаа откако ја гледав претставата и сè уште имам порив повторно да ги прочитам драмите на Горан и повторно да ја гледам претставата и повторно да навлезам во уметничката реалност и да ги расчепкам сите оние прашања и дилеми кои текстовите ги поставуваат.
Искрени честитки до Драмскиот театар и сите вклучени во претставата!
Со сето срце ви препорачувам да ја погледнете!

